ВМРО почна СДСМ финишира, владата согласна за отворање на рудник во Иловица

СТРУМИЦА, 22.07.2018 – Во домот на АРМ во Струмица изминатиот петок се одржа четиричасовна дискусија за судбината на рудникот „Иловица Штука“ на која учествуваа владини претставници од ресорните министерства и институции, градоначалници и претставници на засегнатите локални самоуправи, претставници на локалните заедници, граѓански организации, технички експерти, претставници на компанијата носител на проектот, „Еуромакс“, како и други засегнати страни. Дискусијата беше одржана по иницијатива на премиерот Зоран Заев, кој вооедно и раководеше со неа.

По средбата, на изненадување на граѓанските организации кои присуствуваа таму, владата на Република Македонија објави соопштение во кое се вели дека рудникот во Струмица ќе се отвори, но, како што велат „со помалку штетни хемикалии од цијанидот и сулфур диоксидот“.

„На иницијатива на премиерот Заев, во Струмица се одржа консултативна средба за Проектот за развој на рудникот за бакар и злато Иловица – Штука, каде беа поздравени одлуките дека носителот на проектот – „Еуромакс“ ќе ги отстрани цијанидот и сулфурната киселина од процесите и информацијата за формирање на независно мониторинг тело што ќе врши проверка на секој следен чекор низ претстојните фази, во интерес на заштита на животната средина и со цел отстранување на грижите на локалното население во регионот. “ се вели во владиното соопштение.

Во истото соопштение беа објавени наводните економски бенефити од отворањето на рудникот кој би требало да „учествува со 3% од БДП во Македонија и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно, со отворање на 500 директни и 2700 индиректни вработувања за граѓаните од овој регион“, и беа презентирани слики и видео направено од самата влада во која се гледа една опуштена и пријателска атмосфера. Со еден ваков манупулативен пристап кон јавноста очигледно е дека владата предводена од СДСМ го погази своето предизборно ветување дека рудници нема да има.

Здрава Котлина: „Ние не учествуваме во никакво мониторинг тело за следење на работата на рудникот, бидејќи не прифаќаме рудник да се отвори!“

Веднаш на ваквата владина пропагандна машинерија реагираа од еко организацијата „Здрава Котлина“ од Струмица. Според нив соопштението е манипулативно поради тоа што тие не дале никаква согласност за учестуво во било какво тело за отворање на рудник и дека тие никогаш нема да имаат заедничка цел со потенцијалниот нивни гробар  – Еуромакс Рисорсис.

„Претставниците на нашето еко-движење немаат дадено никаква согласност за учество во некакво „мониторинг тело“ што ќе ја следело работата на рудникот. Учеството во такво тело би значело дека прифаќаме рудникот да биде отворен, што е незамисливо. Во текот на состанокот, не е водена апсолутно никаква дискусија за такво тело. И да била водена, нашиот став би бил исклучиво ПРОТИВ. Ако некогаш се води, нашиот став ќе биде исклучиво ПРОТИВ. Немаме никаква намера да влегуваме во никакво заедничко тело за било што во врска со рудникот со никого, освен со граѓански активисти. Ние сме независна граѓанска иницијатива со свои активности и ќе продолжиме во истиот дух како и досега. Ќе учествуваме во јавни дебати за да ја шириме вистината за опасноста од рудникот “,  реагираа од Здрава Котлина.

Тоа што недостасува во соопштението на владата се аргументите од долгогодишни експерти кои работат на ова поле, кое беа дел од аргументацијата на Здрава Котлина. Имено, активистите од Струмица презентираа податок од проф. Трајче Стафилов, раковдител на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје, дека рудниците од затворен коп Саса и Злетово, кои се само 5% од капацитетот на Иловица-Штука, имаат загадено површина од 15,000 хектари, за која тој тврди дека е најзагадената почва во Европа. Тоа покажува дека и рудниците со затворен коп не се безбедни за околината.

После вчерашната поразувачка одлука на владата, очигледно е дека концесиите за отворање на 86 рудници во Македонија што ВМРО ДПМНЕ ги најави и одобри, СДСМ започнува да ги реализира. Станува јасно дека врската помеѓу Капиталот и овие две партии е многу посилна од волјата на граѓаните. Додека целиот фокус е свртен кон референдумот за името, НАТО и ЕУ, Владата даде „амин“ за стартување на геноцидот во Југоистиочниот регион.

|2018-07-22T12:46:11+00:0022 јули 2018|Актуелно, Вести, Економија|