Здружението на пазарџиите од новата влада ќе бара ревидирање на приватизацијата на Скопски Пазар

 

СКОПЈЕ, 28.06.2017 – Од Здружението на пазарџиите велат дека, секоја партија во својата предизборна кампања посочувала на криминалот кој е извршен при приватизацијата, односно продажбата на државното земјиште кадешто се наоѓаат пазарите на приватниот газда на Скопски Пазар, а оти, ниту една власт досега не направила ревидирање на таа приватизација. Поради ова, тие од сегашната власт јавно ќе побараат ревидирање на оваа продажба

Претседателот на Здружение на пазарџиите, Екрем Долек, во разговор за гласник.мк посочи дека, скоро сите политички партии досега во своите предизборни кампањи укажувале на криминалот, кој е извршен при приватизацијата на скопските пазари, користејќи го тоа како пропаганда и популизам, а оти ниту една власт од 90`тите досега не превземала чекори за ревидирање и утврдување на тој криминал.

Газдата на Скопски Пазар, Сашо Давитковски откако станал сопственик на фирмата, односно ја наследил од својот татко Трајче Давитковски, досега нема ништо направено за скопските пазари. Според Долек, тој цело време само профитира врз грбот и маката на трговците и пазарџиите, а сега продава дел по дел од пазарите за многу поголема цена од онаа за која се откупени од државата во 90`тите години.

„Ова државно земјиште сопственикот на Скопски Пазар го откупи за 8 евра по метар квадратен, а сега, конкретно на трговците кои закупуваа дуќани на улицата во Бит пазар им ги продаде за 5000 евра по метар квадратен. И тоа, без направен купопродажен договор, туку само направиле договор за некаква соработка, што значи дека пак не се дуќаните во сопственост на тие кои платиле.“, вели Долек.

Во однос на делот кој е продаден пред извесен период, кадешто се наоѓаат околу 240 тезги и пред некое време е покриен со лим, Долек пренесе дека, со сегашниот сопственик, односно Друштвото за трговија и услуги Али Тобако ДООЕЛ како здружение ги договориле условите, односно оти, трговците и понатаму ќе си ги закупуваат своите тезги по истата цена. Тој додаде дека, исто така, новиот газда ќе превземе поголема одговорност во однос на одржување на хигиената, санирање и реновирање на просторот и други потребни услови.

Според Долек, не е важно кој ќе биде купецот на останатиот дел од пазарот, или пак другите пазари, туку е многу важно идниот газда да се однесува човечно и во согласност со законот. Тој нагласува дека, сегашниот газда на Скопски Пазар, Давитковски досега работел само и само во свој личен интерес, и евентуално за интересот на оние кои му дозволиле најпрво незаконски да го стекне овој имот, а подоцна долги години да профитира на сметка на работниците.

„Се работи за некаде околу 6000 фамилии, кои се закупувачи и му плаќаат кирија на Скопски Пазар од тезги до дуќани. Тоа значи дека, околу 30.000 скопјани зависат од самоволието на една криминална структура, која е поддржана од една друга, државна криминална структура и која му дава една неограничена власт и слобода за газдата да може да прави што сака“, нагласи Долек.

Тој вели дека, низ изминативе години криминалното владеење на власта има всадено страв во пазарџиите, па оттаму тие реагираат на секоја мала промена.

„Од криминалното владеење и стопанисување на Скопски Пазар со пазарите, посебно од 90та година па наваму, на пазарџиите им е всаден страв во коските и секоја една мала промена предизвикува револт, затоа што луѓето потрошиле половина од својот живот тука. Во деведесеттите години полициска станица го држеше Скопски Пазар тука на Бит пазар, за една најмала работа ги тепаа пазарџиите, да не зборуваме за инспекции. Криминалот што го има направено Скопски Пазар врз овие корисници на ниво на град Скопје, па тоа е неопростливо ни за државата, ни за газдата на Скопски Пазар“, потенцира тој.

„Имаме намера да поднесеме иницијатива до државните институции за комплетно ревидирање на приватизацијата на пазарите“

Здружението на пазарџиите ќе бара од државните институции да направи ревидирање на приватизацијата на пазарите во Скопје од 95та година. Пазарите како локации, сопственикот на Скопски Пазар започнал да ги купува во 2005 година. Според законот, вели Долек, услов за откупување на овој државен имот е да „биде твдра градба“, односно ако пазарот е изграден од бетон. Меѓутоа, ниту еден бетонски столб нема ниту во Бит пазар, ниту во Бунјаковец, ниту во Чаир, ниту пак на Зелен пазар.

„Кој е поголем криминалец тука, дали е државата или Скопски Пазар. Според мене државата е поголем криминалец, затоа што се нашол некој во министерство кој бил потплатен со малку пари, за да продава така едноставно, на нетранспарентен начин државен имот. И во тој процес на приватизација на пазарот државата не вгради ниту еден елемент за заштита на тие луѓе кои работат таму“, вели Долек.

Тој исто така нагласува дека, не постои регулаторна комисија за регулирање на цената за закупнината на тезгите и дуќаните. Според него, ова е ситуација кога има директен судир со монополска позиција, која ја држи Скопски Пазар како фирма, за што треба да реагира Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„После овие непријатни работи кои се случуваат на сметка на работниците на тезгите, ние ќе одиме до крај. Ќе бараме од институциите на системот, прво да се ревидира и да се објасни пред граѓаните, како и под кои услови е приватизирана фирмата Скопски Пазар во периодот од 93. – 95. година, затоа што од 100% државен капитал преку ноќ стана 100% приватен капитал. Притоа не се земаа во обзир правата на работниците на пазарите. Бараме ревидирање и поништување на таа нелегална продажба од страна на државата. А не да му се овозможи на било кој, во случајов Скопски Пазар да купи, на пример во Бит пазар 6.000 метри квадратни по цена од 8 евра за метар квадратен, сега ги продавал дуќаните по 5.000 евра за метар квадратен“, посочи Долек.

Тој потенцира дека, луѓето кои ги откупиле дуќаните се избрзале и сега се на некој начин измамени, бидејќи не поседуваат купородажен договор, туку само некаков договор за соработка.

Со овој тек на настаните, односно, продажбата на делови од пазарите од страна газдата на Скопски Пазар, се губи целината и значењето на пазарите. Како што се зголемува бројот на сопственици на одредени делови од пазарите, така ќе се зголемува и конкуренцијата, а од ова едниствена загуба имаат работниците. Воедно, најавите дека Бунјаковец ќе премине во бетонска зграда, односно пазар од затворен тип, исто така, е закана за просторот. А од друга страна се отвора простор за градење на уште повеќе објекти од ваков тип, кои му штетат на градот, а од кои евентуален профит би имале само газдите.

„Со продажбата и на еден дуќан, концептот „пазар“ е растурен, веќе го немаме оној единствен концепт – пазар. Се губи тоа, веќе не постои“, заклучи Долек.

Ианку, општина Чаир пред три месеци издаде градежна дозвола за Скопски Пазар да може да го оствари ветувањето, односно да изгради нов пазар на местото на сегашниот дел за зеленчук и овошје на Бит пазар. Скопски Пазар се’ уште нема платено комунални такси за да ја подигне градежната дозвола.

Здружението на пазарџии најавува прес конференција за идната недела, на којашто како што рече Долек, ќе постави ултиматум на Скопски Пазар.

„Како што ни’ кажаа од урбанистичката служба во општина Чаир. 01.07 до 01.09 има уште некои процедури, коишто треба да се завршат за да биде чиста ситуацијата. Ќе му дадеме 2 месеци време на Скопски Пазар и од 01.09, ако не почне физички да се гради Бит пазар, ние ќе му објавиме бојкот, нема да плаќаме кирија. Не може веќе тој да прави што сака. Не може веќе само да зема пари од Бит пазар, туку дојде време и да инвестира и да врати дел од тие пари“, потенцира тој.

 

Текст и фотографии: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T07:39:14+00:0029 јуни 2017|Актуелно, Вести|