СКОПЈЕ, 29.08.2017 – Вчеравечер, со класична музика и албански народни преработени песни под диригентската палка на Гриди Краја со Симфонискиот оркестар на Радио Телезија Албанија свечено беше отворен новиот плоштад „Скендербег“
На настанот беа присутни речиси целиот политички и партиски врв на ДУИ во Скопје.
Плоштадот имаше неколку фази на изградба. Првата фаза се однесуваше на реконструкција на продавниците кои се во близина на споменикот на Скендербег, а истата граѓаните ги чинеше 2,8 милиони евра. Втората и третата се однесуваа на сите дополнителни елементи како е проширување на широката платформа од првата фаза која сега се протега од влезот на поранешната Стоковна куќа „Мост“, се’ до почетокот на плоштадот кадешто од две страни се спуштаат скали до споменикот на Скендербег. Исто така, тука влегуваат и муралот и преместувањето на споменикот во локација која е неколку метри подалеку од постојната и неколку метри повисока.
На поканата на градоначалникот на Општина Чаир, пишуваше дека овој проект претставува најголемиот урбанистички проект на оваа општина, проект кој се карактеризира со високи естетички својства. Сепак, според многумина експерти и активисти за урбанизам, овој проект претставува само продолжение на урбанистичкиот проект „Скопје 2014“, односно дел од пазарот помеѓу македонските политички претставници и албанските политички претставници.
Универзитетскиот професор Небојша Вилиќ смета дека и двата проекти се многу сродни, односно идентични.
„Токму заради тоа што и двата проекта поаѓаат од истиот концепт на барање на потеклото за потврдување на легитиметот и легитмноста на државотворноста; од истата форма на раскажување на наративот, односно, употребувајќи го методот на biblia pauperum, односно, да повторам: „Библија за неписмените“; и двата проекти во и со својата какофонија, мешањето на историските концепти и суштини, се насочени (проектирани) кон засилување на етничкото, та оттука и националистичкото чувство и употребата на наједноставните (фигуративни) претставувачки и прикажувачки обликовни уметнички постапки“, вели Вилиќ за Гласник.
Двете страни од големиот урбанистички проект во суштина претставуваат непремостиви крајности на секојдневието во Република Македонија. Недостатокот од комуникација и релација помеѓу проектот од едната страна и од другата страна на реката Вардар, го отсликува и немањето на комуникација и релација во општеството помеѓу македонците и албанците на колективно ниво. Политичките партии претставуваат единствените колективни посредници помеѓу двата народа, додека фрустрациите се дотолку поголеми, колку што се и корумпираноста и ситнопартиските интереси на народните претставници.