СКОПЈЕ, 09. 10. 2017 – Утре во 12.45 часот продолжува судското рочиште против Мариглен Демири од Левица. Тој е обвинет за минатогодишните настани што се случија кај канцеларијата на Ѓорѓе Иванов на 13 април. Претходното рочиште беше закажано за 10 јули, меѓутоа истото беше одложено, поради ненавремено снабдување на обвинителството со потребните фото материјали како доказен материјал.
„Не очекувам којзнае што, ако се земе предвид динамиката како се решаваат нашите случаи. Сигурно ќе има уште неколку рочишта и уште неколку пати ќе бидам влечкан по рочишта коишто нема да се одржат поради некакви „објективни“ причини. Како и да е, овој процес ќе го истраам до крај и ќе докажеме дека немам никаква вина“ истакна Демири за Гласник.
На 13 април 2016 година, на протестите по повод аболицијата на политичари функционери во Владата на Република Македонија, а исто така и носители на високи партиски функции во ВМРО-ДПМНЕ, Мариглен Демири и неколкумина други од Левица, но и неколкумина граѓани, беа кривично обвинети. Обвиненијата се дефинирани како „Учество во толпа,што ќе изврши кривично дело“ според Кривичниот законик член 385.
За Демири и Здравко Савески од Левица, скоро една година и пол по настаните од 13 април, судските рочиште се одлагаат или никако да завршат.