Најголемите синдикати во Каталонија повикуваат на генерален штрајк на 3 октомври

Повикот за штрајк беше упатен до разни сектори на работничката класа, како и на работодавачите и на самовработените.

По насилната репресија на референдумот за независност во Каталонија, кога шпанската полиција повреди најмалку 844 луѓе, најголемите синдикати и социјални организации во регионот планираат во вторник на 3 октомври да одржат генерален штрајк.

Над 40 организации ја потпишаа декларацијата за штрајк, со осуда и на активностите на државните безбедносни сили кои се обидоа да го спречат гласањето за независност.

Националната полиција испратена во Каталонија за референдумот упадна во гласачките места, ги газеше и удираше луѓето со палки. Пукаше гумени куршуми во народот и насилно ги отстранувањше гласачите од гласачките места. Многумина беа влечени за коси и исфрлани.

Властите велат дека околу 2.26 милиони луѓе гласале во неделата на забранетиот референдум за напуштање на Шпанија. Од нив 90 отсто гласаа за отцепување. Ова претставува одѕив од околу 42,3 проценти од вкупниот број гласачи во Каталонија.

Полициското насилство предизвикало и многумина што сакале да гласаат против независноста, да го сменат своето мислење.

„Отсекогаш бев против независноста, но она што го прави шпанската држава предизвика да го сменам мислењето,” изјави гласач за Асошиетед прес.

„Националната полиција и цивилната гарда нè третираат како криминалци, најверојатно ќе гласав ’против’ сè додека Националната полиција не ме исфрли со сила. Сега ќе се обидам да гласам ’за.’

Многу меѓународни набљудувачи и организации за човекови права беа шокирани од насилствата на полицијата врз граѓаните.

Референдумот нема да има правен статус бидејќи е блокиран од страна на шпанскиот Уставен суд како спротивен на уставот од 1978 година, кој ја врати демократијата во Шпанија по диктатурата на генералот Франциско Франко.

Повикот за штрајк беше упатен до „целото општество (вклучувајќи ги и) работодавачите, синдикатите, работниците, самовработените, институциите и сите граѓани на Каталонија”.

Меѓу овие организации се главните синдикати UGT, или Генералниот сојуз на работници и CCOO или Работничките комисии.

Каталонската влада, исто така, посочи дека во вторник за кога е закажан генералниот штрајк ќе бидат достапни само минимални услуги, според министерот за труд, социјалните прашања и семејства, Долорес Баса. Властите на Каталонија со тоа индицираат дека достапните услуги треба да им отворат простор на работниците слободно да се приклучат на штрајкот, без нарушување на освновните јавни услуги.

|2017-10-02T10:23:47+00:002 октомври 2017|Актуелно, Вести, Свет|