Кога пилите ќе стивнат – протестен собир

Интегрално го споделуваме соопштението на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД – здружена иницијатива на 12 организации и активистички групи од Скопје за протестниот собир на 13.6.2021 од 12 до 15 часот на „Ленинова“ кај „Пеперс“.
„Собирот ќе почне на раскрсницата на Ленинова со Орце Николов (кај Пепер), со едноминутен молк за згаснатите животи на здравите дрвја, а потоа ќе продолжи кон раскрсницата на Наум Наумчевски Борче со Орце Николов (кај Синдикат) со цел спасување на останатите дрвја на тој потег.
Ќе запре ли некогаш, под власта на која било партија, уништувањето на белите дробови на Скопје?
Ќе покаже ли барем еднаш градската администрација стручност и транспарентност во градежните зафати во Скопје?
Ќе се освестат ли локалните моќници дека дрвјата во Скопје се основен предуслов за нормален и здрав живот за нас и за нашите деца?
Истражувањата покажуваат дека во последните две децении, зелените површини во центарот на Скопје се драстично намалени! Овој екоцид е резултат на неконтролирана градежна офанзива, тотално неодговорно планирање и отсуство на секаква визија при изведба на улични реконструкции. Последниот инцидент се случи вчера во градското јадро, на улицата Орце Николов, каде што без никаква претходна најава беа искасапени здрави дрвја, кои на граѓаните им обезбедуваа кислород и беа островчиња за сенка во сахарско Скопје.
Образложението пристигна откако штетата веќе беше направена, но дури и тоа беше неточно. Повеќето од исечените дрвја беа со зелени крошни, а не целосно суви и трули како што тврди Општина Центар, а и тие што биле заболени можело да се лечат наместо да се сечат – и да се ужива во нивните благодати додека младите дрвја не пораснат! Додека новозасадените дрвца пораснат и станат целосно функционални за апсорпција на јаглерод диоксид и заробување на ПМ честичките со листовите – ќе поминат децении.
Револтот од ваквиот однос на властите ќе го изразиме на местото на злосторот во недела (13 јуни) точно на пладне. Ќе застанеме во круг околу целиот простор на кој дрвјата беа колатерална штета на погубни политики и со минута молк ќе им оддадеме почит на паднатите битија кои со децении ни го прочистуваа воздухот што го дишеме.
Ги повикуваме нашите сограѓани и сите оние кои сакаат зелено и хумано Скопје со нивните семејства да ни се приклучат на овој перформанс, преку оставање на цвеќиња од сите бои на местото на исечените дрвја. По овој симболичен гест, ќе го преместиме протестот кај дрвјата во близина кои сè уште стојат, но се планирани за сечење. Таму ќе правиме селфија со хаштагот #КогаПилитеЌеСтивнат и ќе ги преплавиме социјалните мрежи со пораки до надлежните дека повеќе не смее да падне НИ ЕДНО ЗДРАВО ДРВО, ИЛИ ДРВО КОЕ ИМА ШАНСИ ДА СЕ ИЗЛЕЧИ! Им упатуваме јасна порака на властодршците: масакрирањето здраво зеленило во еден од најзагадените градови во Европа е НЕДОЗВОЛИВО!
За разлика од партиските паркобрани за еднократна употреба, ние до крај ќе се бориме за одржување на преостанатиот зелен фонд на Скопје. Ние ќе стивнеме тогаш кога моторните пили ќе стивнат!
Се гледаме на протест!
БАРАЊА НА ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД:
1. Да се сопре извршувањето на решението издадено од Град Скопје со кое се овозможи масакрот на улица Орце Николов со цел да се спасат преостанатите дрвја кои сè уште не се исечени.
2. Веднаш јавно да се објават сите документи кои содржат стручни аргументи врз основа на кои градоначалникот на Град Скопје го донел решението за сечење на десет дрвја.
3. Итно да се измени Статутот на Град Скопје со додавање одредби за зголемена транспарентност, ефективна вклученост на јавноста и задолжително објавување на решенијата за сечење зеленило на веб-страницата и на официјалните профили на социјални мрежи на Град Скопје на денот на нивното донесување.
4. Град Скопје и општините во Град Скопје да воведат статутарни одредби за задолжително да организираат презентација на проекти за уредување улици и јавни простори од страна на проектантите и одговорни лица во општините, како и можност за партиципација на јавноста.
5. Зелениот катастар на Скопје веднаш да се ажурира со сите неопходни информации и отсега натаму тоа ажурирање да е задолжително тековно.
6. ЈП Паркови и зеленило во согласност со тековно ажурираните информации на Зелениот катастар, задолжително да изработи план за лечење на дрвјата кои со професионална нега може да се спасат и истиот доследно да го применува.
7. Итна независна ревизија на проектот за реконструкција на улицата Орце Николов и објавување на проектантот и ревидентите на проектот.
8. Да се поднесат пријави по службена должност против сите кои ги прекршиле законите, кои ги пречекориле своите законски овластувања и кои несовесно работеле во службата.“
|2021-06-12T14:10:08+00:0012 јуни 2021|Некатегоризирано|