Викторија Блажеска: „Нема горна граница на световите што се откриваат читајќи.“

Дијалог со Викторија Блажеска по повод Меѓународниот ден на писменоста

8 Септември е Меѓународен ден на писменоста прогласен од страна на УНЕСКО. По тој повод, а и денот на самостојноста на нашата држава со Викторија Блажеска ќе поразговараме за писменоста, писменоста кај нас, нашата историја и нашите размисли за иднината. Таа е дипломец на германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Кирил и Методиј“, а моментално е на магистерски студии по општа и применета лингвистика во Вирцбург. Блажеска е позната по својот придонес во Студентската конференција „Како си ми?“ што покрај научниот дел има и својство да го промовира јазикот, учењето за јазикот, а особено македонскиот јазик.

Никола Шиндре: „Викторија, има една старогрчка изрека која гласи „Оној кој ги знае буквите два пати гледа.“, а тоа неминовно го отсликува светогледот на Хелените за писменоста и просветлувањето. Како кај нас се гледа на писменоста, особено како се гледа на писменоста помеѓу филолозите и лингвистите, но и учителите, па и општеството?

Викторија Блажеска: „Живееме во интересни времиња во кои писменоста често се зема здраво за готово. Меѓутоа, според статистиките на тимот на Our World in Data, 14% од светското население биле неписмени во 2016. Како и кај многу други општествени појави, непропорционалноста меѓу различните држави е огромна. Истиот извор открива дека само 36.5% од населението на возраст од 15 до 24 години во Нигер се писмени. Од друга страна, пишувањето и читањето во западното општество се дел од секојдневието и веќе не се поставува прашањето дали некој чита и пишува, туку како. Лесно е да се заборави дека не само што не е секаде така, туку и кај нас не било отсекогаш така. Она што е денес само еден начин на изразување (писмено наместо усно), порано била недостижна привилегија за повеќето луѓе, и тоа толку долго, што историјата ја пишувале тие што знаеле да пишуваат.

Во врска со писменоста денес, во повеќе европски земји, вклучително и кај нас, се јавува култура на прескриптивизам, на контролирање и поправање на јазикот на другиот. Мислам дека на македонски „неписмен“ е една од омилените навреди кога некој не се изразува соодветно или кога се сомневаме во неговите капацитети.

Писменоста за филолозите и лингвистите во прва линија значи дека постојат текстови што се достапни за анализа од некој период или од некој крај на светот – а тоа за нас е бескрајна радост, бидејќи има пишан материјал што може да се проучи и да ни посведочи за некоја состојба на јазикот. Со ова се отвора прашањето: што од пишаните материјали од нашето време ќе го разбуди интересот на идните генерации?

Што се однесува до учителите, мислам дека нивната улога на просветни работници во голем дел се поврзува токму со описменувањето, во буквална и во фигуративна смисла, значи не се исклучени ни оние професори што настапуваат откако ученикот ќе научи да чита и пишува. Затоа нивната професија е толку благородна, а нивната општествена улога толку важна. Лично чувствувам дека многу им должам на неколку одлични наставници и професори во поглед на описменувањето, не толку она буквалното колку описменувањето во поглед на начинот на кој функционира светот.“

Н. Ш. Ако прифатиме дека јазикот е поинтелегентен од корисникот, тогаш би требало да се запрашаме како да учиме да го користиме јазикот правилно и соодветно за да можеме подобро да се разбереме и поубаво да звучиме, но и како да го менуваме јазикот што го користиме?

В. Б. Досегашните искуства со проучувањето на лингвистиката неизбежно ме водат до заклучокот дека јазикот не може да се одвои од луѓето што го користат. Вистина е дека тој се менува, но секогаш заедно со луѓето што го зборуваат, и тоа е едно од нештата што ме привлекоа кон лингвистиката: помислата дека јазикот е нешто толку неотуѓиво човечко. Менувањето на јазикот е природна работа и научно гледано тој не се менува ниту на подобро ниту на полошо, туку едноставно ги следи во чекор потребите на своите корисници. Колку што има разлики меѓу луѓето, толку има и нијанси во употребата на јазикот. За правилното и соодветното користење на јазикот тоа значи, меѓу другото: треба да правиме разлика помеѓу стандарден и нестандарден јазик. Стандардниот јазик е надрегионален и неутрален, службен јазик, јазик на медиумите и на институциите, на образованието. Кога се зборува за негувањето на македонскиот јазик се мисли токму на овој стандарден јазик, и тука сосема се согласувам дека треба да се внимава на неговата воедначеност и јасност, за да може да си ја врши комуникативната функција. Меѓутоа, ни стандардниот јазик не е ригиден; напротив, подложен е на промени: во него влегуваат нови зборови, некои зборови го менуваат значењето или преминуваат во друг стил, а по подолго време доаѓа и до промени во структурата или пак луѓето што го зборуваат јазикот истиот јазичен материјал почнуваат да го доживуваат поинаку.

Покрај тоа, постојат многу нестандардни варијанти на јазикот: од дијалекти, преку различни стручни жаргони, преку сленг со кој се карактеризираат одредени социјални групи па сѐ до разговорниот јазик, кој се одликува со поголема флексибилност од стандардот. Иако токму стандардниот јазик е неутралниот јазик на службената комуникација, сите варијанти се рамноправни и ниту една не е „полоша“ или „понеправилна“ од другите. Сите ние како говорители на македонскиот јазик секој ден се движиме помеѓу овие варијанти во зависност од ситуацијата и соговорникот и тоа е сосема нормално. Затоа сметам дека правилната грижа за јазикот вклучува добра проценка на ситуацијата, флексибилност и владеење на сите варијанти што му се потребни на човек во секојдневната комуникација.

Можеби звучи парадоксално, но мислам дека свесноста за овие разлики меѓу варијантите, но пред сѐ за нивната рамноправност, може да придонесе кон поголема грижа и негување на македонскиот јазик во сите негови облици.

Н. Ш. Јазикот ги одредува нашите граници. За да може човек да ги помести, односно прошири своите хоризонти тој треба да се впушти во играта на учењето на друг јазик. Како да се шират границите на нашиот светоглед, а како да ги прошириме границите на јазикот што го користиме?

В. Б. Ширењето на светогледот е секогаш резултат на љубопитност и волја да се излезе од сопственото искуство, да се гледа со очите на другиот. Мислам дека секој поединец има избор да се отвори кон нови искуства и информации, преку читање, патување, разговори, учење и креативно изразување. Јазикот и тука игра многу значајна улога, бидејќи е еден од примарните начини на изразување, било во усна, било во пишана форма или како знаковен јазик.

Претставува предизвик да се размислува за мајчиниот јазик од научна гледна точка, токму бидејќи тој е неотуѓив дел од нас. Тој нѐ придружува од најрана возраст и одредува многу работи: кои странски јазици ќе ни бидат полесни за изучување, на кои гласови ќе ни биде навикнат говорниот апарат, па дури и како ги перцепираме времето и просторот. Учењето јазици секогаш повлекува споредба со мајчиниот јазик и неретко се случува да станеме посвесни за некој феномен во македонскиот јазик (збор или граматичко правило) откако ќе видиме како функционира во странскиот јазик што го изучуваме. Повторно парадоксално, но изучувањето на туѓото често ја зголемува свеста за нашето, токму поради таа споредба што се наметнува кога сме изложени на друг јазик. Разгледаноста и времето поминато проучувајќи други култури, обичаи и јазици ни даваат нови очи со кои го гледаме и цениме нашето, особено мајчинот јазик.

Иако може да се каже дека на одредена возраст сите одлично ги владееме мајчиниот дијалект и стандардниот јазик за да можеме да се служиме со нив во секојдневната комуникација, сметам дека и тука важи мудроста „Човекот учи додека е жив“. При секој разговор, секој прочитан текст или изгледан филм, при секоја средба со некого или нешто може да ни се случи да научиме нешто ново, дури и во поглед на употребата на мајчиниот јазик. Секој од нас при употребата на јазикот остава еден вид уникатен отпечаток, нешто како отпечаток од прст што го прави посебен и неповторлив. Затоа за мене е огромно задоволство само да ги слушам луѓето како зборуваат или да го читам тоа што го пишуваат, да се восхитувам на тоа како јазикот ни е истовремено заедничка црта на сите, но и белег што секој од нас го прави единствен меѓу многуте.

Н. Ш. Јазикот опстојува сè додека има живи корисници кои што го говорат, пишуваат, употребуваат. Постојат народи кои што зборуваат на јазици што сè уште немаат писмо, а постојат и народи кои што не се грижат за својот јазик. Како треба институционално да се грижиме за јазикот?

В. Б. Зборувавме за тоа колку се испреплетени јазикот и човекот, па тоа во секој случај важи и во поглед на ова прашање. Јазикот е огромен дел од изградбата на идентитетот токму поради тоа. Институционалната грижа за јазикот и она што е познато како јазична политика треба да се одраз на тој идентитет. Многу ми се допаѓаат ставовите на големиот Конески на темата на грижата за јазикот. Основното прашање е, вели тој: дали јазикот во некоја средина е средство на „една духовна жива активност“? Ако одговорот е да, а во случајот на македонскиот јазик одговорот е секако потврден, според Конески сѐ се должи на способноста на средината тој јазик да го активира како „средство на современо општење и творење“. Таквиот јазик е жив и тоа без некој особен напор од страна на неговите корисници, освен што секојдневно активно го користат во сите сфери на животот, а тоа треба да доаѓа природно.

Во врска со ова, многу сум горда на тоа што работниот јазик на студентската филолошка конференција „Како си ми?“, која се одржува на Филолошкиот факултет веќе шеста година, секогаш бил, е и ќе остане македонски. Мислам дека е од огромна важност студентите да ја негуваат научната мисла на македонски и да имаат платформа што ги поддржува во научно-истражувачката работа.

Според мене, институционалната грижа за јазикот треба да се состои од будно следење на сите појави во една јазична заедница, нивно бележење и пред сѐ неуморна научна работа. Конкретно во македонската лингвистика потребни се уште многу истражувања и многу работа на стандардните алатки што повеќето други јазици веќе одамна ги имаат: корпуси со пишувани и снимени текстови, етимолошки речник, постојано надградување на постечките речници, атлас на дијалекти и варијанти, зачестено спроведување на социолингвистички студии. Освен тоа, итно е потребно да се подобри комуникацијата меѓу лингвистите и пошироката јавност, научните сознанија да се прикажат на еден достапен, разбирлив начин, бидејќи тие им припаѓаат на сите. Убедена сум дека тоа би ја подигнало општата свест за јазикот и би помогнало македонскиот јазик да го заземе местото што го заслужува, како еден прекрасен, жив јазик на активна група луѓе.

Кога сме кај комуникацијата меѓу лингвистите и јавноста, сакам да најавам еден нов проект што го подготвуваме со колешката Нина Тунтева, чија цел е токму приближување на научните сознанија од областа на лингвистиката кон јавноста. Се работи за лингвистички блог на македонски јазик, а ќе биде официјално пуштен во употреба и достапен од октомври.

Н. Ш. Латинската изрека „Повторувањето е мајка на знаењето“ не упатува на мнението дека неколку пати повторена задача дава подобар резултат. Така е впрочем и со користењето на јазикот од страна на институциите. Како да се води грижа за писменоста и јазикот кога нашите просветни и културни установи се без лектори по македонски јазик?

В. Б. Секојдневната пракса покажува дека лектори во македонските просветни и културни установи се итно потребни. Бидејќи се занимавам и со книжевен превод и се обидувам да ги следам македонската култура, издаваштво и медиумска продукција, често се случува да се сретнам со примери кога преведувачот работи сам, без лектор. Претпоставувам дека тоа се примери кога од желба да се заштеди, нарачателите решиле да скратат интервенција врз крајниот текст што ја сметале за непотребна. За преведувачите ова значи дека мораат да ја работат и работата на лекторот, иако е јасно дека се работи за две различни професии и две различни читања на текстот. Самото ова покажува колкаво значење има правилната употреба на јазикот за некои медиуми и институции. Иако има многу исклучоци, за жал ова станува доволно зачестена пракса за да има негативно влијание врз целокупната слика за состојбата на грижата за јазикот. Сметам дека кога се работи за стандарден јазик во официјална употреба, сѐ што излегува во јавност треба да се провери од професионални лектори. Во таа смисла сосема се согласувам со изреката „Повторувањето е мајка на знаењето“. Идеално, сѐ што се продуцира треба да се провери повеќепати за да бидеме сигурни дека ги задоволува стандардите на книжевниот македонски јазик.

Сепак, не е сѐ така црно. Знам за лектори што се борат за да бидат прифатени нивните услуги, одлично си ја познаваат работата и вложиле огромен труд за изданијата на кои работеле да бидат што е можно подобри. Со поддршка на работата на авторите, преведувачите и лекторите, пофалба на оние што знаат како да работат и воведување и почитување на стандард за квалитет може да се постигне многу. Исто така, сметам дека одговорноста лежи на рамената на секој од нас како говорители на јазикот. И самите граѓани препознаваат кога некој превод на телевизија или во литературно дело не е добар, кога формулар од државна институција содржи грешки. Но, препознавањето на конкретните проблеми е само прв чекор. Треба да се најде начин нерегуларностите една по една да се поправат, упорно, со инсистирање и без предавање. Секој квалитетен учебник, секој успешен превод, секое одлично лекторирано обраќање на јавна личност во официјален контекст претставува мала победа за сите нас.

Н. Ш. Малобројните народи имаат потешка задача за зачувување на својот јазик. Немивно за да можат да опстанат и да функционираат треба да ги изучуваат и јазиците на соседите. Овде за жал нема таква пракса за спознавање на другиот, Албанците не сакааат да учат македонски, а Македонците немаат ниту можност да учат албански. Македонците ретко знаат бугарски или грчки јазик иако тие народи се нашите први соседи. Како вие гледате на сето ова?

В. Б. Повеќејазичноста е многу природна појава секогаш кога луѓе и јазици доаѓаат во допир, забележана е во безброј различни средини и постоела отсекогаш. Отпорот кон другоста и различноста се чини дека доаѓа одвнатре и може многу лесно да се објасни психолошки. Меѓутоа, цврсто сум убедена дека новото време од сите нас бара поголема флексибилност и толеранција, како и да се здружиме против проблемите што го засегаат целиот човечки род, како што се климатските промени, загадувањето, нееднаквата распределба на ресурси, сиромаштијата, искористувањето на работниците, дискриминацијата, па и неписменоста во секоја смисла на зборот.

Македонскиот јазик е сепак во една многу специфична средина и ситуација; според бројот на говорители е мал јазик и навистина сите мораме да научиме барем еден странски јазик за да може некој да нѐ разбере. Интересно е како тоа е речиси секогаш некој од големите светски јазици, а речиси никогаш некој од соседните јазици, иако во главно почесто одиме на одмор во Грција, Албанија или Бугарија отколку некаде подалеку. Мислам дека чудните и турбулентни меѓусоседски односи им се својствени на сите балкански народи, не само на Македонците. Бидејќи тоа долго било така, сметам дека ќе треба многу долго време и силна волја тоа да се промени.

Во 2019 година, Филолошкиот факултет организираше бесплатни курсеви по македонски, албански и турски во програма наречена „Учете го јазикот на другиот“. Сметам дека треба да се организираат повеќе такви програми што би ги здружувале луѓето преку јазикот.

Сакам да споделам едно убаво искуство: Минатата година бев практикантка во EYFON (Еuropean Youth Forum Neumarkt), австриска организација што организира семинари и работилници за неформално образование на европската младина. Бидејќи мојата колешка практикантка беше од Босна, решивме да ја искористиме можноста и да организираме семинар за балканската младина. Дојдоа над 30 млади луѓе од Македонија, Србија, Босна, Хрватска, Албанија, Косово, Романија и Црна Гора и цела недела се дружевме со балканска храна, музика и танц, разговаравме за општествените проблеми што ги засегаат сите млади. До денес учесниците се во контакт преку социјалните мрежи и пред пандемијата меѓусебно се посетуваа. Значи, изгледа дека може и така, но е потребно многу време, волја и стрпливост. Како што спомнав погоре, не може некој однос што бил граден со векови и генерации преку ноќ да се промени, но секој чекор е важен и мислам дека нашите генерации и генерациите што доаѓаат по нас можат да изберат да чекорат по тој пат.

Н. Ш. За да може да се развива знаењето за јазикот, ние треба да создаваме и култура на читање. Читањето не е само одлика на уките, туку и на слободните, па во неможност секогаш да се најде време треба да се создава навика, а навиката се создава од младоста. Како да се состави список на лектири што ќе ги натера младите да почнат да читаат?

В. Б. Одлично прашање! Сосема се согласувам дека љубовта кон читањето е навика што пушта корен уште во младоста, односно во детството. Читањето несомнено ја збогатува способноста за изразување и отвора врати кон искуства што инаку не би ги имале, бидејќи преку пишаниот збор живееме уште илјадници други животи покрај нашиот.

Вистински предизвик е да се состави список на лектири што би биле соодветни за одредена возраст. Мислам дека традиционално доста голем акцент се става врз класиците, за кои Марк Твен рекол дека се книги што сите сакаат да ги имаат прочитано, но никој не сака да ги прочита. Меѓутоа, цврсто верувам дека постојат толку разновидни жанрови и стилови на пишување, што секој човек може да пронајде книга од која може да понесе некоја лекција. Во оваа смисла, сметам дека при составувањето на програмите за читање главна улога треба да има разновидноста, за младите да бидат изложени на што е можно поразлични стилови, епохи, автори и авторки и така самите да го пронајдат она што им се допаѓа. Покрај тоа, дел од списокот треба да биде отворен, за наставниците и професорите сами да можат да изберат дел од книгите според потребите и желбите на конкретен клас. Изборот на лектири е уште една област каде што треба да ги преобмислиме и преиспитаме досегашните списоци и догми.

Еднаш, во воз од Будимпешта до Љубљана, еден сопатник во купето (испадна дека е професор од Хрватска) виде дека читам книга од Џејмс Џојс, започнавме разговор и пред да се симне, ми рече дека смета оти секој човек има три книги што му го менуваат животот и секој мора сам за себе да пронајде кои се тие. Јас не се согласувам со тоа, бидејќи таквата изјава беспотребно сведува цело човечко искуство на безначајна бројка. Потрагата не престанува кога човек ќе ги пронајде тие три хипотетички книги. Затоа, на младите им порачувам да читаат сѐ што ќе им падне в рака, бидејќи нема горна граница на световите што ќе ги откријат читајќи.

|2020-11-12T10:01:02+00:0029 август 2020|Актуелно, Култура, Став|