Обвинителството го повлекува обвинението за пратеникот Павле Богоевски, останатите обвинети претставници на „Шарената Револуција“ продолжуваат по судови

СКОПЈЕ, 18. 01. 2018 –  Јавното Обвинителство се откажува од кривичниот прогон против сегашниот пратеник Павле Богоевски, кој се теретеше за боење на фасадата на зградата на министерството за култура на за време на протестите на т.н. „Шарена револуција“. Од друга страна пак, судските рочишта за Мариглен Демири и Здравко Савески се’ уште се одложуваат.

Обвинителството се откажа од кривичното гонење на пратеникот Павле Богоевски. Тој беше обвинет за настаните на 18 април 2016 година, односно за боењето на фасадата на зградата на министерството за култура.

На вчерашното судско рочиште се утврдило дека „никој нема право без одобрение на Заводот за заштита на спомениците на културата да презема какви било дејствија врз заштитениот објект, а уште помалку да го вештачи“ пренесува Либертас, веб порталот кој впрочем се повикува на изјавата на адвокатското друштво „Давидовиќ и Јанковиќ“.

На рочиштето се утврдило дека, единствената надлежна институција за утврдување на штета на вакви објекти е Заводот за конзервација.

Меѓутоа, со ова дело не завршуваат споровите коишто ги води обвинителството против учесници во „Шарената револуција“. Мариглен Демири и Здравко Савески се исто така обвинети за учество на протестите. Поточно, нивните обвиненија се за сторено кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

Дел од јавноста смета дека обвинението за Богоевски коешто е повлечено, всушност е чекор кон расветлување на тие настани. Меѓутоа, сепак постои сомнежот дека само лицата коишто во моментов се претставници на власта ќе ја имаат привилегијата нивните дела да бидат повлечени од страна на Обвинителството. Во таа насока, Богоевски за Макфакс изјави „Во постапка остануваат делата на Мариглен Демири и Владимир Лазовски. Tие не можат да се ослободат од гонење за оваа основа бидејќи штетата којашто е предизвикана таму е повисока од законскиот минимум којшто треба да е исполнет за да постои кривично дело“. Токму изјавата од овој тип ги засилува и ги оправдува тие сомнежи.

|2018-01-18T14:56:49+00:0018 јануари 2018|Актуелно, Вести|