Владата им вети до понеделник по 10,000 денари на работниците од Еурокомпозит и ги испрати дома

 

СКОПЈЕ, 02.05.2018 – Работниците од  Еурокомпозит после дводневно протестирање со шатори, вечерва го прекинаа протестот. Тие денеска добиле ветување од владата дека најдоцна до понеделник ќе им биде исплатена една плата, само ако го прекинат штрајкот и ако уште вечерва си заминат од пред влада и започнат со работа од утре.

Денес, дел од вработените во фирмата имаа средба во владата со премиерот Зоран Заев. Тој на кратката средба им ветил дека ќе земат една плата во висина од 10 000 денари најдоцна до петок, а процесот за приватизирање на фирмата ќе започне веднаш и ќе заврши најдоцна за три месеци. Вработените го прифатиле тој предлог и се спремале да започнат со демонтажа на шаторите. Но, по еден час од средбата со Заев, работниците ги посетил портпаролот на владата Миле Бошњаковски и им соопштил дека ветените 10 000 денари нема да ги добијат во петок, туку по 20-30 дена. Работниците кои во минатото биле премногу пати излажани од властите, не се сложиле со новиот рок и решиле да останат пред влада. Сепак, вечерва во 22:00 часот, Бошњаковски повторно ги посетил работниците кај шаторите и им ветил дека најдоцна до понеделник ќе им бидат исплатени тие 10 000 денари, само ако уште вечерва ги тргнат шаторите и започнат со работа од утре. Работниците, иако скептични, се сложиле и вечерва во 23:00 часот ги тргнаа шаторите и тргнаа накај Прилеп.

Тие најавуваат дека ако до понеделник владата не го исполни ветувањето, во вторник ќе дојдат повторно со шатори пред влада во многу поголем број.

Вработените во Еурокомпозит бараат да им се исплатат 16-те заостанати плати, пензиското и здравственото осигурување кое не е покриено повеќе од 6 години. Тие иако работат по 8 часа дневно, придонесите им се плаќаат само за 2 часа, па така, за да имаат платени придонеси за 1 година, тие треба да работат 4 години.