„Здрава Котлина“ до владата: „Решете го рудникот на смртта, или народот сам ќе го реши“

СТРУМИЦА, 09.10.2018 – Здружението „Здрава Котлина“ од Струмица кое активно се бори против рудниците на смртта синоќа преку својот фејсбук профил упати јавно барање до Владата и Собранието на Република Македонија (РМ). Јасно порачуваат: „Решете го рудникот на смртта, или народот ќе го реши“.

Во прилог на Барањето до Владата и Собранието на РМ да го решат рудникот во Иловица – Штука, од Здружението набројуваат неколку аргументи за непочитувањето на ветувањето на премиерот дека рудници нема да има, како и незаконската работа на концесионерот Еуромакс Рисорсис.

„1. Премиерот сѐ уште не го исполни предизборното ветување дека рудници нема да има.

2. Премиерот не го исполни ни рокот што сам го даде (крајот на мај) за решавање на проблемот со рудникот/рудниците.

3. Владата и Собранието не ја почитуваат јасно изразената волја на граѓаните на референдумите одржани во септември 2017 во општините Босилово и Ново Село каде излезноста беше 32.56% и 39.51% соодветно и каде во двата случаи над 98% од граѓаните што гласаа беа против.

4. Владата и Собранието не ја почитуваат јасно изразената волја на граѓаните на Струмица и струмичко на големиот Протестен марш одржан на 16 јуни 2018, под мотото ДА ГО СОПРЕМЕ ПРЕД ДА НЀСОТРЕ

5. Владејачката коалиција, заедно со опозицијата, во август оневозможија изгласување на предложените измени во Законот за металични и минерални суровини, кој веќе 11 месеци чека да биде усвоен од Собранието.

6. Концесионерот на рудникот Иловица-Штука ЕуромаксРисорсис веќе две години функционира надвор од законите, а нивните студии се полни со недоследности. Самиот Премиер истакна дека постојат најмалку три-четири правни основи за одземање на концесијата. Оваа компанија се однесува како никој ништо да не ѝ може: шири опасни дезинформации за наводната безопасност на рудникот, спроведува незаконски кампањи, агресивно злоупотребува хуманитарни и спортски настани и организации, злоупотребува деца, поткупува итн. Оваа компанија е извор на корупција по сите основи.

7. Непостапувањето по Член 53, 54, 55 и 56 од Законот за минерални суровини е само една од основите за кривична одговорност за сите оние кои дозволиле предвиден рок од 30 дена да се развлече на 2 години и никој да не одговара. Поединци од претходната и сегашната власт криминално го штитат концесионерот и притоа се прекршуваат сите меѓусебни договори, законите и Уставот на РМ. Ова не е владеење на правото, туку пример за коруптивна зделка која ги става под сомнеж сите кои не сакаат да ја решат во полза на граѓаните.

8. Наводните измени на технологијата за експлоатација воопшто не се во согласност со законите на Република Македонија и како такви се целосно надвор од утврдена процедура која треба да биде иста за сите. Подлогите за технички податоци се во целосна спротивност со веќе утврдени параметри од домашни и меѓународни институции. Ваквите криминални дејности се потенцијална општа опасност и можат да предизвикаат масовна катастрофа.

9. Локалните самоуправи на општините Босилово, Ново Село и Струмица во случајот со рудникот на смртта не ја остваруваат својата основна функција да се стават во заштита на граѓаните и да преземат активности во таа насока.

10. На националниот референдум одржан на 30 септември 2018, директно засегнатите општини Ново Село и Босилово имаа рекордно ниска излезност, најмногу поради неисполнувањето на ветувањето за сопирање на рудникот“, стои во објавата.“

Според нив, сите овие аргументи укажуваат на тоа дека владата и собранието не ја остваруваат својата основна функција – да работат за добробит и во заштита на граѓаните.

„Ние сме свесни дека проблемот со рудниците е наследен од претходната власт, за што силно сме ја критикувале, но новата власт презеде обврска пред граѓаните дека ќе го реши проблемот. Проблемот сѐ уште не е решен“, велат оттаму.

Тие упатуваат апел до владата дека последен рок за решавање на проблемот со рудникот е 16.10.2018 година кога владата треба да има редовна седница.

„Силно препорачуваме Владата да ѝ ја одземе концесијата на компанијата Еуромакс Рисорсис, а Собранието да ги усвои измените на Законот металични и минерални суровини.

Повеќе не прифаќаме никакви одложувања или оправдувања. Не прифаќаат ниту граѓаните, кои од нас бараат акции за сопирање на рудникот“, потенцираат од здружението.

Тие упатуваат јасна порака до владата, дека доколку не го решат проблемот, ќе го повикаат народот на граѓанска непослушност, за сам да се заштити и сам да го реши проблемот.

|2018-10-09T11:36:49+00:009 октомври 2018|Актуелно, Вести, Економија, Став|