Зошто е потребно да се нагласи потребата од повисока минимална плата од страна на синдикатите во Македонија

Зошто е потребно да се нагласи потребата од повисока минимална плата од страна на синдикатите во МК? Во реалниот сектор минималната плата некои профи фирми кои се грижат за потребата од мотивирана работна сила и умешно управуваат со ризиците т.е. не ги префрлаат врз грбот на работниците на памет не им паѓа да ја даваат пропишаната минимална плата. Имено тие на најмалку квалификуваните работници им даваат плата помеѓу 250 и 300 евра нето.

Без постојан јавен притисок врз политичките партии околу реалната потреба за висината на платата т.е. ако се ќути тие кои влегуваат во власт нема да имаат конкретена јавна референца на јавен притисок, а во негово отсуство ДМПНЕ И СДСМ a priori ја земаат најниската понижувачка сума (односно го третираат поголемиот дел од населението како робје) и не се ни трудат да ги тргнат вистинските проблеми во општествово: криминалот, корупцијата, нелегалното богатење. Есапот си го прават зад затворени врати токму со оние кои имаат експлоататорски намери кон работниците и го официјализираат преку социјалниот дијалог. Во тој социјален дијалог моментално на владата и се соговорници работодавачи кои итро ги искористуваат коморите и Организацијата на работодавачи како социјален партнер за да дојдат до така ниска и понижувачка минимална плата. Таквата плата вградена со закон станува стандард за странските инвеститори и за младите кои почнуваат со работа без разлика дали се неквалификувани или високо образовани.

Од ССМ како подеднаков социјален партнер кој тежи многу многу повеќе и ги претставува и членовите и нечленовите во синдикатот и невработените, паѓа големата одговорност за гласно застапување и јавен притисок.

Прашањето е зошто владата ги форсира мерките за самовработување, а не се залага за животниот стандард преку достоинствени плати. Оваа политика е уште едно заобиколување на суштинскиот проблем на сиромаштијата генерирана од приватниот сектор. Не може секој да биде бизнисмен во оваа земја и да зема ризик за кој едноставно нема капацитет, затоа луѓето ја напуштаат Македонија, огромен дел единствено што можат да работат е обична едноставна работа. Овие мерки се најмногу насочени кон младите и ги туркаат да се впуштат во ризик од кој имаат 80% шанси целосно да се обесхрабрат бидејќи статистиката покажува дека овие фирми во мал дел ги преживуваат само првите две-три години. Сите губиме во оваа ситуација, снемува работници за полињата, жетвите, за обработка на храната.

Докажано е дека овде без огромен притисок од надвор и внатре ништо ама баш ништо не се поместува, баш оти немало доволно притисок од внатре речиси 30 години има џелатски пристап кон се’ општествено од јавни површини, шуми, општествен имот, до работнички права и функционирањето на малите ситни сопственици на бизниси, а великодушен кон оние кои пуштаат раче милом или силом.

Последните десет години наместо со реалните проблеми на работниците и најсиромашните гледавме криминално оркестрирано превземање на брендови и добростоечки фирми за личен интерес на политичари и нивни пријатели и роднини. Ова нема да прекине и единствено ќе го натрупува гневот и ќе ја продлабочува сиромаштијата и ќе ја уништува младината која или ќе заминува или ќе тоне во очај и самоуништување од депресија и зависност од дрога и алкохол.

Конечно што треба да се случи, социјална револуција? Па сите сили не и се наклонети ниту државата, ниту медиумите, ниту ЕУ…поучени од скорашната “шарена револуција” видовме како таквиот револт и протест се киднапира за смена на гарнитури и упорно слепило кон она што треба да се прави во реалноста. Затоа синдикалното солидаризирање и освесетен ССМ се непоходни за достојно да се бара тоа што досега никој не го барал, а има легитимно право за тоа. Синдикатите треба да престанат да се занимаваат сами со себе и меѓусебе, треба да престанат да инсистираат на сликање со министри и премиери, сега повеќе од кога било е важно напорите да ги насочат кон притисокот кој треба да и го прават на власта постојано и неуморно, без страв и заедно!

Автор: Анета Гулева

|2018-05-04T09:10:02+00:004 мај 2018|Актуелно, Став|