(Видео) Левица: „Трудовиот инспекторат и Веро маркети да постапи согласно законот, во спротивно ќе продолжиме со протести“

СКОПЈЕ, 11.01.2018 – Денес пред маркетот Веро-5, во близина на Авто-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ) стотина граѓани излегоа на протест, со цел да се солидаризираат со бесправно отпуштената работничка од маркетот за време на нејзиното боледување. Левица е единствената политичка партија, којашто се солидаризира со работничката. Тие бараат од трудовиот инспекторат и Веро маркетите, како и од секој газда, да постапува според законите во државата, во спротивно нагласуваат дека, ќе протестираат за секој ваков случај

Кети Лешко е бесправно отпуштената работничка од Веро маркетот, којшто се наоѓа до АМСМ и поликлиниката „Идадија“ во Скопје. Таа е мајка на болно дете, коешто чека операција. Поради тоа, со потврда од доктор, дека треба да биде со своето дете, таа останала на боледување. Кога се вратила на своето работно место, претпоставениот во маркетот усно и соопштил отказ од работа. Законот за работни односи, не дозволува усно отпуштање од работно место. Работодавецот во неколку наврати извршил прекршување на законот со тоа што однапред писмено не ја предупредил работничката, како и со тоа што ја одјавил од Агенција за вработување (АВРМ) на ден пред истекот на нејзиното боледување.

„Отказ добив усмено на 05.01. Отидов на своето работно место после моето боледување и усно ми беше кажано, ’што бараш ти овде’. Реков, ’дојдов на работа, како што е ред после боледување да се пријавам’. Ми рекоа дека, немам образ како лажов за дијагнозата на моето дете јас да бидам присутна на работа. Барав отказ (писмено), ми рекоа, ’ние така одлучивме, а за понатаму ќе видиме’ и за имав минута-две да го напуштам маркетот со обезбдување“, вели Лешко.

 

Таа се сомнева дека, работодавецот односно претпоставениот скроил вакво сценарио за на нејзино место да биде вработено друго лице. Според неа, овие сомнежи ги потврдува фактот што претходно не била ниту опоменета, ниту пак добила некаква санкција или казна, дека не ги извршува работните обврски. Претпоставениот и вршел притисоци и мобинг четири дена пред да го добие отказот.

„Имав мобинг четири дена пред да го добијам отказот, со пораки по телефон, со вознемирување и закани преку колеги“, потенцира таа.

Случајот Лешко го пријавила во Трудовиот инспекторат и се надева оти, правдата ќе излезе на виделина.

Левица е единствената политичка партија во Македонија, којашто стои на страната на работниците и се бори за нивните права. Со поддршката која денес и’ ја дадоа на бесправно отпуштената работничка, тоа го покажаа на дело.

„Веро маркети се поставува над законите на Република Македонија со овој акт. Во Македонија работничките права не смеат да се игнорираат и ниту еден маркет, вклучително и Веро маркети, не смее да си дозволи да се поставува над законите.

Бараме од Веро маркети под итно да ја вратат работничката на работа и да не ги прекршуваат работничките права во иднина.

Бараме од трудовиот инспекторат да постапува согласно закон и да види кое прекршување на законот е извршено од страна на Веро маркетите.

Ако Веро маркетите и трудов инспекторат не постапуваат согласно законите на Р.М. Левица и понатаму во овој случај ќе се ангажира и ќе обезбеди, онолку колку што е во нејзина можност, да се спроведуваат законите во Р.М. и да престане конечно кршењето на законите. Случајот на оваа работничка е типичен за ситуацијата во Македонија. Многу работници на овој начин страдаат и не можат да си го вадат лебот. Таа практика мора да престане и ние ќе протестираме и во идни вакви ситуации“, нагласи Здравко Савески од Левица.

Од внатрешни извори дознаваме дека, ова не е прв и единствен случај во Веро маркетите работник да биде отпуштен на ваков незаконски начин. Се чини дека, овој работодавец си дава за право често да отпушта работници и тоа токму на ваков начин од типот, „од утре не доаѓај“. Минатата година биле отпуштени околу 300 работници, а во минатите години неколку илјади.

Ова е еден од стотици илјади случаи, со коишто секојдневно се соочуваат угнетените работници на различни места во државава. Најголем дел од нив се плашат и да зборуваат во јавност за мобингот, притисоците и секојдневното прекршување на нивните работнички права. Денешниот протест и солидаризирање со Лешко е еден вид поттик за работниците да го кренат својот глас и да се борат за своите права. Освен членови на Левица, на протестот присуствуваа и други граѓани, коишто не се политички активни, но свесно ја изразија својата солидарност со работничката.

На следното видео може да ги проследите изјавите на отпуштената работничка Кети Лешко и на членовите на Левица, Здравко Савески и Зоран Василевски.

Автор: Ѓорѓи Пулевски

Фотографии: Сенада Ибраимова