КАВАДАРЦИ, 31. 10. 2017 – Фабриката „Фени индустри“ оди под стечај. Денес Основниот суд од Велес објави дека е отворена претходна постапка. Банките кои се доверители во случајов, поради недоволно доверба и гаранции не ги прифатиле новите сопственици.
Пред десетина дена, Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) пред јавноста изјави дека, работниците од „Фени инустри“ ќе можат да здивнат, бидејќи како што рекоа, фабриката ја купува бугарската компанија „Енекорд“. Според оваа најава, новите бугарски сопственици требаше да ги исплатат сите долгови на топилницата заедно со досега неисплатените плати на работниците.
На средбата беше кажано и дека фабриката ќе биде продадена за 1 долар на фирма, којашто ќе ги покрие сите долгови создадени од претходните раководители. Таму заедно со работниците и со претставниците на СИЕР, беше присутен и вицепремиерот на владата на Република Македонија, Кочо Анѓушев. Неговите гаранции дека фабриката ќе профункционира додадоа димензија на релевантност на овие ветувања.
Десет дена подоцна, фабриката влегува во постапка за стечај. Ова утро централниот регистар, постапувајќи по пријава на Основниот суд во Велес, објави дека, веќе е отворена претходна постапка за стечај. Со тоа, раководството на фабриката доби општа забрана за располагање со имотот.
Една од причините зошто е започната оваа постапка, е тоа што банките како доверители немаат дадено таква согласност. Тие во исто време и се сомневаат дека со оваа компанија можат да склучат договор за продажба.
Претставникот на СИЕР, Пеце Ристески, на тогашната средба ги охрабруваше работниците за договорот со „Енекорд“. На крај, сепак договорот пропадна и над 850 работници остануваат на цедило.
Дел од работниците сметаат дека, прославата за наводната продажба на „Фени индустри“ била само една предизборна игра на партијата на власт. Тие сметаат оти, авторитетот на Кочо Анѓушев како гарант требало да придодаде доза на ентузијазам дека нештата се средуваат во државава.