СТРУМИЦА, 06.09.2017 – По неуспешниот референдум за рудникот Иловица, во Босилово струмичко, од еколошкото здружение „Здрава Котлина“, коешто работи на подигнување на свеста на жителите во овој регион, за последиците и штетите од евентуалното отворање на рудник во Иловица, изјавија дека, приговори до ДИК/ОИК нема да поднесуваат, но оти поднеле кривична пријава против две лица, за кривично дело против изборите и гласањето. Тие најавуваат и други кривични пријави за други лица во текот на наредните денови
Од граѓанската иницијатива сметаат дека, поднесувањето на приговори до ДИК/ОИК е само трошење време, бидејќи како што велат, очигледно е дека истите ќе бидат одбиени, што покажа и валандовскиот случај.
„Но, затоа поднесовме издржана кривична пријава за кривично дело против изборите и гласањето опфатени во Глава 16 од Кривичниот законик против две конкретни лица. Во текот на наредниот период, по дополнителни консултации со адвокати и правници веројатно, ќе поднесеме и други кривични пријави. Едно од лицата, против кои е поднесена кривичната пријава, инаку познат локален ноторен лик, а за кој имаме информации дека е во „врска “ со „Еуромакс Рисорсис“, на различни начини изврши големо негативно влијание да не се гласа во повеќе села, најконкретно во 4, кои и ги очекувавме, во кои и беше забележана најниската излезеност“, пишуваат на својот фејсбук профил од здружението.
„Референдумот е неуспешен поради меѓупартиски калкулации, тивок бојкот, притисок од министерството за економија, непрочистен изборен список, манипулации и притисоци врз жителите, како и незаконска кампања од страна на Еуромакс Рисорсис“
Според здружението „Здрава Котлина“, неуспешноста на референдумот воглавно се должи на спроведениот тивок бојкот, недоволната цивилизациска, морална и етичка освестеност, примитивната себичност, меѓупартиската омраза и кукавичлакот на оние кои не гласаа и на оние кои го поттикнаа бојкотот.
„Разорно е сознанието дека, луѓето се подготвени да ја слушаат партијата дури и тогаш кога им е јасно дека, нивните деца и најблиски во блиска иднина можат смртно да страдаат заради нивната одлука. Уште поразорно е тоа дека луѓе со политичка, или друга моќ иако свесни за погубните последици од своите одлуки, се подготвени истите да ги спроведат“, велат тие.
Исто така сметаат дека, постојат и други калкулации, меѓудругото поврзани и со претстојните локални избори. Потенцираат дека, ниту една од двете големи партии не излезе со став во врска со референдумот, ниту пак одговориле на нивните повици.
Како друга причина за неуспешноста на референдумот, го посочуваат соопштението од министерството за економија, за тоа дека референдумите не можат да бидат основа за повлекување на веќе доделените концесии за рудниците.
„Во тој контекст е и изјавата на потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев, на три дена пред референдумот, дека рударството било носечка гранка во македонската економија. Паралелно, група пратеници на ВМРО – ДПМНЕ, ден пред референдумот лицемерно поднесоа предлог за бенефиции за рударите. Се’ се тоа индиректни, но јасни пораки, упатени кон целни гласачки групи“, сметаат од здружението.
Покрај јавните барања, Владата одби да ја даде на увид документацијата за доделената концесија за рудникот Иловица, како и за работата на компанијата Еуромакс Рисорсис во Македонија.Со ова и новата Влада практично постапи на ист начин како и пртходната Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ, којашто во договор со компанијата ја криеше документацијата од јавноста. „Самата Еуромакс Рисорсис тврди дека, актуелната Влада го поддржувала „Проектот“’, потенцираат од здружението.
Како друга причина за неуспешноста на референдумот, тие посочуваат дека е забележано оти на многу места избирачкиот список е непрочистен.
„Биле заведени починати и лица кои се отсутни од државата подолго од 8 месеци, некои и со години. На неколку избирачки места, и покрај инсистирањето на нашите набљудувачи, од страна на претседателите на Избирачките одбори, не е дозволено во записниците да влезе таа забелешка“, велат од „Здрава Котлина“.
Тие пренесуваат дека, и покрај законската обврска, Државната и Општинската изборна комисија не поделиле никаков информативен материјал за референдумот на територијата на Општина Босилово.
„Формалниот иницијатор за распишување на референдумот, Советот на Општина босилово, според Законот, може да води прореферендумска кампања, но тој не го стори тоа“, велат тие.
Исто така, нагласуваат дека, врз жителите на општината вршени се разни манипулации и закани против некои од нив.
„Од поткуп, преку ветувања за исплата преку трансакциски сметки, ветувања за вработување, до закани за губење на работни места. „Цивил“ тврди дека, има обезбедено релевантни докази на пример исказ на член на Избирачкиот одбор кој бил под закана за губење на работното место“, информираат од здружението.
Компанијата Еуромакс Рисорсис ветува заштита на животната средина, а ќе гради рудник, што би значело смрт за живиот свет
Од „Здрава Котлина“ тврдат дека, компанијата Еуромакс Рисорсис вршела незаконска кампања низ селата. На фејсбук профилот на оваа компанија може да се види како тие си водат Пи-Ар пропаганда, за наводната свесност на компанијата за екологијата во регионот и за тоа колку е „општествено одговорна компанија и веќе придонесува кон социо – економскиот развој на заедниците преку директни инвестиции“.
Тие меѓудругото, ветуваат реконструкција на мрежата за снабдување со вода, притоа велејќи дека, водата во селата не е чиста, а истовремено избегнуваат да ги соопштат евентуалните штети за животната средина и луѓето од изградбата и работата на еден таков рудник во регионот околу Иловица и Штука. Тие исто така ветуваат нов водовод во Ново Село, кој ја поврзува постојната водоводна мрежа со новиот резервоар во селото Мокрино, за којшто тамошните жители одвоија по 200 евра од секое домаќинство за изградба на истиот. Меѓу ветувањата е и реконструкција на амбуланта во селото Иловица, за како што велат, нејзино целосно опремување за соодветно работење. Исто така, велат дека, Еуромакс ќе поддржи активности кои се насочени кон подигање на свеста за заштита на животната средина. Се поставува прашањето, зошто новата влада молчи пред една ваква пропаганда на една приватка компанија, којашто за свој личен профит, ја замајува јавноста ветувајќи грижа за животната средина, додека го прави најголемиот злостор, односно ќе гради рудник, кој би бил закана за животната средина во регионот, па и по животот на жителите.
Авторка: Сенада Ибраимова