СКОПЈЕ, 11.02.2018 – На денешен ден пред три години, поголема група студенти го окупираа Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, а подоцна и многу други факултети на УКИМ. Слободните факултети беа наречени „Автономни зони“.
Мотивирани од нападот на автономијата на Универзитетот од страна на тогашните централни власти, тие одржаа неколку протести и средби пред владата и пред Собранието на Република Македонија. Побараа автономија, но и слобода, повисок студентски стандард, побараа квалитет наместо бирократија, побараа да бидат вклучени во процесите на носење на одлуки.
Откако три поголеми протестни собири и неколку помали не завршија со посакуваниот исход за студентите и академската јавност, студентите се решија на чекорот кој за нив и за историјата на студентското движење беше доста значаен и револуционерен.
Тука може да се додаде и акцент врз целокупната историја на македонската протестна култура, овој чин значеше своевиден скок. Студентите во тоа време покажаа голем демократски и инклузивен капацитет и организациска спремност да направат еден чекор понатаму со преземање на одговорноста во свои раце.
Нивните заложби денеска се заглавени во политичките разидувања на политичките партии од власта и опозицијата кои се менуваат, но правилата на игра остануваат. Три години откако се случи „Автономната зона“ и многу други политички настани, предлог Законот за високо образование се’ уште е во фаза на „надмудрувања“ на различните инстанци на моќта во државата. Различни видови на интереси се плетат околу овој закон токму околу борбата околу правото на автономија и узурпацијата на истата.