Скопје, 31 Август, 2017
Како прва точка во решението за дневен ред на седницата на советот на општина Центар што ќе се одржи денес, претседателот Мирослав Шиповиќ го постави барањето на неформалното граѓанско здружение Во Одбрана на Дебар Маало за воспоставување на мораториум за градење во градскиот парк и градската четврт Дебар Маало. Веќе подолго време оваа иницијатива предлага воспоставување на мораториум се додека не се изработат научни студии со кои ќе се утврди загаденост, густина на населеност и сообраќајни решенија во населбата. Дебар Маало во последните две деценија стана синоним за терминот градежна мафија, под која граѓаните го подразбираат целосното ставање на работата на општината и градот во служба на градежните фирми и инвеститорите, како и кршење на стандардите за модерно урбано живеење. По осамостојувањето и раздградувањето на социјализмот се зголеми катноста во населбата, се овозможи спојување на парцелите и изградба на монструозни објекти каде што некогаш беа градени семејни куќа и се уништи зеленилото и јавниот простор. Со еден збор од населба за индивидуално домување Дебар Маало се претвори во место каде без плански се градат деловни згради, отвараат угостителски објекти и се создава сообраќаен хаос и загадување. Одлуката на советот на општина Центар да се дискутира предложениот од граѓаните мораториум за изградба во Дебар Маало и градскиот парк доаѓа по протестот што Во Одбрана на Дебар Маало го организираше мината недела кога жителка на населбата поради хаотичната ситуација со паркирањето во населбата го загуби својот живот. Граѓанскиот предлог Здравје пред профит, со кој се бара воспоставување на мораториумот, доби најбројна поддршка од жителите на населбата. На интернет гласањето 448 граѓани го дадоа својот глас за мораториум се додека не се изработат научни студии со кои ќе се утврди моменталната состојба со загадувањето, сообраќајот и нарушувањето на законските одредби за урбано живеење.