Македонија гори! Ако не се свестиме, и тоа брзо, ваквата ситуација ќе стане редовна слика во следните години. Огромно губење на шумски површини, огромни економски последици по настраданите луѓе, смрт од изгорување или задушување за многу животни во шумите и зафатените села и градови, но и загубени човечки животи. Да се слуша за климатската криза е непријатно, но со затнувањето на ушите не само што не исчезнува непријатната реалност, туку таа дополнително ќе се влошува.
Шумите се на буквата „Ш“ на агендата на властодршците во Македонија. Тие едноставно не можат да излезат од старата матрица, според која заштитата на природата се третира како маргинална активност, која ги интересира само како пи-ар. Па така, додека се влошува климатската криза, на многу подрачја, вклучително и заштитата на шумите, не се прави ништо сериозно, туку само онолку колку што тоа го бара пи-арот.
Поразителни се бројките за пошумувањето во Македонија! Додека бесправната сеча бележи драстичен пораст, а пожарите прават огромна штета, која има тенденција да расте во следните години, пошумувањето опаѓа, наместо да се зголемува! Во 2020 година пошумувањето повторно го допре дното, со само 569 пошумени хектари. Тоа ја прави 2020 година, заедно со 2017, најлошата година во пошумувањето од далечната 1965 година, кога огромен број од луѓето во Македонија не биле ниту родени!
Извор: МакСтат база на податоци: Пошумување во и вон шума, по години
Колку малку и недоволно е ова ниво на пошумување, покажува споредбата на опожареното и пошуменото земјиште. При тоа, треба да се има предвид дека еден хектар пошумено и еден хектар опожарено земјиште немаат иста вредност од гледна точка на апсорбирањето јаглерод диоксид и создавањето кислород. Графиконот подолу посочува на еден катастрофален податок. Освен во 2020 година, кога е пошумено за нијанса повеќе земјиште од она што беше опожарено, во сите години од претходната деценија беше опожарено повеќе земјиште од она што беше пошуменото. При тоа, во три години имаше огромна разлика помеѓу опожарените и пошумените површини. Во 2019 година пожарите уништија 11 пати поголема површина шума од онаа што беше пошумена, во 2012 година опожарената површина беше 14 пати поголема од пошумената, а во 2017 година имаше неверојатни 24 пати повеќе опожарена од пошумена површина.
Извор: МакСтат база на податоци: Пошумување во и вон шума, по години и Штети во шумите, по региони, по години
Ноншалантниот однос на властодршците кон шумите во последната деценија најдобро може да се види од кумулативните податоци за опожарувањето и пошумувањето за сите години од 2011 до 2019. Додека беа опожарени 66.503 хектари, пошумени беа само 13.725 хектари. Само 20%, само една петтина од површината што беше опожарена е пошумена!
Извор: МакСтат база на податоци: Пошумување во и вон шума, по години и Штети во шумите, по региони, по години
Властодршците во капитализмот прават онолку малку за општото добро колку што граѓаните им дозволуваат. Во секоја држава, не само во Македонија. Од нас зависи дали ќе продолжиме и понатаму да прават што сакаат и после да се соочуваме со последиците од нашата и нивната неакција. Ако не ништо друго, нека пожарите што сега ја уништуваат нашата земја послужат како отрезнување дека нашата пасивност ни нанесува голема штета!
Автор: Здравко Савески