Порнографија без референдум

Референдумот е историјски хеликс. Настаните од 1991 и 2004 со вградениот неолиберализам како класен проект и ирационалниот каскаден распад на НАТО референдумот во 2018 даваат тријада.

ДНК на референдумскиот конфликт во овие 27 години е материјалната несигурност меѓу сопственичката класа и Другиот, а не „националното“ помирување. Приватизација без референдум за приватизацијата беше пекол, иманентно право на Другиот да гласа за сопственичката класа.

Референдумот е дезидентификацијски механизам со старата политика, конструирање на народ со проекција на референдумскиот филм. Дијалектика е придвижување на фотонегативи во анксиозност со стварност. Филм е форма на архитектура којашто организира анксиозности во настан. Филмот организира анксиозни структурации. Референдумот е ,,филм” над небото, НАТО стварност на небото.

Референдумот е структура на доверба. Референдум без доверба е криза, а приказната за настанот отворенa во интерпретацијата. Верба во што? Импулсивен полет за инвестирање, на пример. Верувањето е зад границата на рациото.

Да ја ислушаме референдумската приказна, но…

Приказната е мотивација. Иреверзибилен силос којшто понира во стереотипови и моментуум што придвижува. Приказната е камшик за Другиот. Камшикот е расизам. Приказната на мотивираните во размрежената #бојкотирам е имагинарна и според тоа е невозможно да се дофати со рацио. Како Македонија. Вилхелм Рајх пишува за ирационалниот мотив на фашизмот. Фашизмот, пишува Рајх, е ирационална сила.

Довербата е иреверзибилен ресурс. Ентропијата е секогаш зад хоризонтот, а поради контекстот и дисконтинуитетите, изгубената доверба од референдумскиот ѕајтгајст, влегува во инерпретацијски логички простор на означувачката иднина. Приказната на предлагачот на референдумот е привидно материјална, како што е дематеријализирана стварноста на авторот на референдумското прашање.

Идентитетите се приказни. Приказни се креираат во мрежа. Приказните на другите во мрежата покажуваат на мојата приказна, твојата приказна… Секој има своја лична приказна којашто не е независна од структурата на мрежата.

Мрежата е сцена, архитектура од референдумски слики коишто полнат амбис како силос од фотонегативни значења иреверзибилни во стварноста.

Постанувме тоа што чекаме, антибекетовски, затоа што НАТО не може да биде чекање на Годо.

На пазарот на идентитети, приказните како информации се асиметрии. Купувачот е поинформиран од продавачот или продавачот разбира повеќе за идентитетот на другиот. Позицијата на моќ обезбедува асиметрија на приказната којашто е вмрежена во идентитети. Идентитетите се економски субјекти. Идентитетската политика признава идентитети како економски субјективитети. Мрежата вибрира од идентитети. Мрежата додава мотивација. Приказна на мотивираниот којшто се разминува со немотивираниот. Ако приказните на пазарот помеѓу поединци се асиметрични, тогаш какви се релациите помеѓу неорганизиран поединец и организирана структура, групи итн.

На рамништето на идентитети и идентификација, субјектот се конструира и низ прашања. Кој е тој? Која е таа? Што се они? Прашањето на самурајот на Куросава е прашањето на Достојевски „Кој сум јас?“ пред да сфати дека е идијот.

Богатство се креира во социјалното милје, во мрежата, во архитектурата на односи и соодноси, во интелигенцијата којашто поврзува прикази и слики.

Парчиња од #бојкотирам наликуваат на #пегида. Вертикализирани рамништа, хоризонтализации без структура, кубистички наддавања во структурата, информациите деструктурирани, откриваат имагинариум од метафизички елементи. Рационалното е реално, за Жижек, според тоа метафизиката на теренот на бојкотирам е надвор по идентификацијата, а за Муфе, идентификацијата е репрезентација. Се приметуваат суптилни предидеолошки гестови, тикови, дигитални отисоци, сенки на надидентификацијата обрабени како кај Рамштајн.

Грешката со референдумското прашање е иреверзибилна. Разделувањето на референдумските прашања е можно решение во рамка на инерцијата на референдумската машина. Подобро одложени референдуми, отколку неможност да се врати тоа што доаѓа од утробата на референдумот.

Референдумот е акцелерација. Трамп за светот, референдумски „поклон“ за Македонија. Македонец оди таму каде што го признаваат; метонимијски содејствија.

Македонец не е наци-идентификација туку психолошко поле

Референдумската партијска власт нуди материјална психологија, како што марксистите по фашизмот сфатија дека мора да ja разбираат слоевитоста со вградената психоанализа поради масовните ирационални движења коишто опиваа маси, впиваа толпи, плискаа раја. Парчиња бојкотирам се во полето на иматеријалната информација. За Фуко, субјектот замислува материјален објект. Но, дали?

Со материјална антинато позиција, од страна на левицата, левичарите без исклучок стојат во #бојкот поради антимилитаризмот. Антагонизмот на левичарите со НАТО е клириншка точка. Кристално чиста позиција на расчистување терен за борби. Снажен симболичен капитал. Левичарите се на дистанца со односот меѓу моментот и симпатичниот дел од идентитетската приказна на левицата во антимилитаристичката нишка.

Референдумот е порнографија. Пишаната историја е политика на ѕајтгајст-от, а новинарството е прв драфт на историјата.

Демократија значи капитализам, а зборот патриотизам е синоним за национализам. Затоа 27 години ние не се разбираме. Затоа 27 пати не го разбираме механизмот и „правото“ на неконуструираната маса којашто гласа во овие 27 години за својата патриотска капиталистичка класа.

Новинарките обожуваат Бергман персони, вакуумизирани несогласувања со сурова експлозија и идентитетски дразнења на социјалните мрежи, како дневна доза херменевтика на хероин, венчана дијалектика од декомпресирани непријателства и однос кон јавност. Материјално обезмоќување на новинари во дехоризонтализирачки состави со материјално осигурени новинари коишто презираат левичари. Според тоа, порнографијата е конзервативен жанр.

Историјски конфликт е дијалектички хеликс меѓу интимизирачки интимисти, со јавно процесирани интимно безлични „деликти.“ Поради психологијата на недоразбирањето и психологијата на празното комуницирање во испразнетите медиуми од ресурсна база, преостанува медиумите сериозно да сфатат и да прекинат да ги игнорираат левичарите затоа што ирационалната сила е меѓунас, жива, комуницира, флотира. Се разбира, има безброј дебати, но за материјална безбедност не се говори. А ако не сакате да имате соговорници за материјална сигурност, тогаш ќе си комуницирате со пегида.

НАТО сака да помогне. Но, што ако #бојкотирам не сака помош? Синтеза: Насилие. Насилството не е абстрактен феномен, насилството се појавува исклучиво како револуција од радикално лево или револуција од радикално десно со надоместување во когнитивната мапа на којашто нешто ѝ фали. Што е тоа што на НАТО му фали? Како да му помогнеме ние тука на НАТО? Што оно од нас бара? Каква е оваа ослободувачка сила којашто сфаќа дека сме сами, оставени на себе, без надгледувачката субстенцијалност на НАТО, во еманципаторски референдумски симпозиум, во перманентни дискусии, ослободени во негацијата.

Левичарите со гестови, се дистанцираа од пегида во #бојкотирам. #Бојкотирам врши левичарска работа, ја разоружува масмедиумската психоза за бесмисленото насилничко НАТО. Подалеку од НАТО денес, како што впрочем бараше Глигоров во 1991 од војната во Југославија.

Македонија влета во неолиберален процес во 1991, откога Словенија и Хрватска се одделија од Југославија со националистичката дијалектика на лудите љубовџии, Туѓман Милошевиќ, со надоаѓачката антисекуларна исламизација во тријада со Изетбеговиќ и Босна. Настанот во 1991 може да се третира како национализам. Но, инстинктот да се побегне од војна не може да се третира како национализам. Инстинктот на психолошкото поле влече на праведна страна во директна конфронтирачка војна со жртви како во антифашизмот каде што се процесира самоидентификување, на универзално плато во коешто е брутално бетонирана денешна Македонија.

Референдум е сведоштво над настан. Субверзивен дисконтинуитет со стварноста. Делегитимација, деструктурирана деструкција. Револуционерниот агент е меѓунас како перфектна дводомна процесија од референдумот, во однос на шарам-барам пејнтбол операцијата којашто се распадна. Настанот секогаш открива глас.

Референдумот е знак на патот. Бев сведок на воениот удар на НАТО во Турција во 2016. Кога пишувам воен удар на НАТО, сметам на генералите коишто ја контролираа војската на Турција и кои се обучувани низ Европа и Америка низ касарните на НАТО. Да, НАТО го направи ударот врз ердоганова Турција. Не, Ердоган не се нападна сам себе, како што англо-саксонците соопштуваат. Тоа беше последен обид на Обама со неекономска операција да го сруши Ердоган. Турција е стабилна 30 години и таквиот обид ја покажа крвната слика на НАТО. Ердоган, од друга страна, го уби шармот на Ататурк, што за турскиот народ не може да се каже. По обидот за удар, во афект или не, во Турција имаше референдум.

Турција преживеа воени диктатури во минатиот век, минат, затоа што тоа е векот на мртвиот сталинизам и социјалдемократијата. Во 1960, во 1971 и во 1980 година, Турција живееше во воени удари. Диктатурата во Грција од 1967 и НАТО. Фашистичката диктатура во Португалија до 1975 и НАТО, франкова Шпанија до 1976 и НАТО. Исходот од референдумот е односот на Европа кон Македонија.

Референдумите се силоси, но и дупки во силосот, за празнење газдинско ѓубре од дупнатиот стомах на антикапиталистичката класа. Во очекување сме на пост-референдумски афекти.

Референдумот е контраинтуитивен кај социјалната трансформација, порнографија без референдум

Мора, според тоа да дискутираме во Македонија, што значи зборот богатство. На страна симболичниот капитал, којшто вибрира во функцијска структура од социјалното производство на релации. Па, кои значења ги абсорбираат упориштата на моќ и приказните со моќ за материјална акумулација. Така што, мора да се преиспитаат сите форми на ренти, лиценци, имот, пари што прават пари безпари, мора да се деструктурира зборот богатство, за да го добие конструктот во конструкција на праведна, воедначена, структура со слоевити порамнувања со процес на клиринг кон опљачканата маса. Мора да разгледаме што се случува ако нема раст на фамозниот БДП.

Прогрес е придвижување, организирана форма на движење, организација како Левичарското движење Солидарност коешто дава стратешки правец на одреден сет на идеолошки деформацијски заблуди и демаскирања на идеи кон промена, експеримент во континуирано придвижување. Не сите промени се левичарски, не сето што се движи е еманципаторска робусна акција. Не секој експеримент е во фаза со каузата. Промените на властите во последните 27 години не се промени коишто ни значат нешто. Хоризонтали за #солидарност.

За социјална трансформација е потребна радикална промена во материјалната структура кај населението. За тоа да се направи, ЕУ е потребна во специјалните односи коишто ќе се развиваат со Македонија, НАТО се просто и строго нашите вишоци, така што потребна е структурна промена во односот кон сопственоста, акционерските друштва, рентите, заедничките работи како енергија.

Минимална бруто плата за неиселените од 1000, а максимална законска бруто плата не поголема од 5000. Сите плати над 5000 евра да се оданочуваат со данок од 90 посто.

Сопствениците на акции ги спуштаат платите на работничката класа, преку борд на директори, назначени на акционерски собранија.

Сопственици на земја, куќи, простор, апартмани, рентаат простор. Структурата на згради коишто зјаат празни низ Скопје и напуштени куќи и имоти низ цела Македонија покажува дека капиталот којшто е вложен во домување и згради е прелиен капитал од други бизниси, којшто сега, не се продава поради тоа што нема кој да купува.

Интелектуалните права за иновации исто така се возат на рента.

Увозното лоби го уништува битот за размислување за локално, мало, домашно производство и затворање на циклусите, тука дома, во Македонија. Увозното ѓубре од 50 до 70 проценти е токму тоа, обично ѓубре коешто е за во ѓубре.

Кој како стигне пипка во енергетиката, како најбитен commons.

Овие групи владеат со големи пропорции од сопственоста во Македонија и ја контролираат политиката и општеството преку медиумите.

Фамозната „конкуренција“ е за мали сопственици, а не за олигархијата. Работници се тепаат помеѓу себе, имено, кој ќе работи поевтино.

Не гледам дека работници водат кампања за промена на Устав. Синдикатите не се во кампања за уставни промени. Тоа е така затоа што уставните промени ги водат газдите на Македонија. Промената на уставот нема да ја промени структурната катастрофа којашто обезбедува материјалната сигурност, во законите, во постапките, во тендерите, во иселувањето, во платите и дивидендата, според тоа, знаејќи дека законите го овозможуваат обезмоќувањето, гревот на газдите во „природата“ на капитализмот е далеку поголем од трагедијата на иселеничкиот работнички импулс.

Иселувањето е мотивирано од материјална небезбедност. Климатските промени и глобалното затоплување се еуфемизми за тоа што всушност се случува, а тоа е, организирано уништување на животот на планетата од политичките и газдински класи кои оперираат во капитализмот, според тоа, лимитите во commons со сплетканото структурно милје се подрачја за истражувања и акција од регулаторни тела коишто ќе ги зауздаат „слободите“ на лица со саморефлективна слобода за експлоатација и спонтана слобода за пљачка.

Автор: Кирил Минанов

Ставовите во овој текст му припаѓаат на авторот и истите не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата на Гласник.

|2018-09-17T17:31:58+00:0017 септември 2018|Став|