СКОПЈЕ, 22.08.2017 – По вчерашниот протест на Дебар Маалци за ослободување на тротоарите од паркирани возила во населбата, со писмено соопштение се обрати општина Центар, со коешто го поздравува протестот на граѓаните и ветува решавање на проблемите и исполнување на нивните барања
Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ заедно со соседите и поддржувачите, вчера во знак на протест се собраа пред Министерството за култура, кадешто минатата недела беше прегазена жена од страна на комбе, чијшто управител се движел наназад по улицата „Антоние Грубишиќ“ и ја удрил жената, којашто се движела по улицата, поради окупираните тротоари од паркирани возила.
Од општина Центар сметаат дека, барањата на граѓаните се целосно оправдани и ветуваат дека, ќе се посвети на наоѓање системско решение за проблемот.
„Во таа насока веќе се почнати неколку активности. Како прв приоритет е обезбедувањто на простор за паркинг на повеќе возила во Дебар Маало, за што веќе е најдено решение. Имено, наскоро, ќе биде поставен монтажен паркинг помеѓу општината и Министерството за Одбрана, со влез и излез од улицата „Орце Николов“. Паркингот, ќе обезбеди место за 270 до 290 возила. Ваквото решение е првиот чекор кон пренасочување на паркирањето и ослободување на тротоарите“, се вели во соопштението на општина Центар.
Одтаму, велат дека, пред да се постават заштитни столбчиња на сите улици и се поврзат во целосна пешачка мрежа, ќе се изработи студија за мерење на сообраќајот и проекција за потребниот паркинг простор на резидентите. Од оваа студија, велат, ќе се подготви решение за целиот кварт, но за целосна имплементација на решението, посочуваат дека, ќе биде потребно заедничко делување на повеќе институции.
„Општина Центар веднаш ќе иницира формирање на координативно тело со претставници од сите надлежни институции. Во ова тело ќе бидат повикани претставници на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и ПОЦ и ќе се изработи план за имплементација на решението“, истакнуваат од општината.
Тие исто така нагласуваат дека, во ова тело добродојдени се претставници на граѓаните за да даваат сугестии во фаза на изработката на решението.
Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ веќе подолго време упатува дописи со конкретни барања до општина Центар и градоначалникот Андреј Жерновски, но, одтаму не одговараат на нивните барања. Тие исто така, минатата недела, два дена пред да се случи сообраќајката пред Министерството за култура, испратија допис со конкретни барања во врска со бучавата од угостителските објекти, окупираните тротоари и небезбедноста на пешаците.