(Видео) Власта си игра мајтап со Еурокомпозит, работниците повторно на протест пред влада

СКОПЈЕ/ПРИЛЕП, 03.07.2018 – Околу 260 работници од државната компанија за воена опрема Еурокомпозит во Прилеп, немаат земено веќе 18 плати од 2012 година. Месеци наназад протестираат пред владата, а блокираат и патишта, барајќи од веќе не така новата влада предводена од СДСМ да си го исполни ветувањето и да им го реши статусот. По неисполнетите ветувања од премиерот Зоран Заев и вицепремиерот, Кочо Анѓушев, тие денес повторно поставија шатори пред владата во Скопје со решителна цел – да останат тука се’ додека овојпат не им бидат исполнети барањата до крај.

Пред еден месец владата објави оглас за консултантски услуги за продажба на „Еурокомпозит“. Во март вицепремиерот Кочо Анѓушев пак, одржа средба со претставници на синдикатот на фабриката. Тогаш од владата соопштија дека го задолжиле министерството за внатрешни работи да ја продолжи реализацијата на договорот со фабриката за изработка на производи за потребите на ова министерство, како и да ја разгледа можноста за набавка за нови прозиводи од програмата на оваа компанија.

„Владата исто така го задолжи Министерството за внатрешни работи да изврши репрограмирање на обврските кон ‘Еурокомпозит’ и да изврши авансна исплата на обврските предвидени со договорот за изработка на производи наменети за потребите на Министерството со цел да се обезбедат финансиски средства за исплата на надоместокот на вработените“, соопштија тогаш од владата.

Во јавноста се зборува дека владата ја остави на милост и немилост оваа фабрика, со цел да ја приватизира, а оти еден од заинтересираните за купување е токму вицепремиерот, Кочо Анѓушев.

Последен пат работниците од фабриката поставија шатори пред влада на 1 Мај на денот на трудот. По дводневниот протест заминаа за Прилеп со лажно ветување од Заев дека ќе земат една плата во висина од 10 000 денари најдоцна до петок, а процесот за приватизирање на фирмата ќе започне веднаш и ќе заврши најдоцна за три месеци. Подоцна ова ветување беше сменето од страна на портпаролот на владата Миле Бошњаковски дека платата ќе биде исплатена до понеделник, но и ова ветување беше прекршено, бидејќи работниците добиле само по 7 илјади денари.

Претседателот на синдикалното здружение на Еурокомпозит, Роберт Богдановски денес за Гласник отсечно најави дека овојпат ќе останат тука се’ додека владата не им ги реши сите барања, односно исплаќање на 18 плати и придонеси за пензиско и здравствено осигурување кое не им е платено повеќе од 6 години.