Во очи на Парламентарните избори во Европската унија: Десницата со популизам против владеачкиот центар, а левицата со реторика против економските елити

Изборите за Европскиот парламент треба да се одржат по две недели од денес, односно од 23-ти  до 26-ти мај. Ова ќе бидат деветтите директни парламентарни избори во Европската унија, првите се одржаа во 1979 година. На овие избори треба да бидат избрани 751 парламентарци кој ќе претставуваат 512 милиони граѓани од 28 земји членки во Парламентот на Европската унија.

Со цел да се зголеми демократијата и транспарентноста во Унијата од 2014 година наваму, во изборите за Европскиот Парламент беше воведен Spitzenkandidat  (водечки кандидат) процесот, кој всушност претставува метод преку кој секоја политичка партија го објавува својот кандидат за Претседател на Европската комисија пред изборниот процес. По изборите на водечкиот кандидат (Spitzenkandidat ) на најголемата партија во Парламентот ќе му биде доделен мандатот со цел да го состави претседателството на Европската комисија. Овој метод всушност го заменува претходниот, според кој Советот на Европа на неформален начин назначуваше консензуален кандидат за Претседател на Европската комисија.

Според актуелната распределба на парламентарни места, најзастапените партии во Европскиот парламент ги избраа следниве кандидати:

Европската народна партија (EPP) за свој водечки кандидат го избра Манфред Вебер (кој е поддржан од Ангела Меркел), и кој е актуелниот лидер на парламентарната група и кој е член на Христијанско социјалната унија во Баварија. Негови попознати политички позиции во Парламентот се спротивставувањето на барањето на Дејвид Камерун (екс-Премиерот на Велика Британија) да се стопираат процесите на Европска интеграција, понатаму тој наспроти својата партија се спротивстави на инсистирањето на ИМФ за олеснување на долговите на Грција, амбивалентите позиции во врска со Фидез на Виктор Орбан (одбивајќи ги обвинувањата кон неа како левичарска пропаганда), тој гласаше против иницијативите за забрана на псевдо терапиите за конверзија на хомосексуалци.

Партијата на европските социјалисти (PES) за свој водечки кандидат го избра Франс Тимерманс, дел од Лабуристичката партија на Холаднија. Како Потсекретар за Европски работи на Холандија тој сериозно ја поддржуваше Европската интеграција, и тоа преку барања за поголемо влијание на граѓаните врз европските политики, за подобрување на комуникацијата и јавната перцепција и за зголемување на инволвираноста на образованието во европските политики.

Партијата на Европските конзервативци и реформисти – која  е една од најголемите партии чии фундаменти се засноваат врз евроскептични политики за свој водечки кандидат го избра Јан Захрадил, член на чешката Граѓанско демократска партија (ODS). Јан Захрадил е познат по спротивставувањето на европското критикување кон состојбата на човековите права во Азербејџан артикулирано во три резолуции на Европскиот парламент од 2015 до 2018, сметајќи дека критиките се еднострани и дека кршењето на човековите права во Азербејџан треба да биде толерирано од страна на Европската унија со цел да не се нарушат релациите со државата.

Европската зелена партија за разлика од останатите партии ќе влезе во изборите со два водечки кандидати, Ска Келер и Бас Еикаут. Политиките на оваа партија се засновани врз проевропски темели, тие се залагаат за дополнителна интеграција на Европа, за посилни, поцентрализирани,  заеднички акции во областите на економијата , екологијата и политиката.

Европската обединета левица за свој водечки кандидат ја избра Виолета Томиќ. Во оваа коалиција учествуваат неколку партии од европската левица, меѓу кои Сириза од Грција, Подемос од Шпанија, Лев фронт од Франција и тн.

Според проекциите добиени од анкетите, очекувано е на овие парламентарни избори најмногу пратеници да освои Европската народна партија, во зависност од анкетата бројката на пратеници на оваа партија се движи од 170 до 190, по неа веднаш е Прогресивниот сојуз на социјалисти и демократи, чиј број на пратеници се движи од 125 до 150, а по нив се наоѓа Сојузот на либерали и демократи за Европа, за кои анкетите проектираат дека би освоиле од 70 до 100 пратеници. Најтесна е трката за четвртото место во Парламентот и таа се води помеѓу групата на Европските конзервативци и реформисти, Зелените и Европската обединета Левица. Според анкетите бројот на пратеници за секоја од овие партии поединчено се движи од 50 до 65.

Сојузот на десницата

Изминативе неколку години десницата, особено радикалната десница во Европа направи голема мобилизација и се здоби со сериозна моќ. Тоа особено се огледува во тоа што неколку партии на радикалната десница се на власт во Италија, Полска, Унгарија и Австрија, а имаат и сериозни шанси да станат власт и во Франција со партијата на Мари Ле Пен. Исто така во Германија и Норвешка радикалната десница веќе не е на маргините, туку има значителна застапеност во националните парламенти, во Шпанија Вокс е се посилна и посилна, Златна зора во Грција има големо влијание и т.н. прашањето што се поставува во очи на изборите е дали овие партии ќе формираат паневропска коалиција меѓу себе, односно дали ќе се приклучат на повикот за сојуз десницата предводен од Салвини. Доколку мнозинството на националистичките, евроскептични партии го направат тоа тогаш би се прекинала доминацијата на центристичките партии во Парламентот бидејќи таа коалиција би значела една третина од парламентарните места.

Обид на Левицата

Левицата од друга страна исто така се обидува да ја предизвика мејнстрим неолибералната идеологија која владее преку центристичките партии. Покрај притисокот во национални рамки на Сириза и Подемос, на паневропско ниво се оформија две коалиции на левицата, едната е Движењето за демокатија во Европа 25, а другата е Европскиот Волт. И двете коалиции ја таргетираат економската нееднаквост, малиот степен на политичка и економска демократија во Унијата, еколошката криза, родовата нерамноправност и тн.

Токму поради политичката мобилизација надвор од неолибералниот центар, Жан Клод  Јункер – Претседателот на Европската комисија во своето обраќање во Парламентот уште во 2016 рече дека Европската унија „се соочува со егзистенцијална криза“ и дека никогаш порано „националните влади не биле толку ослабени од силите на популизмот“. Овој говор во голема мера го рефлектира стравот на политичките елити во Европската унија од нарушувањето на неолиберланиот конзенсуз кој подолго време владее во Европа.

Кои се очекувањата на гласачите?

Според една анкета направена од BBC најголемата грижа на граѓаните од државите членки на Европската унија е имиграцијата на луѓе кои доаѓаат од земји надвор од Европската унија. Овој проблем особено е засилен по мигрантската криза, но и по силната мобилизиација на радикалната десница по ова прашање. Втор најголем проблем за европските граѓани е економијата – младинската невработеност, зголемените трошоци за живот, нееднаквата распределба на богатството итн. – но овој проблем е во благ пад по економската криза во 2008 година, трет и во пораст е проблемот со климатските промени и четврт кој е во контиуитет на исто ниво е криминалот. Генерално може да се каже дека најважни теми на овие избори за граѓаните се оние проблеми кои неолибералниот модел кој владее со Европа веќе подолго време не успева да ги реши. Ова незадоволство на европските граѓани се рефлектира и во нивната незаинтересираност околу европските избори генерално. Од севкупниот број на гласачи на изборите во 2014 гласаа помалку од 43% генерално, а излезеноста беше најмала во Словачка и тоа само 13%.

Единственото нешто кое што е извесно на овие избори е тоа дека политичките елити во Европската унија, најчесто претставувани од партиите на центарот, ќе бидат под сериозна закана од „аутсајдерските популистички партии“. Тоа значи дека на Европа и претстои турболентен период во кој најверојатно ќе се случат голем број на политички и економски промени.

Автор: Стефан Видиков

|2019-05-09T16:40:03+00:009 мај 2019|Актуелно, Вести, Свет|