Живот за сите во Струга и Тетово со старите градоначалници на ДУИ


Заврши и последниот чин на „референдумското изјаснување“ За, или Против долгогодишното владеење на ВМРО ДПМНЕ“. Првиот чин заврши со делумна промена на централната власт, кога на неприкосновениот ДУИ во владината коалиција му се придружи СДСМ.
После цели 12 години, СДСМ доби шанса да организира локални избори од позиција на централна власт. И ги организираше мајсторски. „Планот за живот“ од парламентарните избори премина во „Живот за сите“ на локалните, и доби неспоредливо повеќе приврзаници. Во вториот и последен чин, СДСМ со препуштени само 5 градоначалници на противникот, го победи и најдобриот резултат на ВМРО ДПМНЕ како организатор на локални избори. Победата на СДСМ не е засенета ниту од сомнежите на дел од учесниците во изборната трка за големи нерегуларности во изборниот процес. Победата на СДСМ е засенета од првите „знаци на живот“ на цврстата антритежимско-режимска коалиција. СДСМ и ДУИ беспоштедно се поддржуваа на овие избори. Сиво и тмурно, „животот за сите“ дојде во Струга и во Тетово.

СДСМ ја сработи домашната задача „поддржи го секој кандидат на ДУИ во вториот круг, онолку колку што е потребно“

Стружани би требало да се почестени што Рамиз Мерко ја напушти вице-премиерската функција во владата на Зоран Заев, за да стане по трет пат татко на градот. Сепак, стружани го паметат владеењето на Рамиз Мерко од периодот 2005 – 2013. Сметката ја испорачаа на локалните избори во 2013 година, кога кандидатот на ДУИ не успеа да влезе ниту во вториот круг. Но, на крилата на цврстата антирежимско-режимска коалиција, Рамиз Мерко влезе во вториот круг. Додека противкандидатот на Мерко од вториот изборен круг, Зијадин Села обвинуваше за масовни случаи на предизбоен поткуп, СДСМ молчеше. Молчеше преку министерството за внатрешни работи, кое го води министер од највисокото раководството на СДСМ, министертво на чие секторски и подрачни челни позиции се кадри на СДСМ. СДСМ молчеше и покрај фактот што ако имало масовни случаи на поткуп, тоа директно значи дека и нивниот кандидат е нерегуларно и незаконски исфрлен од изборната трка. Разликата во првиот круг меѓу кандидатите на СДСМ и ДУИ беше само 2%.

Вториот изборен круг даде двосмислен одговор на дилемата од претходниот текст на Гласник, кој ја обработи темата, „Дали стружани повторно ќе се стават во служба на директивите од партиските централи?“.

Од една страна, вториот круг забележа рекорден пад на излезноста од 46 проценти. Дефакто, за мнозинството граѓани на Општина Струга, новиот градоначалник е легален, но, не и легитимен. Мнозинството граѓани на Општина Струга го бојкотирале вториот изборен круг, неможејќи да одлучат кој од кандидатите е помало зло. Ваквиот очигледен бојкот укажува на фактот дека стружани не се ставиле во служба на директивите од партиските централи.
Од друга страна пак, компаративната анализа на резултатите од првиот и вториот изборен круг, укажува видлива разлика во порастот на гласовите за Рамиз Мерко и порастот на гласовите за Зијадин Села. Мерко забележа раст од 6029 гласа, а Села забележа раст од само 3868 гласа. Очигледно СДСМ ја сработи домашната задача на тема “поддржи го ДУИ секаде каде што настапува во втор круг“ во толкав обоем, колку што е потребно. Директивата од партиската централа беше пратена и покрај разочарувањето на стружани од резултатите по првиот изборен круг, и јасното незадоволството на самиот партиски огранок во Струга од целиот изборен процес и настаните кои го опкружуваа.
Рамиз Мерко, ќе има шанса да најде решение за депонијата која го труе Струга, проблем кој се отвори за време на неговиот прв мандат, проблем кој постоеше за време на неговиот втор мандат, а кој ескалираше за време на мандатот на Зијадин Села.
Дали некои стружани кои беа активни на протестите против депонијата, и за чист воздух во Струга, гласаа за еден од соучесниците во креирањето на проблемот со необезбедената депонија, нема да дознаеме. Може само да претпоставуваме.
Во секој случај, „Живот за сите во Струга“ значеше трет мандат за Рамиз Мерко по четиригодишна пауза. Според логиката на поддршка на стариот кандидат на ДУИ за СДСМ, „Животот“ во Струга бил прекинат за времето на Зијадин Села. Сега продолжува под старо-новото водство на Рамиз Мерко и ќе финишира за 4 години со „Живот за сите“.

Примерот со Тетово покажува дека, СДСМ од рушач на режим стана најголем заштитник на режимот на ДУИ

Тетовчани немаа “интересна“ изборна трка каква што имаа Стружани. СДСМ воопшто не извади свој кандидат во првиот круг. Непосредно пред првиот круг, СДСМ и ДУИ ја потврдија предизборната коалиција и меѓусебна соработка во градовите во кои еден од нив нема пријавено кандидат. Во вториот круг, битката се водеше меѓу Теута Арифи од ДУИ и Билал Касами од БЕСА. Трката беше неизвесна. Кандидатот на ДУИ победи со мала разлика. Директивата од партиската централа на СДСМ за поддршка на кандидатот на ДУИ во овој случај тешко е да се спори дека не беше пресудна. Гледано од перспектива на албанскиот блок на политички партии, СДСМ со подршката на ДУИ, ефективно ги спречи останатите партии од албанскиот блок да го срушат режимот на ДУИ барем на локално ниво. Гледано од перспективата на гласачот албанец, СДСМ веќе ја сменил улогата. Од рушач на режим, СДСМ сега стана најголем заштитник на режимот на ДУИ, и на централно, и на локално ниво.
Во колкав број тетовчани, кои беа активни на протестите за чист воздух во Тетово, истовремено гласале за оној кој не ги решаваше пробемите со загадувањето, односно за Теута Арифи, нема да дознаеме. Може само да претпоставуваме.
Во секој случај, „Живот за сите во Тетово“ значеше дека Теута Арифи од 2017 го ослободи Тетово од Теута Арифи од 2013. Според логиката на поддршка на стариот кандидат на ДУИ за СДСМ во Тетово, „Животот“ бил продолжување на владеењето на Теута Арифи и ќе финишира за 4 години со „Живот за сите“.

 

|2017-11-01T08:58:45+00:001 ноември 2017|Актуелно, Став|