Започнува да се минира иднината на 400.000 граѓани на југоистокот

ВАЛАНДОВО, 12.12.2017 – Изградбата на рудникот Казандол  во Валандово продолжува и покрај сите апели, протести, правни недостатоци во издавањето на концесијата и 4 700 гласа против на референдумот што беше одржан на 20 август.  Иницијативата „Спас за Валандово“ денес објави дека, инвеститорот на рудникот Казандол преку Радио Валандово ги извести граѓаните дека од утре започнува со минирање.

„Инвеститорот на рудникот Казандол денес ги извести граѓаните на општина Валандово дека отпочнува со МИНИРАЊЕ од утре, среда, 13.12.2017!“ напишаа тие на својот фесјбук профил.

Изминатиот петок, се случи еден од најголемите протести во Валандово во којшто јасно, гласно и гневно им се порача на инвеститорите, но и на сите оние политичари што дадоа предизборни ветувања за запирање на рудниците, дека жителите од овој крај се будни, немаат намера да се откажат од борбата и дека ако е потребно набрзо ќе се радикализираат.

За влада која со фанфари најавуваше дека рудниците ќе бидат запрени и дека југоисточниот дел од Македонија ќе остане да биде земјоделски регион, а не место со 86 нови рудници, поразувачка е веста за минирање во Казандол. Исто така, поразувачки е што владата нема направено ништо околу правното преиспитување на концесиите и покрај бројните укажувања  на активистите но и на некои пратеници.

После денешната вест за минирањето, сите предизборни ветувања, а и деклартивните средби со еко-организациите и активистите изгледаат блефирачки и гротескно. Се чини дека, оваа влада ја продолжува економската стратегија за изградба на рудници оставена од ВМРО-ДПМНЕ, делиберативно игнорирајќи ја демократската волја на населението околу ова прашање, но и негрижа околу судбината на 400 000 жители од југоисточниот регион.

На последниот протест во Валандово, како што може да се види на видеото погоре, збор имаше и Марија Кадоглу, од S.O.S Halkidiki, од Грција. Тие, како што кажа таа, веќе 10 години се борат против руднците на смртта. Таму, често населението се радикализира во отпорот против неолибералниот капитализам. На следното видео може да се види како грчките граѓани се борат за својата земја.

Авторка: Сенада Ибраимова