Макрон започнува со кастрење на работничките права

Во средата, францускиот Сенат даде зелено светло на контроверзните реформи на работничките права во државата. Конечниот текст наиде на силна критика од страна на синдикатите и прогресивните партии.

Новиот закон цели да го „либерализира“ пазарот на трудот. Тоа значи дека ја одзема моќта на работничките синдикати и работничките совети во решавањето на работничките проблеми. Преговарачките канали ги симнува на ниво на работодавач/работник. Со оваа реформа се очекува соголување на социјалните придобивки стекнати преку децениска борба за работнички права.

Со новиот закон работодавците ќе можат многу полесно да вработуваат, но и да отпуштаат вработени. Тие ќе можат и многу полесно да ги „пренасочуваат“ работните места надвор од државата заради максимализација на нивниот профит.

Реформата на пазарот на трудот е клучното изборно ветување на новиот француски претседател Емануел Макрон. Изминатите 20 години повеќе претседатели се обидуваа да го „либерализираат“ сложениот француски „code du travail“ (работнички код). Но, наидоа на жесток отпор од страна на работничките движења.

Целта на политичките елити од центарот и од десницата им е, Франција да се „доближи“ до останатите западни економии кои изминатите три децении во голема мера ги „либерализираа“ своите пазари на трудот. Резултатот од овие реформи беше значителниот пораст на профитите на бизнисите, особено заради алокацијата на производните капацитети во држави со понизок страндард и намалување на даноците. Истовремено, платите на работниците во западните држави стагнираа предизвикувајќи пораст на нееднаквоста.

Макрон победи на изборите повеќе поради стравот од победа на екстремно-десничарката Марин Ле Пен, отколку поради реалната поддршка за неговите политики од страна на јавноста. И покрај исклучително ниската поддршка од само 24 отсто од граѓаните, се  чини дека, стратегијата на Макрон е да ги подели синдикатите преку индивидуални отстапки.

Еден од најрадикалните синдикати, Работничка сила (Force Ouvrière) неодамна изјави дека, „сите опции се на маса.“

„Сè уште ги немавме сите детали. Сепак, внимаваме како, кога гледате тенџере со млеко на шпоретот … ѓаволот е во деталите,“ изјави минатата недела претседателот на синдикатот, Жан-Клод Мајли.

Други лидери на синдикатите предупредија на „црвените линии“ во делот на права кои не можат да се преминат. Еден од нив инсистираше дека нема да дозволат работниците да бидат присилени „назад во средниот век.“

Останува да се види дали француските работнички движења ќе успеат да се мобилизираат доволно за да ги сопрат штетните реформи.

|2017-09-02T09:54:16+00:001 септември 2017|Актуелно, Вести, Свет|