„Во одбрана на Дебар Маало“:„Нека се гради нова сала, но Жерновски да одговори на нашите барања“

Од здружението потсетуваат дека, „БАУЕР БГ“ е фирма која ги доби тендерите за голем дел од објектите во проектот Скопје 2014

Според најавата, Општина Центар ќе гради повеќенаменска спортска сала за 3.000 гледачи на местото предвидено за барокна катна гаража во важечкиот ДУП

СКОПЈЕ, 16.06.2017 – Граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар Маало“ преку својот  фејсбук профил до градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, упати отворени прашања во врска со изградбата на нова сала за КК „Работнички“ во Градски Парк, кадешто пак, според важечкиот план за парцелите околу стадионот стои изградба на катна гаража во сопственост на „БАУЕР БГ“

Здружението „Во одбрана на Дебар Маало“ ја поздравува најавата за изградба на нова сала за КК „Работнички“, но притоа како што велат, за да биде проектот до крај транспарентен и не остави отворени прашања, од градоначалникот Андреј Жерновски бараат да одоговори на следниве прашања и барања:

За парцелата во сопственост на „БАУЕР БГ“ (фирма која ги доби тендерите за голем дел од објектите СК 2014) беше предвидена катна гаража од 29м, а според важечкиот ДУП објавен на страната на општина Центар. Како и кога е направена пренамена на парцелата?

Според објавеното, проширена е локацијата за градба на салата. Кои парцели ќе бидат вклучени во новиот објект?

Дали е изготвено сообраќајно решение со кое се утврдува одржливост на објектот во кој е вклучена гаражата? Дополнително, ве молиме да го објавите сообраќајното решение за да сите бидеме уверени дека постоечката сообраќајна инфраструктура може да го издржи предвидениот нов сообраќај.

Дали се предвидуваат и други промени на поединечни парцели во овој план и кога ќе бидат јавно објавени?

 

Меѓудругото, од здружението велат дека одговорноста на потпишување на одлуките ја има самиот градоначалник, но нагласуваат оти, правото за прашања и информации им е загарантирано на граѓаните.

Потенцираат дека, бараат одговор на овие прашања од Жерновски, кој како што велат, три години им ветува дека, заедно со граѓаните ќе се бори против урбанистичкото силување на Дебар Маало  и Градскиот Парк.

Сега на самиот праг пред изборите најавува изградба на огромна зграда во самото срце на паркот, за која сметаме дека нема никаква логика да биде изградена во паркот. Особено не под сомнителни околности и во наплив на предизборен популизам.

Од Здружението „Во одбрана на Дебар Маало“ велат дека истото е формирано од граѓани кои се потомци на дебарчаните, кои ја изградија оваа населба и се населија во Скопје после првата светска војна, како и сограѓани од други краеви на Македонија и Скопје, кои се населени во оваа населба.

Целта на ова здружение е да му се спротивстави на како што велат „урбанистичкото насилство“ што му се случува на Дебар Маало низ годините од страна на локалната самоуправа.

Тие на својот фејсбук профил повикуваат на сплотеност и солидарност, со цел да се стави крај на ова насилно градење и уништување на преостанатата зелена површина во ова централно подрачје од Скопје.

Според новиот ДУП предложен од општината центар пазарчето Буњаковец ќе биде уништено, ќе се изградат повеќекатници од типот на оние што ги гради Џевахир во Аеродром, ќе се доуништи и онака малку престанатото зеленило, а ќе се срушат и последните стари куќи што нашите дебарчани предци ги изградија за на нивно место да никнат повеќекатници.
Ги повикуваме сите Дебарамаалци, поранешни и сегашни, да ставиме крај на ова насилство!, пишува на фејсбук профилот на здружението.

 

Целосното обраќање до градоначалникот Жерновски од фејсбук профилот на Здружението можете да го најдете на следниот линк: https://www.facebook.com/VoOdbranaNaDebarMaalo/photos/a.918724598195193.1073741828.917457981655188/1423437361057245/?type=3&theater

 

|2017-06-16T17:44:01+00:0016 јуни 2017|Актуелно|