Заев, 8ми март и Маргарет Тачер

Вчера, премиерот на Македонија Зоран Заев, кој патем се смета себе си за левичар, на Маршот во Куманово во чест на 8 март, што традиционално го организира Форумот на жени на СДСМ, зборувајќи за правата на жените ја цитираше поранешната британска премиерка, Маргарет Тачер.

„Секогаш кога зборувам за правата на жените се потсетувам на една многу реална, инспиративна констатација на “челичната лејди“, на познатата британска премиерка, Маргарет Тачер. Таа вели: „Секоја жена која ги разбира проблемите на водењето на домаќинството, подобро ќе ги разбере проблемите на водењето на државата“, рече Заев.

За политичар кој се декларира себе си за левичар, цитрањето на Тачер е контрадикторно по многу основи. Прво, Тачер заедно со претседателот на Америка Роналд Реган се двоец кој во 80-тите години го започнаа неолибералниот бран во своите земји, а потоа и во светот. За левицата, неолиберализмот е стадиум на капитализмот кој го редуцира јавното добро, го дерегулира пазарот и државните механизми за заштита, ги анихилира работничките права, суштински ја погазува социјалната  држава и ги зголемува класните разлики.  Сите овие ефекти од неолиберализмот, декларативно се спротивно од социјал-демократијата, иако во овие 40 години, генерално, социјал-демократските партии низ Европа и Америка се партнер во перпетуирањето на ваквите политики. Но сепак, антипод на овие неолиберални ефекти се токму тоа што беше понудено како програма на СДСМ на последните парламентарни избори – прогресивен данок, намалување на сиромаштијата, подобрување на здравствените и образовни државни институции итн.

Второ, конзервативката Маргарет Тачер, со своите политики најбрутално застана во одбрана на капитализмот, приватизирајќи цели индустрии, посебно во рударската сфера што резултираше со рапидно осиромашување на мнозинство од народот и колапс на цели индустриски градови. Tаа е позната по својот цитат „There is no alternative (Нема алтернатива)“, алудирајќи на политичко-економскиот систем што ревносно го спроведуваше. Но, токму поентата на 8ми март беше алтернативна стратегија. Одбележувањето на 8-ми март е  произлезено од борбата против капитализмот и борбата за еднакви права. Во август 1910 г., во Копенхаген, на Меѓународна конференција на жените социјалистки, марксистичката теоретичарка и член на Социјалдемократската партија на Германија, Клара Цеткин го изјавила следното:

Во согласност со класносвесните политички и синдикални организации на пролетеријатот во секоја земја, социјалистките во сите земји ќе организираат Ден на жените секоја година. Пред сè, Денот на жените ќе има цел за постигнување универзално право на глас за жените. Ова барање ќе биде на линија со социјалистичкото разбирање на целото прашање за правата на жените. Денот на жените ќе биде меѓународен во својата природа и мора да се подготви беспрекорно.

Една година подоцна почна да се одбележува овој ден во Данска, Австрија, Германија и Швајцарија, а во 1914 година почнал да се одбележува низ повеќето земји во светот.

Трето, Маргарет Тачер не е феминистка, ни во ортодоксното сфаќање на феминизмот, ни во либералното. Таа во 1971 година, после 25 години практиткување, го укина детскиот дотаток кој се состоеше од бесплатно млеко на училиште за деца над 7 години, ги критикуваше мајките што работат дека создаваат генерации кои се одгледувaни во центри за дневен престој, во своите 11 години на владеење ретко унапредуваше жени на високи функции и нејзините политики на приватизирање многу ги погодија жените кои работеа како чистачки во државните институции – прво договорите им беа раскинати, па потоа беа вработени на помали плати и со помалку права.

И за работите да станат појасни,  самата Тачер има изјавено дека не сака да биде поврзана со феминизмот и нејзината борба. Таа дури ја прифаќала омразата која доаѓала од феминистичките кругови во Британија, кои ја обвинуваа за индивиудализам и негирање на женската солидарност.

„Феминистките ме мразат, нели?  Јас не ги обвинувам. Затоа што го мразам феминизмот. Тоа е отров. “, изјави Тачер во 1983 година.

После нејзиното владеење, Тачер ја остави Британија како една од најмоќните земји во Европа и светот. Но на кој начин и врз чиј грб се случило, тоа е вистинското прашање. Таа во своето решение за родова еднаквост го гледа саморегулирачкиот слободен пазар како мерило за способноста на еден човек без разлика на маж или жена. Пазар во кој секој мора да се снаоѓа сам за себе. Но, тоа за најголем дел и мажи и жени се покажа катастрофално.

Премиерот Заев во овој контекст цитирајќи ја „Железната дама“ ја замаглува вистинската слика за Тачер и свесно или несвесно ја извртува побудата и целта на 8 март кој во својата суштина е класна борба, што го прави овој ден автоматски анти тачеровски.

Во држава каде што има голема смртност на родилки и бебиња, каде што 200 работнички од Веибо протестираат повеќе од месец дена на температури под нулата, каде што текстилните работнички поради нормираниот учинок се’ уште земаат помала плата од сите други работници во Македонија, каде што имаме актуелни случаи на тортура и силување на девојчиња по детски домови, причини за славје и прошетки на маршови не постојат. Исто така и дилетантското спомнување на Тачер, кое покрај толку нови и едуцирани советници на премиерот не требаше да му случи, ако веќе тој не знаел самиот што претставува Тачер.

И за крај, нејзината смрт беше причина за големо славје во Северна Англија и Шкотска. Некои навивачки групи до ден денес пеат песни против неа.  Како потсетник за популарноста на Тачер, во прилог можете да проследите видеа, кои секоја година  ја „слават“ нивната поранешна премиерка.

|2018-03-05T22:29:56+00:005 март 2018|Актуелно, Став|