
СКОПЈЕ, 18.08.2017 – Изминативе денови во јавноста излезе информација дека, на електронските здравствени картички им истекол рокот. Според информациите, наводно немало фирма којашто ќе ги печати здравствените електронски картички. Министерот за здравство Арбен Таравари, неодамна истакна дека до крај на оваа година ќе треба да се распише тендер за избор на произведувач на нови картички, а на денешната прес конференција пак, тој најави дека, повеќе нема да се користат сини картони, туку пациентите ќе можат да одат на докрот само со здравствената книшка, или само со лична карта
Неодамна, во Фондот за здравствено осигурување имаше промена на раководството. На чело на фондот сега е Ден Дончев. Функцијата ја презема по разрешувањето на поранешниот директор Сашо Стефаноски.
Активистот за социјална правда и автор на анализата „Здравјето како право и како услуга: Правата на пациентите во македонската легислатива 1991-2014“, Дамјан Божиноски на воведувањето на електронските картички гледа со позитивна визура. Настрана скандалите кои се однесуваа на плаќањето на картичките, здравствените картички генерално, според него, беа добро решение. Тој смета дека, намалувањето на папирологијата и пред се’, некористењето на хартија, како еколошка мерка, но и градењето на медицинска база на историја на сите осигуреници и полесна статистичка обработка во име на добри здравствени политики претставува позитивна димензија на воведувањето на картичките.
Меѓутоа, Божиноски посочува дека, картичките никогаш не ја постигнаа својата цел во полн капацитет.
„За жал картичките не профункционираа никогаш во полн капацитет и овој акт на враќање на сините картони е дефинитивно регрес. Замислете колку пари се потрошени досега за градење на инфраструктура на системот и сега со една одлука се фрла се’ во вода. Во поглед на функционалноста дефинитивно ќе има проблеми. Не може наеднаш да ги едуцираш засегнатите страни за новите принципи на работа кои ќе важат веднаш од носењето на одлуката. Не очекувам да има промена по однос на статусот на осигурениците или евентуално некое лице кое било осигурано по даден основ, сега да го загуби правото на здравствена заштита, но би можело да има проблем во преземањето на сините картони на месечно ниво од сите осигуреници истовремено, што значи дека во дадено време не верувам дека, сите пациенти ќе можат наеднаш да ја искористат таа услуга. Бидејќи отсуствуваше широка дебата за овој потег можно е да постојат и бизнис релации и месечни трансфери кои сигурно ќе се слеваат во некоја печатница“, изјави Божиноски за Гласник.
Во врска со ова прашање, се обративме и до Фондот за здравствено осигурување, меѓутоа до објавувањето на оваа вест, оттаму не добивме никаков одговор.
Министерството за здравство со смирувачки тон
Министерот за здравство, Арбен Таравари на денешната прес конференција истакна дека, донеле заедничка одлука со директорите на Фондот за здравствено осигурување дека повеќе сини картони нема да се користат. Прегледите и услугите ќе се извршуваат само со старата здравствена книшка и лични карти на пациентите, информираше Таравари.
Проектот со електронските картички, требаше да се имплементира во 2009 година, но истиот започна со функционирање две години подоцна. Одредената сума за реализација на овој проект беше 7,5 милиони евра, но со ребалансот на буџетот овие пари ги снема од планот за овој проект. Граѓаните од свој џеб ги плаќаа здравствените картички по 250 денари, додека пак, за пензионерите цената беше 100 денари. Од 46 000 осигуреници во буџетот беа слеани 220 000 евра.