Поддршка од група активисти, заедно против рудниците на смртта

СКОПЈЕ, 15.03.2018 – Денес, група на активисти, поставија банер со натписот „Заедно против рудниците“, на повеќе локации низ Скопје. Со овој гест сакаат да изразат солидарност со активистите од југоистокот, но и да нагласат дека придобивки од рудниците ќе имаат малкумина профитери, а последиците ќе ги трпиме сите ние. Дополнително, велат дека отворањето на рудниците би значело прекршување на демократска волја, што пак води до безидејно и лудо претворање на земјоделски регион во токсична рударска депонија.

„Иако т.н. „рудници на смртта“ е планирано да се отворат воглавно во југоисточниот дел на Македонија, опасноста и последниците ќе ги чувствуваме сите”, велат активистите.

И покрај тоа што власта во последните неколку дена најави затворање на Казандол, опасноста од рудниците се’ уште трае. На пример, денес во просториите на општинската зграда на Конче ќе се одржи јавна расправа на тема: Јавните расправи по Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проектот “Експлоатација на минерална суровина бакар на локалитетот “Боров Дол“, општина Конче, Штип и Радовиш”. Студијата и поканите за овие јавни расправи беа објавени вчера на веб страната на Министерството за животна средина и просторно планирање, само еден ден пред нивното одржување, не оставајќи доволно време за вклучување на засегнатите страни во процесот. Имено, според правилник, потребно е најавата да биде објавена најмалку 30 дена пред одржување на јавна расправија.

За потсетување, поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски во 2012 година потпишал 86 концесии за рудници, што значи дека и во случај рудникот Казандол да се затвори, останува опасноста од отворање на уште 85 рудници.

Како и досега така и понатаму, истрајноста и одлучноста на активистите, но и поддршката од поширокото население ќе биде пресудна во оваа борба. Една од најголемите битки кои тие ја водат е против ПиАр пропагандата на рударските компании. Имено, злоупотребувајќи ја очајната состојба на нашите работници, тие се обидуваат со стотина работни места и ниски плати да си купат сојузници кои ќе застанат во одбрана на нивните интереси. Но, реалноста е дека не само што рудниците се опасни по здравјето и животната средина, туку се и економски неоправдани.

Реалната ситуација е дека далеку повеќе и далеку подобри работни места лежат во други економски модели кои во никој случај не би биле возможни во комбинација со рудници. Во сите области каде се планирани рудници постои огромен потенцијал за поинаков модел за развој кој може и да донесе работни места без социјали и еколошки последици. На пример, во Дојран има простор за развој на туризам, на планината Кожуф за развој на зимски туризам. Од друга страна пак, Валандово, Богданци и Гевгелија се земјоделски региони со медитеранска клима погодна за развој на органско производство за кое има се поголема побарувачка на пазарите во Европа и пошироко. Органското земјоделство не е возможно на територија каде има кисел дожд, токсична вода и контаминирано земјиште како последица од рудниците.

„Очекуваме поништување на сите 86 концесии. Будно го следиме развојот на настаните и ветувањата на политичарите.  Секој обид за ретерирање и залажување од страна на властите ќе го сметаме како доказ за крајна неодговорност која во никој случај нема да ја прифатиме. Ако властите почнат со реализација на концесиите, блокади на патиштата и на рудниците не се исклучени“, нагласуваат активистите.

 

|2018-03-15T11:53:04+00:0015 март 2018|Актуелно, Вести|