Здравството без министер, болниците без лекари

СКОПЈЕ, 16. 11. 2017 – Македонија веќе извесен период е без министер за здравство. Јавното здравство наместо да напредува и да се подобрува, тоа стагнира и се влошува. Секојдневно низ социјалните мрежи можат да се забележат донаторски акции за собирање на средства за лекување на заболени од различни малигни заболувања. Буџетските средства за 2018 година, ни оддалеку не предвидуваат реформски и широки инвестиции во здравството. Младите лекари со брзина на светлината ја напуштаат Македонија, бидејќи овде не гледаат никаква перспектива.

Помина еден месец откако заврши првиот круг од локалните избори, владата на Република Македонија се’ уште е без министер за здравство. Поранешниот министер за здравство, а сега веќе и градоначалник на Општина Гостивар, Арбен Таравари со својата кандидатура на локалните избори ја разочара јавноста во Македонија.

Македонија, од тродецениското владеење на политички естаблишмент во независна Македонија бележи галопирачки пад на услугите на јавното здравство. За време на владеењето на поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ, здравството преживеа сериозни реформи, коишто сериозно удрија по ‘рбетот на здравствениот систем и него го дотолчија со додатната приватизација.

Приватизацијата со години се случуваше преку инвестирањето во приватните болници од страна на надворешни компании и инвеститори, на кои им се придружија патем и домашни инвеститори. Додека пак, вториот чекор беа безначајните инвестиции во јавното здравство, ниските плати на здравствените работници, привидното опремување на болниците, недоделувањето на специјализации за новодипломираните студенти, нефункционалноста на „мој термин“, и крајното исклучување од можноста за ефективно лекување на голем дел од популацијата во Македонија.

После повеќе од една деценија доприватизација на општествениот капитал и на јавното здравство преку најразлични методи од страна на една политичка и економска елита, дојде до промена на власта. Очекувањата беа големи, одговорноста уште поголема, додека трпението на јавноста на работ на издржливоста.

Очекувањата од претходниот министер за здравство, Таравари, беа големи, земајќи предвид дека во минатото тој ресор обично го водеа лица кои не доаѓаа од тој домен. Министерот од претходната власт, Никола Тодоров е правник, и е еден од „најзаслужните“ за неуспешните реформи на јавното здравство и за воведувањето на системот „мој термин“. Дневнополитичките пазарења и пресметки помеѓу политичките партии одат на сметка на граѓаните, особено на сметка на оние кои не можат да си дозволат лекување во приватните болници, додека лековите со коишто си го „крпат“ животот или ги нема, или постојано доцнат, поради различните бирократски и финансиски односи.

Битолската клиника сведена на провинциска амбуланта

Битола веќе долги години е на водечкото место по белодробни малигни заболувања и срцеви болести. Неколку години по ред, новинари од Битола пишуваат и алармираат за појава на белодробни инфекции кај деца, алергии, кашлици, но и за случаи на појава на канцер кај деца. Според лекарите, но и според многуте истражувања направени од најразлични релевантни инстанци, генерално причината за ова е загадениот воздух.

Битола секоја вечер, редовно, во грејна сезона, бележи висок степен на присуство на канцерогени и токсични материјали во воздухот. Од друга страна, битолската клиника со години ги намалува капацитетите за справување со овие појави. Недостатокот од медицински персонал, особено лекари специјалисти ги оневозможува процесите на лекување и превенција на појавите на белодробни заболувања кај деца и возрасни. Во ситуација во која недостигаат над 120 лекари специјалисти, системот „мој термин“ никако не може да одговори на потребите на граѓаните.

Меѓутоа, Битола не е единствениот град којшто настрадал од лошите политики на сите минати власти по осамостојувањето на Македонија. Во Пелагонискиот регион јавна тајна е дека лекари од Битола, коишто се вработени во битолската клиника, секојдневно патуваат до Прилеп, Демир Хисар, но и до Охрид, а има случаи каде лекари специјалисти од различни домени од Охрид и од Прилеп патуваат во Битола. Така постојано се создаваат „дупки“ и потреба од лекари, додека заболувањата не стивнуваат, а исто така не се намалува ниту загадувањето, за кое државата нема се’ уште објавено ниту план, ниту идеја, ниту пак временска рамка од кога до кога ќе се преземат чекори за решавање на проблемите во доменот на екологијата и на здравството.

Со истите проблеми, се соочуваат и клиниките и болниците во сите градови во Македонија. Граѓаните чекаат решенија, брзи и ефективни, а помина еден месец откако е завршен првиот круг од локалните избори, но, се’ уште не е назначен нов министер за здравство.

Политичарите си ја тераат по старо

Со објавата на предлог буџетот за 2018 година од страна на владата на Република Македонија, се потегнаа многу прашања околу приоритетите на новата влада. Јавноста праќа сериозни забелешки во однос на зголемувањето на буџетот на патните трошоци и издатоци за функционерите, особено за пратениците во собранието. Од друга страна, предвидувањата на буџетот за здравството остануваат исти со некои минимални промени како што е покачување на платите на вработените во јавните здравствени установи од 5%, додека промената во однос на вкупната здравствена заштита е 1.1 милијарда денари повеќе од минатата година.

Меѓутоа, не се предвидуваат нови специјализации, иако голема е потребата од лекари специјалисти. Тие млади специјализанти кои решиле да останат во Македонија и да специјализираат со сопствена инвестиција, немаат никакви примања а немаат ниту здравствено и пензиско осигурување. Додека, оние кои се платени, земаат многу низок износ. Оттука настанува и бесот и незадоволството кај многумина млади лекари кои чекаат огласи за специјализација, а кои немаат можности за приватна специјализација. Нивната реакција, се чини е оправдана, особено кога на вагата на проблемот натежнува и фактот дека постојат специјализанти кои доаѓаат од внатрешноста на Македонија во Скопје, а на истите не им се платени патни трошоци и издатоци, а за пратениците не само што се предвидени, туку и зголемени.

Можеби тоа е и причината да се каже дека политичарите си ја тераат по старо и дека секогаш се конструктивни кога се во опозиција, меѓутоа кога доаѓаат во позиција на власт стануваат анемични на предизвиците за кои ја побарале власта.

Според проценките на Асоцијацијата на млади специјалисти и лекари, за неколку години Македонија ќе остане покуса за 2000 лекари, кои поради старост треба да заминат во пензија. Од друга страна, младите лекари кои немаат специјализирано често се отселуваат во западна Европа каде специјализираат и каде трудот им е платен многу подобро отколку во Македонија. Од јавното здравство, во последниве десетина години, се забележани и многу „трансфери“ од јавните во приватните здравствени установи. Причината е истата како кај оние кои ја напуштаат Македонија, односно ниските плати во здравството.

 

|2017-11-16T10:07:06+00:0015 ноември 2017|Актуелно, Вести, Став|