СКОПЈЕ, 25.04.2022 – Во среда во 19 часот, во просториите на Социјалниот центар Дуња ќе се одржи дискусија во контекст на Први Мај и денот на работничката борба. Организатори на овој настан се организацијата „Социјалистичка зора“ и Социјалниот центар Дуња. Од фејсбук поканата за настанот може да се проследи следново:
Економската криза предизвикана од низа фактори, значително го влоши животниот стандард на народот. Зголемувањето на цените на храната, горивата и режиските трошоци, дополнително ги втурнаа работниците во бездна на сиромаштијата. Властите пробаа оваа состојба да ја неутрализираат преку зголемувањето на минималната плата од 15.200 денари на 18.000 денари.
Сепак, најголем број од работниците нема да ги почувствуваат бенефитите од зголемувањето на износот на минималната плата, без соодветно линеарно или скалесто покачување на платите. Оваа состојба ги раздвижи синдикатите кои очигледно се соочија со лимитите на т.н социјален дијалог, поради што одржаа протести и генерални штрајкови во одделни дејности, кои ги опфаќаат вработените во јавниот сектор.
Состојбата во приватниот сектор не е подобра, иако во моментот нема најави за штрајкови. Причината за тоа е дека најголем дел од работниците не се ниту синдикално организирани, поради што оневозможен им е отпорот преку протест или генерален штрајк во рамки на нивната дејност.
Во изминатите 10 години се случија низа на граѓански протести, кои доведоа до извесни политички помени, но кои воопшто не го подобрија животниот стандард на работниците.
Изминатите два месеци сме сведоци на т.н пролетно синдикално будење преку различни изблици на протести и генерален штрајк во образованието.
Во пресрет на интернационалниот ден на трудот, односно на 27.04.2022 година, со почеток од 19 часот, во социјален центар Дуња, организираме трибина, на која говорници ќе бидат:
Мариглен Демири- штрајкувач
Александар Атевиќ – Марксистичка организација Црвени
Марјан Ристески – претседател на Конфедерација на синдикални организации на Македонија.
Модератор: Џејлан Велиу – Социјалистичка зора & С.Ц Дуња.
Низ дискусија, а преку искуството на говорниците ќе се обидеме да дадеме одговор на прашањето кои протести можат да доведат до системски промени, синдикалните или граѓанските протести?