Време е да му дадеме шанса на социјализмот

Текстот на авторката Елизабет Бруниг, којшто е објавен во Washington post, несомнено претставува ефект од политиката на Берни Сандерс, со тоа што може денес во срцевината на капитализмот – Америка да се каже дека капитализмот е проблематичен и да се даде социјалистичка алтернатива, што до неодамна беше богохулие.

Во Соединетите Американски Држави стигнавме до две меѓусебно исклучувачки убедувања: дека во природата на либералните капиталистички демократии е да успеат и  дека во нашиот Трампстички момент изгледа дека пропаѓаат на длабоко вознемирувачки начин. За либералите – и со тоа мислам на наследниците на долгата либерална традиција, а не конкретно оние кои би можеле да се нарекуваат и прогресивци – напорите за синхронизирање на овие две убедувања обично подразбираат чувство на голема анксиозност комбинирано со уверувањeто дека, сè додека имаме правилен став, сè ќе биде во ред.

Напорот да се издржи и надежта дека сè ќе помине најдобро е сигурно еден метод за да се спаси најдоброто од либерализмот, а да се искоренат деловите каде што потфрла, но мојот одговор е очигледно поамбициозен: Време е да му дадеме шанса на социјализмот.

Современите поддржувачи на либерализмот честопати се подложни на она што јас го нарекувам „секојдневен Фукујама-изм“ – идеја, експлицитно наведена или не, дека крајот на Студената војна навистина го означи крајот на историјата и дека можеме само да погледнеме напред кон непрестајниот пораст на либерално-демократскиот капитализам во западен стил. (Или како што левичарскиот интелектуалец Марк Фишер пишува: „Полесно е да се замисли крајот на светот отколку крајот на капитализмот“.) Оваа претпоставка се рефлектира во слепиот, изненаден немир на либералите од ерата на претседателот Трамп: „Има моменти во кои сè она во кое верувам – разумното размислување, взаемната толеранција, либералната демократија, слободата на говорот, чесноста, пристојноста и умереноста – се чини дека се во залез. “, Ендру Саливан неодамна се пожали  во списанието „ New York“. „Во блиска иднина, национализмот веројатно ќе остане дефинирачка политичка сила”, изјави Јашча Мунк овој викенд во „New York Times“; „Либералите треба да се стремат да го направат национализмот што е можно поинклузивен“, предупреди тој.

Наспроти оваа позадина на либералната вознемиреност, идејата дека сè или ќе биде или веќе е во ред, само ако се има точниот став – дека „ние сме подобри од ова“, како што Џо Бајден самоуверено изјави на веб-страницата на својата новоформирана комисија за политичка акција – изгледа особено изнемоштено. Тешко е да се поврзе инсистирањето од зрелата ера на Обама дека „Америка е веќе голема“ со опипливото чувство дека нешто – во климата, во економијата, во општеството, во политиката, во изворот на американските идеи – оди многу лошо. Што да се прави? Решението на Саливен за заканата над либерализмот е контемплативна „самодоверба и самопознание“; а на Mунк е „да се припитоми национализмот онолку колку што е возможно“.

Но моето чувство е дека додека Саливен, Мунк и сите други загрижени либерални набљудувачи се во право дека нешто не е во ред со состојбата на американскиот либерализам, проблемот е многу подлабок отколку што мислат. Јас не мислам дека да се тера бизнисот само подобро, е доволно да се поправи тоа што не функционира. Мислам дека проблемот лежи во коренот на самиот капитализам.

Всушност, жалбите на Саливен и Mунк – дека Американците се чини дека се изолирани, злобно конкурентни, сомничави еден во друг и духовно плитки; и дека ние нервозно бараме некој вид приврзаност кон нешто вистинско и длабоко во ера кога се намалува довербата и почитувањето – се чини дека се симболични за капитализмот, кој поттикнува и бара жесток индивидуализам, сопствен интерес и игнорирање на другиот, и незадоволство од аранжмани во кои човек остава поголем депозит отколку што повлекува. (Како што забележал еден пријател со деловно чувство: Никој не се збогатува од билатерални трансакции, каде што сите знаат што прават.) Капитализмот е идеологија што е многу поопширна отколку што самата признава, таа е она што ги претвора сите врски во пресметлива размена . Тела, време, енергија, креативност, љубов – сите тие стануваат стоки што треба да се ценат и продаваат. Отуѓувањето владее. Нема простор за одржлива контемплација и има мал интерес за јавниот морал; сè се распаѓа до нивото на атомизираниот поединец.

Дека овој капитализам е штетен за најдоброто од либерализмот не е некоја нова загриженост: тоа е долгогодишна критика, присутна во раната социјалистичка мисла. Дека капитализмот и либералното владеење се смениле од тогаш навака, но без да ги отстранат критиките, упатува на тоа дека критиката е вистинита на фундаментален начин.

За да не бидам именувана за тоталитарна носталгичарка, би поддржала еден вид социјализам кој би бил демократски и би бил првенствено насочен кон декомодифицирање на трудот, намалување на огромната нееднаквост предизвикана од капитализмот и ослободување од капиталистичката стега  над политиката и културата.

Не мислам дека секој проблем може да се лоцира во самиот капитализм: Имаше несреќи и неправди долго пред капиталот, а ќе се осмелам да кажам и дека ќе има и по него. Но, ми се чини дека е време за оние кои се надеваа дека ќе уживаат во крајот на историјата да прифатат дека, иако се поврзани во одредени аспекти, се чини дека капитализмот е во судир со хармоничниот, мирен и стабилен либерализам замислен во соништата од средината на векот. Мислам дека не стигнавме до крајот на историјата, што значи дека се’ уште имаме шанса да ја обликуваме иднината што ја сакаме. Предлагам да ја прифатиме таа шанса.

|2018-03-22T13:29:32+00:0022 март 2018|Актуелно, Свет, Став|