Изложба на тема „Тито во Африка – слики на солидарноста“ во Јавна соба

СКОПЈЕ, 25.10.2017 – Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ по повод својот втор роденден, задутре на 27 октомври ќе отвори изложба насловена како „Тито во Африка – слики на солидарноста“, којашто е настаната од проектот „Socialism Goes Global“  на Универзитетот од Ексетер од Велика Британија и Музејот на Југославија од Белград

Организаторите го избраа Скопје за прв домаќин на оваа изложба меѓу другите градови на поранешна Југославија, поради тоа, како што велат тие оти, „тој е град на солидарноста“.

 

Организаторот на изложбата соопштува дека, „Тито во Африка – слики на солидарноста“ се гради низ променлив однос на две основни компоненти и тоа, друштвените вредности на солидарноста и антиколонијализмот и формалната репрезентација на меѓудржавните средби на највисоко ниво.

Според истражувачите на проектот од кој е настаната изложбата, на постјугословенските простори впечатлив е недостигот од знаење за текот на антиколонијализмот, наспроти неговото нсомнено присуство во јавниот дискурс од средината на 20 век.

Авторите сметаат дека, тоа што најмногу загрижува е недостатокот на свест за негативното наследство од колонијализмот, кое продолжува да се спроведува преку културната и образовната политика и презентација во светски рамки.

Оваа изложба, ќе биде отворена на 27 октомври во 20:00 часот, а ќе трае до 20 ноември. Влезот за сите посетители е слободен.

 

|2017-10-26T10:33:06+00:0025 октомври 2017|Актуелно, Вести, Култура|