(Интервју) Александар Митров, кандидат за градоначалник на општина Центар од Левица: „Фокусот ни’ е човекот, ќе се обидеме и да го освестиме и мотивираме што повеќе да зема учество во одлуките и креирањето на политиките на општината“

Александар Митров е роден во Скопје во 1983 година, и оттогаш е жител на општина Центар. Основно и средно образование завршил во училишта во општината, „Кочо Рацин“ и „Јосип Броз – Тито“ а дипломирал на Факултетот за политички науки и меѓународни односи при „ФОН Универзитет“ – Скопје.

Во моментот има професионални ангажмани како туристички водич на шпански и англиски јазик и како инструктор по Аргентинско танго. Има работно искуство во различни области почнувајќи од продажба, угостителство, финансиска институција за брз трансфер на пари, на проекти од областа на промоција и унапредување на работничките права, воведување на елетронски дневник во градинките во РМ и друго.

Основач е на Движењето за социјална правда „Ленка“ во 2008 од кога почнува неговиот поактивен политички ангажман. Тој е еден од предводниците и најистакнатите поединци на протестите против полициска бруталност во 2011 година. Еден е од основачите на Левица во 2016 година.

Во пресрет на локалните избори, коишто ќе се одржат во недела на 15 октомври, Гласник разговараше со Александар Митров, кандидатот за градоначалник на општина Центар од политичката партија Левица.

Гласник: Студираше политички науки и меѓународни односи, основач си на Движењето за социјална правда „Ленка“, во моментот професионално си ангажиран како туристички водич на шпански и англиски јазик и како инструктор по Аргентинско танго. Како Митров ги спојува политиката и тангото?

А.М. – Тангото се роди и се разви во услови на силна индустријализација и урбанизација на Монтевидео и Буенос Аирес кон крајот на 19тиот век, кога работната сила се состоеше од мажи дојдени од европа во потрага по збогатување во Америките. Тоа по својата генеза е поврзано со експанзијата на капитализмот и неговата потрага по нови пазари и нова работна сила. Во такви услови, човекот оттуѓен од природата, далеку од родниот континент, во недостаток на женска популација, својата фрустрација од отсуство на интимност со семејство, со партнер и со природата, се свртува кон внатре и креира слоевита лирска поезија и музика која подоцна ја адаптира и за танц кој ја велича потребата од топла човечка прегратка.
Тангото упатува на потребата од заедница, а тоа е суштината на политиката.

Гласник: Како ја оценуваш досегашната работа на актуелниот градоначалник Андреј Жерновски и кои се според тебе најгорливите проблеми со коишто се соочуваат жителите на општина Центар, а идниот градоначалник би требало да ги реши?

А.М. – Разгледувајќи ја дебелата книга која Општината Центар ја објави како негов отчет увидов и се потсетив на убави естетски решенија за мали паркови, интересни светилки, отворање на канцеларија на младински совет, две библиотеки. Но, останува чуството дека многу од тие работи се неискористени и најмногу живот покажуваат на фотографиите.  Козметички направи доста за општината но, суштински политички промени не видовме, затоа што не застана на патот на урбанистичката експанзија на Водно и не ја вклучи јавноста во донесувањето на одлуките за трошењето на парите од општинската каса.

Гласник: На една од твоите прес конференции зборуваше за огромните суми потрошени пари за Боемски улици од страна на сегашниот градоначалник Жерновски. Неговата работа ја оценуваш како продолжение на проектот „Скопје 2014“. Каков е ставот на Левица и твојот како кандидат за градоначалник во однос на прашањето „што со проектот Скопје 2014“, коешто беше актуелно периодот по смената на власта, а за којшто проект претходно СДСМ најавуваше темелно преиспитување, како и прекин на проектите како што е Панорамското тркало и слично?

А.М. –  Ставот на Левица е дека треба да го ослободиме коритото на рекаата Вардар од градежните работи и материјали, и дека треба да се понуди решение за дислокација на спомениците кои доминираат и го узурпираат просторот. Тоа подразбира и рушење на објекти. Но, според мене најважно е овој пат граѓаните преку реферундум да дадат легитимитет за активностите кои би ги презеле одговорните власти.

Гласник: Едни од најгорливите проблеми во Општина Центар се пренатрупаниот сообраќај, окупирани тротоари од возила и летните бавчи на угостителските објекти (посебно во Дебар Маало), менување на ДУП-ови за неплански и неконтролирани градби, продавањето на градските пазари, а со сето ова, зголемување на социјалната неправда, односно се’ поголемо богатење и висок стандард на живеење за богатите, а од друга страна осиромашување на оние кои ионака не се богати, како и намалување на нивниот лош стандард на живеење. Кој е вашиот став околу овие прашања? Кои се мерките кои би ги преземал како градоначалник, за решавање на овие проблеми?

А.М. –  Сите овие прашања се решливи, а како и со кои мерки ќе ги решиме ќе видиме, кога ќе добиеме прилика. Можам само да нагласам дека во фокусот ни’ е човекот, а тој примарно во сообраќајот се појавува како пешак, а ќе се обидеме и да го освестиме и мотивираме што повеќе да зема учество во одлуките и креирањето на политиките на општината. Колку повеќе граѓаните се вклучени и информирани за работата на општинската администрација и општинските власти, толку повеќе се намалува можноста за мито, корупција и  изигрување на законите за личен, партиски или бизнис интерес на одредени функционери или чинители на политики во општината.

Гласник: Дали сте задоволни од кампањата? Со оглед на тоа дека, најголемиот медиумски простор е окупиран од страна на двете најголеми политички партии, што на тебе како кандидат од Левица (партија којашто знаеме дека не е финансирана од никого и којашто е предводена од работници) ти помогна во кампањата да допреш до гласачите и да ја претставите вашата програма? Нема еднаква медиумска покриеност, немате финансии за видео спотови и билборди. Како Левица води кампања?

А.М. –  Мене лично не ми се допадна што не бев повикан во неколку ТВ дебати, каде беа повикани другите кандидати. Тие самите можеле да споменат дека има уште еден кандидат.. Особено нефер беше што кандидатот на СДСМ сам гостуваше во една таканаречена ТВ дебата, каде што јас не бев повикан, а третиот кандидат одбил да присуствува.
Ние со граѓаните се среќававме на улица, покривајќи одредени делови од општината и градот и го користевме Фејсбук како најкористена социјална мрежа. Во последниве два дена ќе се обидам и да поминам до домовите на некои граѓани да видам како реагираат гласачите на тоа. Досега мнозинството од граѓаните на улица реагираа позитивно на средбите и разговорите, но исто така преовладуваше и песимизмот дека работите можат да тргнат на подобро и дека може да постои политичка партија која ќе работи во интерес на граѓаните.

Гласник: На крај, што имаш да им порачаш на гласачите на општина Центар и кои се твоите очекувања од овие избори?

А.М. – Драги сограѓани, гласајте слободно и од срце. Ова е убава можност да направиме изненадуваење. И да не победиме на избори, секој глас има значање за нас. Колку повеќе гласови имаме толку ќе ни’ биде легитимитетот поголем да притискаме врз властите и да нудиме решенија кои веруваме дека се најдобри за граѓаните.

 

|2017-10-13T09:08:16+00:0013 октомври 2017|Актуелно, Вести|