Жителите на Дебар Маало протестираа за ослободување на тротоарите од паркираните возила

СКОПЈЕ, 21.08.2017 – Вечерава, под мотото „Вратете ни’ ги тротоарите“, Дебар Маалци во организација на граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, заедно со соседите и поддржувачите, протестираа пред зградата на Министерството за култура.

Од иницијативата пренесуваат дека целта на овој протест е да алармираат за небезбедното место за живеење, во какво што се претвори нивната општина. Окупирани тротоари, неконтролирано градење, нерешен паркинг простор и лош режим за дотур на роба, се само низа причини кои ги мотивираа граѓаните на овој чекор.

Протестот започна со едномитурен молк поради случајот од пред неколку дена, при што жена пешак го загуби животот во сообраќајна несреќа на улицата Антоние Грубишиќ, додека управителот на комбето се враќал наназад.

Јана Белчева, од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ им се обрати на присутните на протестот. Таа истакна декаö оваа иницијатива се бори со години да ги разбуди институциите коишто треба да ги заштитат граѓаните кои се чувствуваат небезбедни во маалото во коешто живеат.

„Ова не е случај само во нашето маало, ова е случај и во многу други маала. Не’ поттикна на собирот тоа што минатата недела се случи тој немил настан, а за некој ден почнува учебната година. Први септември е блиску, а работите наместо да се поправаат, тие се влошуваат. Оваа улица наместо да биде регулирана после две и нешто години, сеуште е прав хаос. Потврдено дури и со сообраќајна студија која ја има општината, а во која пишува дека во моментов е хаос.“ потенцираше Белчева.

Белчева истакна дека никој не се нафаќа да го реши овој дел со сообраќајот. Според неа, залудни беа напорите и обраќањето до општина Центар и град Скопје, затоа што дотурот на роба никако не се среди. Само се префрлува одговорноста, како што вели таа, од едни на други.

„Столбчињата што се ставаат на одредени улици во Дебар маало, се само парцијално решение, бидејќи непрекината инфраструктура за пешаците не постои. И, најстрашно од се’ е на овие наши тротоари се заработува бидејќи паркинг просторот го зафаќа просторот за пешаците“ додаде Белчева во својот говор.

Протестот се случува, откако граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ пред неколку дена до општина Центар упати официјално барање, итно да се решат проблемите со бучавата од угостителските објекти на потегот околу раскрсницата на ул. Пиринска и ул. Ленинова, како и да се превземат мерки за ослободување на тротоарите од паркираните возила и летните тераси на угостителските објекти, со цел безбедност на пешаците. Два дена по доставувањето на нивните барања, се случи сообраќајката во која загина жената пешак. Жителите на Дебар Маало сметаат дека, општината и градоначалникот Жерновски, веќе подолго време дозволуваат узурпација на просторот, кој им припаѓа на сите жители, од страна на елитите за нивен профит, додека сметката за тој профит ја сносат граѓаните.

 

 

 

 

 

 

 

 

|2017-08-21T18:02:03+00:0021 август 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|