Владата на работниците од Еурокомпозит им вети една плата до петок, за останатите ќе се чекало купувач

Работниците од Еурокомпозит од Прилеп после неколку денови блокирање на регионалниот пат Прилеп-Скопје, вчера протестираа пред влада. Откако најавија поставување на шатори и порадикални протести, владата набрзина успеа да се испазари со синдикатот и работниците ветувајќи им исплаќање на само една од 16 неисплатени плати до петок. За останатите плати ќе се чекало купувач.

Компанијата која е во државна сопственост  има долг од скоро пет милиони евра a работниците ги оштетила со неплаќање на придонесите од јуни 2012 година и неисплатени 16 плати.

Вицепремеирот за економски прашања Кочо Анѓушев вети дека владата во наредните пет до шест месеци квалитетно ќе го реши проблемот на вработентите, но за синдикалната организација во Еурокомпозит тоа не е прифатливо.

Ние баравме две плати или една просечна плата да ни се исплати за да почнеме да работиме и во најкраток можен рок да се решат другите проблеми. Немаме ни огрев, ни вода, немаме ни плати ни придонеси а од денеска немаме ни здравствено осигурување. Шест месеци за нас е предолг период за да се решава статусот на фирмата. Ние продолжуваме секојдневно со штрајкови се до конечно решавање на нејзиниот статус, изјави неодамна претседателот на синдикалната организација Роберт Богданоски.

На вчерашната средба исто така било договорено дел од работниците да одат како технолошки вишок, а наводно на нивно место да се вработи помлад кадар.

Еурокомпозит е основана во 1952 година и брои 308 вработени лица. Нивното производство претежно се состои од цевки и цилиндри, кои се користат како електро изолациони материјали и воена и полициска опрема.

 

 

|2018-03-07T10:30:00+00:007 март 2018|Актуелно, Вести|