Зарем богатите не заслужуваат да го задржат нивното богатство?

Богатството се создава во социјалното милје, а редистрибуцијата овозможува повеќе луѓе да уживаат во плодовите на својата работа.

Технолошките тајкуни, обожуваните забавувачи и блескавите спортисти, речиси секогаш доаѓаат во жестоки дебати околу даноците.

Не ви се допаѓа вашиот iPod? А Хари Потер? Неолибералните економисти тврдат дека субјеките како Стив Џобс, Џ. К. Роулинг и Леброн Џејмс треба да заработат повеќе пари од останатите. Впрочем, ние – потрошувачите, ги купуваме нивните производи.

Нивната висока плата им дава стимул којашто е неопходна за напорна и иновативна работа, од која дури и мрзливите меѓу нас имаат корист. Се чини интуитивно, но ова размислување не држи.

Застапниците на ниските даноци за богатите намерно бираат примери од технолошките гиганти и културните индустрии, што укажува на тоа дека поединци од елитата се одлични иноватори коишто се „скроени“ од поинаква структура.

Но, погледот кон листата на топ-платени извршни директори во САД ни кажува поинаку. Највисоко платениот извршен директор на „Дискавери Комјуникејшнс“ Давид Заслав, профитира 150 милиони долари само во 2014 година. Кој е неговиот придонес за човештвото? Одговор: Овозможи емитирање на реалити серијалот, „Here Сomes Honey Boo Boo.“

Повеќето луѓе го разбираат ова и сметаат дека богатите треба да платат поголеми даноци. Според анкета на Галуп од 2015 година, 62 проценти сметаат дека „примателите со повисоки примања се оданочуваат премалку“, додека само 25 отсто мислат дека го плаќаат својот „фер дел.“ 69 отсто сметаат дека корпорациите не се доволно оданочени, додека само 16 отсто се задоволни со моменталните стапки.

Социјалистичкото оправдување за даночните политики се засновува на гледиште коешто не робува на анкетите за јавното мислење за тоа како капиталистичкото богатство е всушност создадено. За да го истражиме тоа, ние прво треба да разбереме што се даноци и што за нив мислат не-социјалистите.

Даночната политика прави две работи во капиталистичкото општество. Прво, таа одредува кој дел од вкупната економска пита ќе биде управувана од јавноста, во форма на владини приходи и колку ќе биде оставено на користење на приватни актери како поединци и корпорации. Второ, тоа предвидува како јавниот удел е раздвоен меѓу конкурентските потреби и желбите на поединци, организации и корпорации. Првиот е за контрола на ресурсите, додека вториот е прашање на распределба.

Дури и кога владата всисува високи даночни приходи, не секогаш ги враќа во прогресивни цели. Само размислете за огромните придобивки што им се нудат на корпорациите преку субвенции и/или развојни истражувања поддржани од државата и лесно може да се види како владите можат да редистрибуираат, нагоре, надолу или хоризонтално.

Во капиталистичка економија, каде што продуктивните ресурси се во приватна сопственост, социјалистите бараат голем дел од општествениот производ да биде демократски контролиран и јавно редистрибуиран надолу.

Меѓутоа, во САД денес, либертаријанскиот став дека „оданочувањето е кражба“ е составен дел од концептот на сопственост, што дури и оние кои го поддржуваат прогресивното оданочување, често ја прифаќаат претпоставката дека приходот пред оданочувањето, којшто луѓето го заработуваат, мора целосно да го поседуваат.

Дури и либералното кредо дека секој мора да отстапи соодветен дел се базира на имплицитната идеја дека работниците и капиталот плаќаат даноци поради граѓанската облигација за откажување од дел од она што е нивно за подобрување на општеството.

На ова ниво, либертаријанците аргументираат дека ако приходот пред оданочување е директен производ на субјектот или „трудот“ на корпорацијата, тогаш, „приходот“ треба да го употребаат како што сметаат дека е соодветно. Според нив, дури и ако владата одлучи демократски да ги оданочува богатите со повисока стапка, оданочувањето останува фундаментално неправедно, во екстремната формула на либертаријанскиот политички филозоф Роберт Нозик, дека „оданочувањето на заработувачката од трудот е на исто ниво со принудната работа.“

Тоа гледиште беше со право критикувано од прогресивците. Но, социјалистите не треба да се потпрат на општиот либерален критериум за оданочување дека способноста на субјектот или корпорација да платат треба да го одреди износот што го плаќаат. Познатото оправдување циркулира дури и кај левичарите, кои насетуваат ехо во познатото „секому според способностите, секому според потребите.“

Оваа перспектива сугерира две работи, од кои и двете се неточни.

Прво, дека даноците се вид на неопходно зло за оние коишто се субјекти на оданочување. Но, иако приходот на субјектот или корпорацијата пред оданочување е резултат на нивниот труд, попрактично е општеството да оданочува дел од тој приход за јавни цели, отколку да го остави во приватна контрола. Или, алтернативно, дека поголемото оданочување врз богатите е едноставно фер.

И двата става нè вовлекуваат назад во либертаријанската прашална какафонија: Дали таквата даночна политика не ги загрозува правата на поединецот? Треба ли праведноста да ги уништува правата на индивидуите? И дали социјалистичкиот аргумент за високо прогресивно оданочување во крајна линија, исто така, ги нарушува правата на поединецот? Зошто социјалистите толку многу ја мразат слободата?

Социјалистичкото гледиште за прераспределба во капиталистичкото општество мора да отфрли важна премиса во речиси сите дебати за даночната политика: Приходот пред оданочувањето е заработка исклучиво како индивидуален напор и е приватен посед пред државата да интервенира за да земе дел од неа. Откако ќе ја разбиеме оваа либертаријанска фантазија, лесно е да се види дека индивидуалниот и корпоративниот приход е возможен само како државна акција којашто се финансира од даноци.

Капиталистичката економија не е саморегулирачка. Првиот предуслов за фирмите да заработат профит се имотните права наметнати од државата, коишто им даваат на некои луѓе сопственост и контрола над продуктивните ресурси, додека во исто време ги исклучуваат останатите.

Второ, владите треба да менаџираат со пазарите на труд со цел да овозможат задоволање на потребите за фирмите. Државите го прават тоа преку формирање политики за имиграција и образование. Сите капиталистички држави, исто така, се обидуваат да ги ублажат ризиците на пазарот на труд, без разлика дали тоа е ризикот од недостаток на работна сила или невработеност за работниците.

Трето, повеќето капиталисти сакаат државите да спроведат „владеење на право“ со антимонополски, антикорупциски, имотни и други сопственички закони, бидејќи тоа ги прави пазарните интеракции попредвидливи и веродостојни. И конечно, капиталистичката економија има потреба од инфраструктура. Дури и повеќето либертаријци тврдат дека државната контрола врз понудата на пари и каматните стапки е неопходна за да се поттикне или забави растот кога тоа е потребно за економијата.

Сето ова се прави со даноци. Во кратко, самиот поим за приход или профит пред оданочување е сметководствен трик. Приходот на еден субјект или профитот на корпорацијата се делумно резултат на тоа што владите ги собирале даноците и активно создавале услови под кои тие воопшто можеле да заработат пари. Така што барањето „да се оданочат богатите повеќе“, не е само крик од инает или барање за правичност.

Социјалистичкиот пристап за оданочување и прогресивна редистрибуција е изграден на три основни фактори во однос на тоа како функционира капитализмот. Прво, како што видовме, личните примања и корпоративните профити не се само резултат на индивидуална работа и бизнис конкуренција, туку тие се дел од поширок општествен производ.

Вкупниот приход генериран во капиталистичко општество е резултат на колективен социјален напор, овозможен во специфична социјална и правна архитектура и канализиран во исто време преку јавно финансирани и приватно контролирани и финансирани институции.

Второ, класната нееднаквост која произлегува од создавањето на овој општествен производ е релациона. Капиталистите можат да акумулираат големи богатства само затоа што работниците не можат. На линијата на еквилибриум, фирмите можат да ги зголемат своите профити во обратна пропорција со трошоците што ги имаат за трудот.

Условот за овој сооднос е, уште еднаш, политички и одржуван преку даночните приходи. Фирмите се потпираат на државите за да ги спроведат сопственичките права и договорите коишто ја задржуваат сопственоста на продуктивните ресурси во општеството – средствата за производство, во посед на малку субјекти.

Како резултат на тоа, во капитализмот, повеќето луѓе работат за други; тие не вработуваат други за да работат за нив. А капиталистите вработуваат работници само кога веруваат дека напорите на овие работници ќе направат повеќе пари за фирмата, отколку што работниците ќе добијат како плати, во спротивно тоа би било пазарно самоубиство.

Се разбира, напорната работа, измамите и среќата им овозможуваат на некои работници да станат капиталисти. Но, основната структура на капитализмот, во која мал дел поседува поголем дел од продуктивните средства, гарантира дека огромното мнозинство луѓе (во најдобар случај) ќе го потрошат својот живот за да заработат плата, но никогаш да не профитираат. Оданочувањето обезбедува делумен лек за таа суштинска, структурна нееднаквост на капиталистичкото општество.

Трето, прераспределбата преку оданочување е средство за проширување на индивидуалната слобода и не ја намалува, како што тврдат либертаријанците. Слободата, според либералниот теоретичар Исаија Берлин, има двоен состав. Од една страна постои негативна слобода како отсуство на принуда или „слобода од“, којашто е обележје на најчестите концепции на слободата во САД денес.

Во однос на принудата, даноците финансираат различни јавни работи кои им нудат на граѓаните одредена мерка на слобода од приватната тиранија на фирмите. Тие ја сочинуваат базата на државниот апарат којшто во капиталистичкиот систем е единствената сила чијашто моќ ја надминува моќта на капиталистичката класа во целина.

Без закони кои го забрануваат ропството, напишани од законодавните тела и спроведени во судовите кои се финансирани од јавни пари, луѓето би биле принудени под закана од насилство или глад, да работат без пари. Без регулативи, како законите за минимална безбедност на работното место или законите кои го принудуваат менаџментот да се вклучи во колективните договори, работниците ќе го загубат и она малку што го имаат за тоа како е организирана нивната работа.

Меѓутоа, во контекст на даночната политика, позитивната слобода е исто така важна. Позитивна слобода е „способноста за“ – капацитет за да се прават работите, како и можноста за избирање на цели и правење напор за нивна реализација. Ваквата слобода бара ресурси.

Во капиталистичките општества со ниски нивоа на редистрибуција, позитивната слобода е игра со нулта сума* во која малкумина уживаат од таквите способности на сметка на многу други. Даночната политика која го дели општествениот производ на ваков начин што на некои луѓе им овозможува да живеат богат живот, додека на другите одвај да преживуваат, не може да се каже дека промовира слобода.

На пример, јавниот образовен систем, кој им нуди на граѓаните можност да развијат знаења и вештини за остварување на колективни и индивидуални амбиции, е темел на позитивна слобода којaшто може да се одржи само преку оданочување.

Во стварно социјалистичко општество, комбинацијата од политичка и економска еднаквост, ќе им понуди на сите поголем степен на негативна и позитивна слобода отколку „еднаквоста“ што ja уживаат во капитализмот. Додека не го оствариме таквиот свет, прогресивната редистрибуција преку прогресивно оданочување е и средство за надоместување на структурните нееднаквости и примарен начин на кој можеме да ја прошириме слободата за што е можно повеќе луѓе.

Но, ние сме упатени на погрешен пат надолу. Во текот на изминатите неколку децении, финансиските придобивки од растечката продуктивност на трудот првенствено беа приграбувани од сопственичката класа, додека даночните стапки на врвните заработувачи беа драстично намалени и сега ги достигнуваат нивоата пред времињата на „Њу дил.“

Дури и скромното зголемување на вкупната даночна оптовареност за топ 1 процент од заработувачите, од 45 проценти, што е далеку пониско од повоените нивоа, ќе даде дополнителен приход од 275 милијарди долари. Тоа е далеку повеќе од потребните 47 милијарди долари за да се направат бесплатни сите јавни колеџи и универзитети.

Ваквите зголемувања, одат во прилог на генерирање на приходи потребни за финансирање на универзален систем за здравствена заштита, кон зголемување на придобивки од социјалното осигурување и за обнова на инфраструктурата.

Повеќето од луѓето ќе се согласат дека сите ние заслужуваме да живееме во општество каде што ни е дадено она што го заслужуваме, сме слободни и имаме капацитет да бидеме креативни за да го достигнеме нашиот потенцијал. Редистрибутивното оданочување е чекор во оваа насока.

Богатите не го заработија своето богатство, тие само се држат до богатството, за нам да ни биде подобро.

*игра со нулта сума е математичка претстава за ситуација во која добивката или загубата на секој учесник е избалансирана од загубите или придобивките на другите учесници

Автор:
Мајкл А. Мекарти е асистент професор по социологија на Универзитетот Маркет (Marquette University).

Извор: Јакобин

 

| 2018-07-30T12:24:33+00:00 30 јули 2018|Актуелно, Економија, Свет, Став|