СКОПЈЕ, 23.08.2017 – По вчерашното соопштение од страна на општина Центар, во врска со решавањето на проблемот на Дебар Маалци за ослободување на тротоарите од паркираните возила, за што тие претходно протестираа , денес со реакција до јавноста се обратија од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“. Тие сметаат дека, идеата на Андреј Жерновски и општина Центар, проблемот со блокираните тротоари да го решава со изградба на монтажен паркинг и постаување на заштитни столбчиња на улиците „е како ханзапласт на отворена фрактура на потколеница“
Иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“, веќе подолго време упатува барања преку дописи до општина Центар и градоначалникот Андреј Жерновски, со цел да се решат проблемите на жителите од населбата. Тие во неколку наврати, побараа од Жерновски, да престане узурпацијата на јавниот простор, односно да не се градат станбени објекти на и така малку останатите зелени површини, реагираа за пренамената на важечкиот ДУП за изградба на нова сала за КК „Работнички“, за коешто место претходно се планираше изградба на катна гаража од страна на фирмата „БАУЕР БГ“, којашто ги доби големиот дел од тендерите за проектот „СКОПЈЕ 2014“. Тие бараа и мораториум на сите градби во Дебар Маало, до утврдување на фактичката состојба и изготвување стратегија за развој, кадешто ќе бидат консултирани и жителите.
Последните свои барања до општината и градоначалникот тие ги упатија минатата недела, непосредно пред случајот со прегазената пешачка на улицата „Антоние Грубишиќ“. Во својот допис нагласија, дека бараат да се среди бучавата од угостителските објекти, да се спроведе инспекција, како и да се ослободат окупираните тротоари, за да можат жителите безбедно да се движат.
По случајот со сообраќајната несреќа, жителите на Дебар Маало се собраа на протест, кадешто повторно упатија барања до Жерновски, во врска со окупираните тротоари. На ова, со соопштение реагираа од општината, ветувајќи решавање на дел од проблемите.
Од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“, сметаат дека, на овој начин нема да се реши проблемот.
„Сметаме дека, ова е како ханзапласт на отворена фрактура на потколеница. Инсистираме дека, мора да се изработат научни студии и стратегија за развој на маалото, на кои ќе бидеме консултирани. Мора да одговорите на нашите анкетни забелешки и мора да престане издавање на дозволи за градба, додека не се установи фактичката состојба“, нагласуваат од иницијативата.
Тие до општината упатија прашање за тоа, дали планираната нова гаража е место за нови возила, или пак за ист број, само тргнати од тротоарите.
Авторка: Сенада Ибраимова