За животот и делото на Адем Демачи (прв дел)

Вестите поврзани со албанците, албанската култура и политика во Македонија не се пренесуваат и не покриваат доколку истите не се однесуваат на албанската популација или доколку немаат анти-македонска содржина. Оттука, македонската јавност не многу често добива вести за албанските културни и политички собитија. Непознавањата на двете култури за кои недостигаат и многу интерактивни ургенции, делумно произлегува од заемното непокривање и интерпретирање на прогресивните домени кај овие општества. Обременетоста со многу дневно-политички стереотипизации со националистичка семантика се претструктурните усилби кои го условуваат овој исклучувачки однос.

Овој текст, кој ќе се објави во две продолженија, се однесува на Адем Демачи. Човекот којшто над 27 години од својот живот ги одлежа во затвор. Активист со милитантна и комплицирана животна и политичка филозофија, чии ставови неколкупати во животот се менувале. Во различни периоди од животот се залагал за различни политички решенија за прашањето на албанците во Косово. Неговите полигички гледишта се втемелени на марксистичкиот-ленинистички политички модул, од каде поаѓа и се инспирира.

По 28те години поминати во затвор, застанува на чело на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и како политички претставник на таа формација функционира околу една година. После тоа, извршува различен вид на функции во својот живот.

Умира на 26 јули 2018 година.

Во Македонија, поголемиот дел од најчитаните дневни весници и портали не известија за смртта на Демачи. Запрепастувачки е и фактот дека левичарските организации и структури во Македонија, колку и да се (де)формирани, не обрнаа нималку внимание на ликот и делото на Демачи.

Запрепастува и фактот што македонските граѓани живеат во југоносталгичниот меур, кој, низ времето напластил доста елементи на албанофобија. Оттука, не е чудно што и портретот за Демачи е усвоен од страна на инерцијата на пропагандата „плетена“ со години за време на социјалистичкиот југословенски систем. Овој однос „здраво за готово“, кон Југославија, но и кон политичките опоненти, успеа да остане доминантен и недестилиран долго време после растурањето на Југославија како федерација, држава и филозофија.

Во продолжение следува и текстот којшто се ослонува на биографските податоци изнесени од страна на Шкљзен Гаши хронолошки застапени во текстот посветен на Демачи, два дена после неговата смрт.

Во Македонија, поголемиот дел од најчитаните дневни весници и портали не известија за смртта на Демачи.

Адем Демачи е роден во август 1935 година во Приштина. Поради скудните услови за живот, од седум родени деца, преживуваат само три. Стравот од тоа дали ќе преживее и Адем, ги мотивирало неговите родители да го заведат во регистарот на родени деца дури шест месеци подоцна, на 26 февруари 1936 година.

Основното училите го завршува во Приштина во време на Италијанската окупација од 1941 до 1943, кое продолжило и под германска окупација во 1944 до 1946 година, за да заврши во социјалистичка Југославија. Во Приштина, од 1946 до 1953 ги завршил осумте години средно школо.

Како средношколец, на возраст од 17 години, Демачи ги пишува и објавува првите кратки раскази во весникот „Рилиндја“ (Преродба) и во списанијата „Јета е ре“ (Новиот живот) и „Зани и ринис“ (Гласот на младоста). Откако завршил средно училиште, се запишал на Универзитетот во Белград на катедрата за Светска литература. Меѓутоа, на крајот од петтиот семестар, поради влошувањето на здравствената состојба на неговата мајка, тој се враќа во Приштина, принуден да ги прекине студиите. Во Приштина започнува да работи како уредник за литература во весникот „Рилиндја“ (Преродба).

Од 1953 до 1958 година, Демачи ја потврдува својата писателска репутација на кратки раскази. Kthimi (Враќањето) е еден од најпознатите раскази на тоа време, во кој авторот ја осудува депортацијата на косовските албанци во Турција.

Во првата половина на 1958, тој го објавува првиот роман. Gjarpërnjtë e gjakut (Змиите на крвта) е првиот роман на албански јазик објавен во Косово. Во него, Демачи ја напаѓа традицијата на крвната одмазда, сумирајќи ги своите идеи во неговата посвета потенцирајќи го помирувањето како фундаментална вредност.

Иако не членувал во ниту една нелегана организација, на 19 ноември, 1958 година, тој е уапсен поради „непријателска пропаганда против режимот на Федерална народна република Југославија“.

По неговото апсење дистрибуцијата на романот била забранета. Неколку години подоцна, „Змиите на крвта“ почнува да циркулира помеѓу студентите и активистите на нелегалните движења, често камуфлирани во корици од делото „Мостот на Дрина“, од славниот Југословенски автор Иво Андиќ.

Додека бил во притвор Демачи на истражните органи и авторитети им признава дека имал намера со негови пријатели да создаде нелегална организација. Но, создавањето на таква организација била спречена со неговото апсење. Тој признал дека главната цел на организацијата би била да го спречат присилното депортирање на албанците во Турција. Но, исто така, да ја сопрат кампањата на собирање на оружјето и затворањето и казнувањето на голем број на студентски групи во Косово.

На 17 март 1959 година, Демачи е осуден од страна на Окружниот суд на Приштина на пет години затворска казна. На 9 јуни 1959 година, Врховниот суд на Србија ја намалува казната на три години.

Неколку дена подоцна, Демачи е затворен во Белградскиот централен затвор, за неколку часови подоцна да биде пратен во затворот во Сремска Митровица во Војводина. Затворските денови ги поминал во производство на тркала за тешки возила.

Две години по неговото ослободување, на 28 ноември 1963 година, Демачи со група пријатели ја формираат нелегалната организација, Револуционерното движење за албанско единство (РДАЛ).

Нивна цел беше „обезбедување на правото за самоопределување, дури и по цена на целосно отцепување на делови со мнозинска албанска популација кое било Југословенска администрација“. Со цел да се постигне ова, РДАЛ изјавуваат дека „ќе ги искористат сите средства на располагање, од политички и пропагандистички, па се’ до вооружена војна“.

Членовите на РДАЛ на 12 април 1964 година, развиоруваат 99 албански знамиња на главните улици низ косовските села и градови. Во секој град кадешто се спроведуваше акцијата, активистите исто така го пишуваа и слоганот на ѕидовите: „Да живее Албанија, нашата мајка“.

На 8 јуни 1964 година, два месеци после акцијата со знамињата, повеќе од 300 членови на LRBSH се приведени. После судењето во Приштина, одржано од 27 до 31 август 1964 година, Демачи е осуден и затворен на 15 години. Околу 100 останати активисти се затворени од четири до тринаесет години затвор. Околу 200 активисти беа ослободени после неколку месеци.

Демачи затворските денови ги поминува со Михајло Михајлов, кој бил затворен за обид за објавување на опозициски весник, исто така и со српскиот режисер Лазар Стојановиќ, кој бил затворен поради исмејување со Тито во филмот Пастичниот Исус Христос.

Во сепрември 1969 година, во затворот во Пожаревац, Демачи ја пишува драмата, насловена „Попу“, акроним составен од По-литика и Пу-шка. Негов пријател го прошверцувал ракописот надвор од затворот. Во оваа драма, Демачи ги пишува битките на албанците во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во првата четвртина на 20 век. Ова е неговата прва можност за пишување во затвор во сите 28 години одлежување казни.

Свој придонес во соборувањето на Југословенскиот потпретседател Александар Ранковиќ во 1966 година имаше и Демачи кој ја зголеми релевантноста на РДАЛ. Исто така, тука влегуваат и законските измени кои на албанскиот јазик на Косово заедно со српскиот, му даваат статус на официјален јазик. Забраната за веење на албански етнички знамиња продолжува. Во тоа време, се ревидираат казните на политичките затвореници албанци, со што казната на Демачи се намалува од 15 на 10 години затвор.

На 27 ноември 1968 година, се одржуваат многубројни демонстрации во многу градови во Косово, каде барањата се Косово да стане полноправна југословенска република, наместо покраина.

На 21 февруари 1974 година, новиот Југословенски устав на Косово и на Војводина им овозможи да станат Автономни покраини на Република Србија, речиси ист статус со шестте останати Југословенски Републики. Три и пол месеци после усвојувањето на новиот Устав, на 8 јуни 1974 година, Демачи е ослободен од затвор по втор пат во неговиот живот.

Издржувањето на втората затворска казна, на Демачи му овозможи подлабока рефлексија околу гео-политичките можности за реализација на идејата којашто ја застапува. А таа е, обединување на Албанија. Неговата надеж дека Советскиот сојуз ќе може да придонесе во реализацијата на таа идеја наидува на силни контра-аргументи, читајќи ги новините и критиките упатувани за репресивниот карактер на Советската држава кон сопствените граѓани. Особено, значаен е моментот на инвазијата на Советите во Чехословачка, чин кој го обесхрабрува целосно во надежта дека Советите претставуваат сојузник на неговата идеја. Ист беше третманот и со Кина.

Оттука, се менуваат и неговите рефлексии околу националното и етничко соединување на албанците, како опција којашто не е лесно имплементирачка и која нема да добие глобална поддршка.

Околу „дадените“ права со Уставот од 1974 година, Демачи е скептичен. Според него, тие права можат секогаш и секаде да се прекршат. Според него, албанскиот политички лидершип во тоа време е целосно на располагање на одлуките кои доаѓаат од Белград. Разликата во овој случај е само дека тие луѓе зборуваат на албански јазик, а не српски. Резултатот што нешто се помрднало во однос на правата на албанците, е последица на протестите на студентите, на работниците и на интелектуалците, а не на политичарите.

При посетата на Тито на Косово во 1975 година, тој (Тито), им наложува на косовските политичари да ги забранат и да ги затворат сите ембрионални нелегални албански организации. На листата од 19 лица коишто треба да бидат затворени  како превенција, се наоѓа и името на Адем Демачи. Од 8 јуни 1974 година до 6 октомври 1975 година Демачи е на слобода. Само 15 месеци. После тоа, повторно е затворен.

Овојпат обвинението е дека откако Демачи излегол од затвор, со останатите лица од „листата“ планираат нацрт статут и план за нова нелегална организација. Наводно тој агитира за принципи на територијална организација и избира лидери на групи. Како организатор на целата „операција“ е Демачи.

На 1 февруари 1976 година започнува судењето, додека на 7 февруари судот носи одлука за 19-те обвинети. Демачи добива 15 години затворска казна. Останатите добиваат од четири до дванаесет години затворски казни.

Демачи не ги ни познавал останатите 19 обвинети лица. Неговата изјава за време на судењето е следна:

„Немам сторено ништо од тоа за што сум обвинет. Немам зборувано со никој од обвинетите за никаква организација. Вие не ме обвинувате мене поради тоа што јас имам сторено некакво кривично дело, туку само поради моите политички ставови. Јас сум за Албанија. Југославија ја држи Косово неправедно. Делејќи го албанскиот народ на два, Југославија и наштетува и на нејзината шанса и можност за подобрување за градење на нејзиниот социјализам.“

Околу третото обвинение против него, подоцна, откако излегува од затвор Демачи вели:

„Третиот пат беше наместено обвинението. Првиот пат ме обвинија за пропаганда, вториот за градење на организација. Ги признав тие дела. Третиот пат ме обвинија без да бидам виновен. Донесоа сведоци коишто никогаш ниту сум ги видел ниту ги познавам. Одлуката беше срамотна. Вистинска комедија. Јас бев жртва. Но, без жртви, никаде не одите. Ја прифатив таа одлука. Од друга страна, среќен сум што српските колонијалисти ме избраа мене да ме скршат, затоа што знаев добро дека сум нескршлив. Тие создадоа мартир од мене.“

Текстот за Демачи продолжува со втор дел…

Превод и вовед: Мариглен Демири

| 2018-08-10T15:19:36+00:00 10 август 2018|Актуелно, Некатегоризирано, Свет|