Во Општина Шуто Оризари веројатно има повеќе ѓубре расфрлано на диви депонии и насекаде по други места отколку што тоа е случај во другите скопски општини. Зошто е така?
На оваа тема во Социјалниот центар „Дуња“ вчера се одржа дискусија насловена „Од економска и социјална до еколошка маргинализација“. На дискусијата, жителите на Шуто Оризари посочија дека во нивната општина има многу малку контејнери за отпад и дека кај нив камионите што собираат отпад не поминуваат онолку редовно како во другите скопски општини. Дискриминација? Дефинитивно! Ако овие податоци се точни – а Комунална Хигиена на Град Скопје е институцијата што тоа треба да го потврди или побие – тогаш дефинитивно станува збор за дискриминација, еколошка, економска и етничка, со оглед на тоа што во оваа општина мнозинството се Роми. И забележете го парадоксот. Голем дел од комуналните работници во Скопје се жители на Шуто Оризари. Тие работат да ги држат што почисти другите скопски општини, а населбата во која тие живеат добива најмала јавна грижа за чистотата!
Многу малку жители на другите скопски општини имаат отидено во Шуто Оризари. Добар дел од нив – никогаш. Поради сегрегацијата на Ромите, останатиот дел од населението на нашата земја има малку информации за тоа како тие живеат, како работат, како размислуваат. Во тој недостиг на информации, одредени лица, со националистички инклинации, многу лесно искажуваат неосновани обвинувања за Ромите. А останатите, исто така недоволно информирани и токму поради својата неинформираност, знаат да паднат на таквите националистички измислици. Дури и луѓе кои себеси се сметаат за еколошки свесни знаат да се спуштат на доста ниско ниво, игнорирајќи ги системските проблеми со кои се соочуваат Ромите и давајќи му оддишка на својот национализам. Маскиран, се разбира, како грижа за животната средина.
Зошто Шуто Оризари е преплавено со ѓубре? Бидејќи Ромите немале култура и фрлаат ѓубре кај ќе стигнат? Ами… не фрлаат ѓубре кај ќе стигнат и костумосани господа и дотерани дами од другите етноси? Во неромските скопски населби наутро ги празнат контејнерите, а веќе истиот ден тие се полни до врв! Поставуваат дополнителни контејнери, уште еден, уште два, но не можат да престигнат. Зашто „урбаните“ скопјани создаваат сѐ повеќе ѓубре. И само замислете. Само три дена никој да не го собира ѓубрето во Центар, Карпош, Аеродром, тие ќе се претворат во такви буништа, што Шуто Оризари вода ќе им носи. Зашто во системот на консумеристички капитализам, повисокиот животен стандард значи создавање на поголемо количество ѓубре.
Зошто Шуто Оризари е преплавено со ѓубре? Причина за тоа е и што сиромаштијата натера доста жители на оваа населба да собираат пластични шишиња, лименки и метал од контејнерите во другите општини. Нивото на селектирање на отпадот во нашата земја е исклучително ниско. Бидејќи многумина се чувствуваат доволно господа за да се мачат да го селектираат својот отпад. А и поради тоа што надлежните не поставуваат доволен број посебни контејнери за хартија, пластика и стакло. Па нема можности за селектирање на отпадот, дури и кога луѓето сакаат тоа да го прават. Во таков контекст, токму собирачите на пластика, притиснати од економската нужност, копајќи по контејнерите, истовремено го зголемуваат нивото на селектирање на отпадот на нашата земја и го намалуваат количеството на отпад во другите скопски општини. Контејнерите во неромските скопски општини наутро се празнат, а до крајот на денот се полни до врв? А како би било ако дел од отпадот не го земаат собирачите на пластика? Убаво за нас, жителите на неромските скопски населби? Добар дел од тој секундарно селектиран отпад оди во Шуто Оризари. Дел од него, при одвојувањето пред да се предаде на откупните центри за секундарни суровини, се издвојува како непогоден. Тој отпад потоа, бидејќи во Шуто Оризари нема доволно контејнери како во другите скопски општини, завршува на депониите во оваа скопска општина. Па ѓубрето создадено во Центар, Карпош, Аеродром на крајот завршува во Шуто Оризари, поради сиромаштијата на дел од неговите жители. И после се наоѓаат некои жители на „урбаните“ делови од Скопје, кога ќе видат слики од депонии во Шуто Оризари, што ќе им дадат оддишка на своите националистички чувства, немајќи свест дека можеби на сликата што ја гледаат има ѓубре што токму тие го создале?!
Недозволиво е во Шуто Оризари да има помалку контејнери отколку во другите скопски општини! Недозволиво е бидејќи тоа значи дискриминација на неговите жители! Комунална хигиена – Скопје треба веднаш да ја поправи оваа своја политика на осуда на живот среде поголемо количество ѓубре на дел од жителите на Скопје. А сите ние останатите треба да престанеме да го вртиме погледот на другата страна кога се работи за Ромите. А исто така треба да станеме свесни дека количеството на ѓубре што самите го создаваме е претерано. И да изнаоѓаме начини како да го намалиме. Не земајќи дополнителна амбалажа. Не купувајќи непотрепштини кои брзо потоа завршуваат в канта. Не фрлајќи храна за која ние сме потрошиле пари, а други потрошиле труд. Наоѓајќи им дополнителна употреба на работите, пред да решиме да ги фрлиме како ѓубре. И да не фрламе ѓубре кај ќе стигнеме.
Здравко Савески