СКОПЈЕ, 01.06.2017 – На денешната прес конференција по повод синоќешното изгласување на нова влада, Левица го поздрави крајот на како што велат, авторитарното владеење на ВМРО – ДПМНЕ и Никола Груевски. Притоа нагласија дека, новата влада пред себе има одговорна задача. „Новата влада не треба да владее во интерес на бизнис елитите, туку во интерес на обичниот народ“, порачаа од Левица.
Според Здравко Савески, член на Президиумот на Левица, новата влада предводена од Социјал Демократскиот Сојуз на Македонија, не треба да ги применува политиките на поранешната влада на ВМРО – ДПМНЕ, но и како што вели тој, не треба да владее како во периодот пред 2006 година. Тој додаде дека, ако СДСМ спроведува веќе видени политики, голем дел од народот кој се бореше против режимот, ќе биде разочаран.
Левица очекува од новата влада да стави крај на клиентлизмот. Како што изјавуваат тие, оваа влада не смее да ја продолжи практиката на поставување на раководни функции на „заслужни партиски кадри“ и наместо тоа, пополнувањето на раководни функции треба да го врши преку распишување на конкурски, на кои ќе бидат избрани најквалификуваните кандидати, без разлика дали се членови на партии или не. Тие истакнаа дека, очекуваат не само нова влада, туку една поинаква влада од сите претходни влади на Македонија.
„Левица будно ќе ги следи активностите на новата влада. Оние чекори кои ќе бидат исправни и во корист на обичниот народ Левица, ќе ги поздрави. Оние чекори кои ќе бидат на штета на обичниот народ, ние ќе ги критикуваме“, истакна Савески.
Осуда за кадровскиот состав на новата влада
Тие исто така го поздравија укинувањето на Екстерното тестирање, коешто патем нагласија дека, беше дел од изборната програма на Левица. Но, упатија критика до кадровскиот состав на новата влада.
„Го осудуваме тоа што вицепремиерот за економски прашања повторно ќе биде претставник на крупниот капитал, и тоа не дава добра најава дека, во Македонија ќе се води политика во корист на обичниот народ. Исто така, го осудуваме тоа што се продолжи со практиката на поставување на голем број на министри без ресор. За потсетување,претходната влада предводна од СДСМ имаше само еден министер без ресор. ВМРО – ДПМНЕ воведе дури седум министри без ресор, СДСМ ја продолжи таа практика“, вели Савески.
Според Левица, овие функции се непотребни, бидејќи му носат само штета на буџетот на Македонија. Тие наласуваат дека, оваа пракса е најава дека, и при пополнувањето на раководните функции во институциите ќе се врши распределба по партиска припадност, наместо како што велат, преку конкурс да се утврдат најквалификуваните кандидати.
Инаку, парламентот синоќа изгласа доверба на новата влада на премиерот Зоран Заев. За новата влада гласаа 62 пратника, 44 беа против, а пет беа воздржани. Во новата влада, според предлог – составот доставен од страна на Заев, министри има коалицијата предводена од СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120 – членото Собрание.
Од редовите на СДСМ и коалицијата Радмила Шеќеринска е министер за одбрана, Оливер Спасовски – за внатрешни работи, Драган Тевдовски – за финансии, Никола Димитров – за надворешни работи, Рената Тренеска Дескоска – за образование и наука, Горан Сугаревски – за транспорт и врски, Љупчо Николовски – за земјоделство, Мила Царовска – за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски – за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски – за култура. Кочо Анѓушев е министер без ресор и ќе биде вицепремиер за економски прашања. Министри без ресор се и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.
Министри без ресор од ДУИ се Хазби Лика, Бујар Османи, кој ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, и Рамиз Мерко. Садула Дураку е министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши министер за економија и Билен Саљији министер за правда.
За третиот владин коалиционен партнер, Алијансата за Албанците, остануваат министерствата за здравство и за локална самоуправа.