СКОПЈЕ, 25. 01. 2018 – Откако претходните рочишта беа одложени поради разни причини, од неприсуство на обвинителството, недобивање на документација, до разгледување на документи, денеска продолжи судењето против Мариглен Демири и Здравко Савески од политичката партија Левица и Владимир Куновски. Тие се теретат за настаните кои се случија пред канцеларијата на претседателот на Република Македонија на 13 април во 2016 година. По тој повод претставници на политичката партија Левица одржаа прес конференција пред Основен суд 2 во Скопје, кадешто побараа како што велат, „да се стави крај на двојните стандарди во правосудството“.
Општата распределба на судиите, којашто се случи на почеток на оваа година не ги одмина и овие случаи. Со тоа, судиите во случајот на Савески и Куновски беа по втор пат сменети, додека кај Мариглен по прв пат. Сега по скоро двегодишно „влечкање по судови“ како што тие велат, се’ почна повторно од нула.
Надежно во случајот на Савески и Куновски е тоа што денеска имаше подолго рочиште од вообичаено на кое беа прашани по прв пат во речиси две години дали се чувстваат виновни – на кое Куновски и Савески се изјаснија дека не се виновни, и исто така, одбраната нивна побара од судот да се отфрли вештачењето врз кое се теретат Савески и Куновски, поради тоа што несоодветен законски државен орган го нарача вештачењето. Имено, тоа може да го прави само јавното обвинителство, а во овој случај нарачано е од Државното правобранителство. Нивното судење продолжува на 6ти март во 11 часот.
Закажаното рочиште на Мариглен Демири за денеска беше повторно одложено. Иако истото започна кај нов судија, обвинителката и овој пат како претходниот не присуствуваше на рочиштето поради присуство на друго судско рочиште. Наредното судење за Демири е закажано за 9 март оваа година.
На денешната прес конференција пред судот, од Левица повикаа да се стави крај на двојните стандарди во вравосудството.
„Ние знаеме дека, нашите членови се гонети од претходната влада, но не разбираме што е ова денес. Бидејќи тие ветуваа дека ќе дојде живот, но живот не дојде. Ова наликува повторно на режим бидејќи прогонот се’ уште трае“, потенцира Џејлан Велиу, член на президиумот на Левица.
Инаку, пред една недела, Обвинителството се откажа од кривичното гонење на пратеникот Павле Богоевски, кој беше едно од водечките лица на т.н. Шарена револуција. Богоевски беше обвинет за настаните на 18 април 2016 година, односно за боењето на фасадата на зградата на министерството за култура. Според него, клучниот аргумент за ослободувањето е дека вкупната предизвикана штета врз фасадата од приближно 15 илјади денари не е доволна за да има кривично дело.
Тој, после одлуката на Обвинителството, во интервју за своите довчерашни соборци изјави дека штетата за која се теретат Здравко и Мариглен е повисока од законскиот минимум и затоа тие не може да се ослободат по оваа основа. Богоевски и Савески, имаа можност да полемизираат за нивните гледишта околу ова прашање, но и за независноста на Богоевски како пратеник и економските мерки на новата Влада на дебатата на 24 вести, што се одржа овој понеделник.