„Во одбрана на Дебар Маало“ подготвува судска постапка против општина Центар и Жерновски

„Нелегалното уништување на јавен простор и зеленило за време на изградбата на „Скопје 2014“, се проширува и во најголемата оаза на градот. Ова е особено алармантно, бидејќи ваквото недемократско однесување се случува кога градот се соочува со еколошка катастрофа и нарушено здравје на граѓаните“, нагласуваат од здружението.

СКОПЈЕ, 19.07.2017 – Граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар Маало“ се подготвува да започне судска постапка против општина Центар и градоначалникот, Андреј Жерновски. Тие оваа подготовка ја започнаа откако оштина Центар одлучи да се започнат градби во Градски Парк.

Граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар Маало“, денес со писмено соопштение се обрати до медиумите, во кое велат дека, и по две години, градоначалникот, Жерновски и општина Центар немаат одговорено на забелешките, кои иницијативата ги има доставено до нив, а оти, со тоа директно се крши Законот за просторно и урбанистичко планирање, со кој се утврдува постапката за изработка на урбанистички планови. Поради оваа причина, овие самоорганизирани граѓани се подготвуваат да започнат судска постапка против општината и градоначалникот.

„Овој потег е само еден чекор во битката да се смени долго воспоставената недемократска пракса на урбано планирање и конечно со јасна стратегија и визија да се планира урбаниот развој на општината и градот во колективен интерес на тие што живеат и работат во него“, се наведува во соопштението.

Тие понатаму нагласуваат дека, Жерновски и раководството, изминативе години непречено усвојуваат неиздржани нацрти и ДУП-ови, издаваат одлуки за градба во отсуство на солидна планска програма и ажурирани податоци од терен, ги иструментализираат иницијативите на жителите, како и дека, ги игнорираат аргументите и забелешките на експертите.

„Нелегалното уништување на јавен простор и зеленило за време на изградбата на „Скопје 2014“, се проширува и во најголемата оаза на градот. Ова е особено алармантно, бидејќи ваквото недемократско однесување се случува кога градот се соочува со еколошка катастрофа и нарушено здравје на граѓаните“, нагласуваат од здружението.

Како пример за ваквото однесување на општината и градоначалникот тие ја наведуваат одлуката за изградба на нова сала за КК „Работнички“, за што, ова здружение пред неодамна јавно побара Жерновски да одговори на нивните прашања околу парцелата, кадешто ќе се гради салата, нејзината пренамена, проширување, како и за сообраќајното решение околу просторот.

Тие нагласуваат дека, оваа парцела претставува јавно добро за сите граѓани и оти, самоорганизирани и поведени од општествена одговорност чувствуваат потреба повторно јавно да ги упатат забелешките и прашањата до Жерновски, коишто пред два месеци уредно ги доставиле до Општината, но, истите се премолчени од градоначалникот.

„Парцелата во сопственост на „БАУЕР БГ“ (фирма која ги доби тендерите за голем дел од објектите СК 2014) беше предвидена за катна гаража од 29м, а според важечкиот ДУП 3 12 за Градски Парк и дел од Дебар Маало 2, објавен на страната на општина Центар.  За направената пренамена немаше никаква објава и расправа, задолжителна во случај на  дополнителни промени на парцели од јавен интерес.

Проширена е локацијата за градба на салата. Не е јасно кои парцели ќе бидат вклучени во новиот објект и дали ова ќе се случува на сметка на постоечко јавно зеленило.

Не е познато дали со закон  предвиденото сообраќајно решение утврдува одржливост на објектот ниту е јасно дали воопшто е сработено сообраќајно решение со кое ќе се увиди дали постоечката сообраќајна инфраструктура може да го издржи предвидениот нов сообраќај.

Одлуката да се гради се донесува и покрај забелешки од жители доставени во декември 2015 и јануари 2016 год. со анкетни ливчиња и на средба со градоначалникот за оваа парцела но и за севкупниот нацрт ДУП за градска четврт 3 12 Градски парк 1 и дел од Дебар Mаало 2. Едно е јасно, ДУПот 3 12 не задоволува услови за похумано  живеење, една од целите на урбаното планирање уредено со чл.2 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање“, повторно јавно ги упатуваат забелешките од здружението.

Тие понатаму, плановите и начинот на градење од страна на Жерновски ги споредуваат, како што велат „со процесите и начинот на урбанистичко планирање што доведоа до еден катастрофален проект како што е „Скопје 2014“, а во период кога јавноста е засегната со иднината на објектите од овој проект“. Додаваат дека, Општина Центар продолжува да планира и гради во градски четврти низ општината.

„Нетранспаретни одлуки, спротивни на граѓанскиот и општ интерес и на демократските принципи, се само дел од забелешките што иницијативата Во одбрана на Дебар Маало  веќе две и пол години ги упатува на адреса на општината во раководство на градоначалникот Андреј Жерновски. Меѓу спорните четврти се тие за Градски Парк 1 и Дебар Маало 2 (3 12), Дебар Маало 1 и дел од Дебар Маало 2 (3 10 ) и Буњаковец 1 и Буњаковец 2 (3 11)“, се потенцира во соопштението.

Пред три месеци „Во одбрана на Дебар Маало“ поднеле барање до Советот на општина Центар, сите овие проблеми да се стават како точка на седница, како и предложиле мораториум за градење во населбата се’ до утврдувањето на сите неправилности, но, како што наведуваат во соопштението, и по три месеци, членовите на Советот не одговориле на барањето.

|2017-07-19T12:10:58+00:0019 јули 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|