Одамна не сум коментирал дневно-политички квази наративи, ама еве, овој пат нешто се збрало во напнатоста која изгледа не знае да најде во моментов понизок начин да се измолкне низ најмалиот празен простор кој ѝ е на располагање.
Чекав што ќе се случува на повторно квазиинтелектуално рамниште и секако не успеав да го дочекам Годо. Исто како оставките кои датираат скоро два месеци наназад, а последнава еве, само што не се спровела од теорија во пракса. Секако, штом Годо ќе дојде…
Илијадници анализи од леви, десни, лево-десни за причините за подемите и падовите. Незналци анализираат незнаење. Таман, можеби.
Во студентските денови, еден одличен, инспиративен тогаш асистент, денес професор на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет, недвосмилено беше убеден дека сите кои не успеваат доволно во својата професија за која студирале, се обидуваат преку вмешување во политиката да се себереализираат, да се обидат да си докажат себеси и на светот дека сепак нешто вредат – од лижење чизми (не сакам друг термин за чизми да употребам, ама сфатливо е), преку главопотврдувачи (нема ваков литературен термин, мислам на оние кои потврдуваат на сѐ што лидерот кажува), па до позиции во кои треба да носат исклучително важни општествени одлуки. За жал, често поставени на погрешна локација – правници задолжени за здравство и образование, социјални работници задолжени за образование, купени дипломи задолжени за образование, осуденици задолжени за правда, аболицирани за премиери, избеглици за патриоти.
Левицата и десницата молчешкум потонаа и потклекнаа под капиталот и капиталистичкиот режим, што всушност доведе до тоа да либералите секогаш се во предност, точно заради улогата на капиталот. Се изгуби јасната граница, потона далеку под тлото, ако воопшто го имало.
Би било добро ако секој средно образован човек во Р. Македонија успее да ја прочита „Гуливеровите патувања“ која се чита за не повеќе од пар часа, па да се обиде да ја направи херменевтиката во која Гуливер е секој од нас, обичните смртници, а завојуваните Лилипутанци се опциите кои и не се опции од кои може, т.е. не може да се избере, а можеби дури ни избега.
Огромниот раздор меѓу завојуваните страни, во ликот на малите налик човечиња е толку бесмислен колку разликите меѓу нашиве ни северни предавници и северни патриоти, со цела иронија. Ако додававме С во СДСМ, па сега е СДССМ, тогаш во ДПМНЕ што би додале или одзеле? ВМРО – то во минус пред сѐ, далеку од тоа да го заслужуваат или да им е автохтоно и автентично.
Повторно се враќаме на неговата неприкосновена моќ – капиталот! Она што соединува и разединува, она што политиката сака да го поседува, а всушност тоа ја поседува неа.
Само левичарството во неговата оригинлна форма, неизвалкана од аспирациите на поединци, има моќ да ги коригира нештата. Не мислам на политички партии кои така се нарекуваат, малку допир имаат со суштината, ако воопшто и ја имаат. Мислам на градењето на критична маса на индивидуална свест, која би прераснала во колективна, а која е далеку од етноцентрични, национал-шовинистички, квазирелигиозно фанатички дискурси и е заснована на идејата за благосотојба на работникот, на создавачот на сите човечки добра, услуги и удобности, на свеста за еднаквост, разбирање, толерантност, солидарност, помагање на другиот… Но, не само тоа! Враќањето кон природата, бидејќи преку капитализмот денес човештвото е во борба против природата, што неминовно значи и борба против самиот себе и себеуништување, налик шегата, која веќе е реалност во која вооружениот криминалец ѝ го остава изборот на жртвата да бира од што ќе се откаже – парите или животот, а жртвата недвосмислено одговара дека веднаш се откажува од животот, бидејќи парите ѝ се потребни. Всушност, тоа го покажува и суштествениот наш (човештвото) однос кон себеуништувањето – ако треба нека го снема целото човештво, само јас богат да бидам, бидејќи јас не сум човек, штом сум богат. Парадоксот на истиот оној кој смета дек СДССМ и ДПМНЕ на Северна нешто воопшто се разликуваат.
Димитар Даскалов