„Здрава Котлина“: Ќе се бориме да нема рудници, со или без помошта на владите што доаѓаат и си одат

СКОПЈЕ/СТРУМИЦА, 08.08.2018 -Еколошкото здружение „Здрава Котлина“ од Струмица изминатата недела објави неколку аргументи кои ги деконструираат ветувањата на концесионерот Еуромакс рисорсис за „економските бенефити“ за Струмичката котлина ако се отвори рудникот Иловица-Штука.

Активистите и покрај тоа што се против отворање на било каков рудник во Струмичката котлина, не гледаат ни логика во отворање на рудник од кој рудните богатства ќе ги добијат други држави, а само смешна финансиска сума и отрови ќе добие Македонија.

„Нашето рудно богатство ќе биде ископано и однесено во некој сеф на големите држави. Факт е дека 98% од ископаната руда (злато, бакар, сребро) оди во рацете на странските корпорации. Значи, благородните метали физички одат надвор од државата и нема никогаш да се вратат! А нас не’ залажуваат со 2% од продажната цена на ископаните метали. И тоа од тие 2% – 22% одат во државната каса, а останатите 78% „радосно“ ќе ги поделат општините Босилово и Ново Село. Само 2%! Безначајни 2 проценти во книжни платежни средства, наречени пари “, истакнаа од „Здрава Котлина“

Тие тврдат дека и вработувањата  и генерирањето на нов капитал кои се ветени со отворање на рудникот може да бидат постигнати преку други гранки кои се традиционално природно присутни во овој регион.

„(…) Пример органско и еко земјоделско поизводство, производство на електрична енергија со сончеви панели и алтернативни еко-начини на користење на водата…? Па само со берење, пакување и продажба на диви шумски продукти од Беласица, на годишно ниво (ќе) се добиваат 15-20 милиони евра обрт на капиталот! Со можност за бескрајна експлоатација на истите! Да не заборавиме дека земјоделството учествува во БДП со 10%, а рударството со 3%! “, додават од „Здрава Котлина“.

Од друга страна пак, лобистите и преставниците на рударскиот сектор активно пропагираат отворање на рудникот во Иловица-Штука. Пред два дена, на страната на Слободен печат се појави колумна од извесен Живко Груевски кој во јавноста е познат како еден од првите „масони“ во Македонија, во која објаснува како експертите од Европската банка за развој и останатите експерти треба да се послушаат кога станува збор за (без)опасноста на рудникот, а не активистите кои во како што вели тој, „фрапантната вистина на патетично изнесените популистични предупредувања имаат многу недостатоци, полувистини, но и целосно шпекулативни теории.“

„А другата страна пак (реномирани експерти и академски авторитети, стручни консултанти на „ЕБРД“ и менаџерскиот тим на компанијата носител на проектот) прилично авторитетно и аргументирано зборуваа за највисоките технолошки, технички и етички стандарди за одржливо рударство во 21 век. Тие зборуваа за неопходниот стручен дијалог во континуитет, заеднички мониторинг во сите фази и форма за градење на разбирање и доверба помеѓу сите инволвирани страни“, напиша Груевски.

Ова не е прв пат Слободен печат да отстапува простор на луѓе кои отворено лобираат за отворање на рудникот. И покрај честите дискусии и аргументи од страна на оганизациите во Југоистиочниот регион, во овој медиум преовладуваат ставовите на рударското лоби.

А владата после средбата во Струмица и срамежливото протнување на согласноста за отворање на рудникот е релативно тивка. Но, граѓаните од струмичкиот регион  не ги забораваат владините предизборни ветувања и очекуваат рудниците на смртта да не се отворат, токму како што ветуваше премиерот Зоран Заев.

„Ние ќе отвориме перспективи со она што е наш овде ресурс, а нашиот ресурс е нашиот народ, убавото сонце што Господ ни го дал, плодното земјиште овде што го имаме и љубовта кон струмичкиот регион и Република Македонија. Заедно сме со вас, за здравјето и за животот на нашите граѓани’, ветуваше Заев во Ново Село во октомври минатата година.

 

Вечерва активистите од еколошката коалиција „Југоисток против рудниците“, „Еко Долина“ од Ново Село и „Здрава Котлина“ од Струмица организираат собир во село Сушица со цел да ги информираат жителите од овој регион за моменталната состојба околу постапката за отворање на рудник во Иловица-Штука.

„Нашата иднина зависи од нашето залагање за неа, затоа ве очекуваме сите!“, напишаа тие во повикот на социјалната мрежа фејсбук.

| 2018-08-08T11:00:36+00:00 8 август 2018|Актуелно, Вести, Видео / Фотографија|