„За нас се работи“ со кривична против управата на „РЕК Битола“

БИТОЛА, 18.05.2017 – Здружението „За нас се работи“ поднесе кривична пријава до Основното обвинителство во Битола, против менаџерскиот тим на „РЕК Битола“, но, исто така во кривичната беше опфатен и генералниот директор на „ЕЛЕМ“, Христијан Мицковски

Неколку години, борбата против загадувањето на Битола се одвива на многу рамништа и активистите на „За нас се работи“ се одлучуваат за овој чекор како последен институционален степен за решавање на проблемот со кој се соочуваат битолчани.

Во Македонија, од неодамна може да се каже дека е воспоставена традиција на победа на еколошките интереси на локални средини против интересите на мултинационални компании кои ги експлоатираат локалните ресурси, а со тоа прават големи профити и на крај енормно ја загадуваат животната средина.

После примерот со велешката топилница и успешниот референдум со рудникот на злато во Гевгелија, случајот со загадувањето на „РЕК Битола“ дава оптимизам дека ќе најде своја правна но и еколошка завршница.

Очигледни се намерите за незаинтересираност на досегашната власт околу случајот со „РЕК Битола“. Уште по индикативен е случајот на Сеад Кочан, кој е еден од обвинетите за случајот „Труст“ потегнат од страна на СЈО. Имено, според обвинението на СЈО, Кочан, со години ги добивал тендерите на „РЕК Битола“ и учествувал во малверзација што ја оштетила државата за околу 70 милиони евра.

Се поставува прашањето, дали дел од парите кои се слеале на контото на Кочан и кои по незаконски пат биле добиени, можат да станат решение за „РЕК Битола“ и за загадувањето коешто го причинува.

Во овој момент, во Битола има над 4000 лица кои боледуваат од канцерогени болести регистрирани на Онкологија во Државната клиника во Скопје.

|2017-07-04T14:21:04+00:0018 мај 2017|Вести|