Зошто е безимена „втората договорна страна“ од договорот Ципрас – Заев

Договорот Ципрас – Заев е договор на кој премиерите не ставија потпис, туку тоа го сторија министрите за надворешни работи на двете држави потписнички, Р. Грција и Втората договорна страна (само потписот на Никола Димитров укажува дека се работи за Република Македонија).

Од содржината на текстот на договорот, првиот впечаток е дека се работи за наметнат договор, договор на „земи или остави“ за втората договорна страна. Таа презеде обврски за менување на уставното име, и соодветно на тоа менување на низа членови во уставот, потоа менување на називите на државните институции и менување на личните карти, патните исправи, дипломите.

Толку за првите впечатоци. Секое препрочитување на договорот открива нови сознанија за кои може да се напишат низа текстови. Но пред да се направи тоа, првото прашање кое ми се наметнува е прашаето:

Чуму потребата од ваков договор?

Овој договор не беше склучен затоа што односите меѓу двете соседни земји се до таа мера неподносливи, што за да не ескалира состојбата, премиерите државнички седнале на маса и се договориле како да продолжат да живеат во кохабитација и мирна коегзистенција.

Ова е договор кој треба да ги откочи, како што милуваат да ги наречат, „евроатлански аспирации“ на втората договорна страна. Овие аспирации наводно се до толку нескротливи, што втората договорна страна се обврзува да исполнува и додатни критериуми, вон предвидените според кои НАТО нуди или одбива прием на земји каднидати за членство. Иако подобноста на уставното име на земја кандидат- не е никаков критериум за влез, водечките земји САД, Велика Британија, Франција и Германија, не вршат никаков притисок врз Грција, ако не да се откаже од овој ирационален спор, тогаш барем да не ги попречува „евроатланските аспирации“ на земјата кандидат.

Сиот притисок е насочен спрема втората договорна страна, нешто што е видно од самиот текст на договорот, каде за неа има редица обврски, а правата се само препишани од веќе признатите и заверени во ОН. За првата договорна страна стои само обврската да не го попречува влезот на втората договорна страна во НАТО и ЕУ, истата онаа обврска од Привремената спогодба, која Грција ја прекрши, нешто што беше потврдено со пресудата од Хаг.

Факти

Начелото на консензус, кога НАТО членките одлучуваат за прием на други членки во воениот пакт е факт, но и пресудата од Хаг е факт на кој Грција од страна на водечките земји членки, никогаш не беше повикана да го прифати.

Од друга страна стои фактот дека Нато пактот во многу наврати покажал и докажал дека за него не постои меѓународното право, затоа и пресудата од Хаг е безвреден лист хартија.

НАТО е воен сојуз на капиталистичкиот Запад предводен од САД, создаден за спас на политичкото влијание на крупниот капитал во Европа и остатокот од светот, воен сојуз за уништување на „црвената опасност“ – растечкото влијание на Советскиот сојуз. Во 30-тите и 40-тите години на минатиот век Нацистичка Германија беше ударната тупаница против Советскиот Сојуз. После големиот пораз во 1945 година беше потребно ново здружување за превенирање на „црвената опасност“ во Европа. Во 1949 година беше создаден НАТО пактот.

Затоа, не може НАТО туку така во своите редови да прими држава основана на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ). Но државата е територијата, државата се луѓето. Тие мора да станат дел од проширувањето на НАТО. Сепак во друго, сосема ново пакување. Потребна е нова држава и нов народ…

Друга Македонија

Народна/Социјалистичка Република Македонија е Република Македонија. Отпаднувањето на префиксот со политичко или идеолошко значење, го проследи и менување на општествно-економскиот систем. Но државниот ентитет и идентитет, остана непроменет.

Вметнувањето на географската одредница Северна, и тоа измеѓу Република и Македонија, е создавање нова држава, нов ентитет- заокружување на процесот за преименување, со предлогот даден уште во 1993 од страна на германскиот министер за надворешни работи во тоа време.

Да не заборавиме… во договорот од Нивици, ние сме „Втората договорна страна“ примена во ОН во 1993-та. Ако таа година сме го одбиле тој предлог, 25 години подоцна, со широка насмевка на лицето и благодарност- го прифаќаме. Сепак,  додека не го реализираме до крај зацртаното, ние остануваме држава без име или со привремено име…

Не може империјалистичкиот воен сојуз НАТО да прими во своите редови народ признат и прв пат заштитен од комунисти. САД и Велика Британија за време на Граѓанската војна во Грција фрлија напалм бомби врз нив. Сега фрлаат договор кој им го подрива достоинството и државата…

Во 1945-та македонците, заедно со албанците, турците, власите и србите комунисти го победија империјализмот. Такво страшно потсетување НАТО не трпи.

Мора нов идентитет- „граѓани на Северна Македонија“ кои почнуваат да пишуваат нова евро-атланска историја и чии највисоки идеали се 500 евра просечна плата или перманентно иселување…

Автор: Зоран Василески, член на Президиумот на Левица

|2018-06-25T09:15:24+00:0025 јуни 2018|Актуелно, Став|