Уште еден обид за корупција: РЕК Битола и ГП Пелистер склучиле договор за тендер во „итна постапка“

На социјалните мрежи протече договорот потпишан помеѓу Подружницата на ЕЛЕМ од Битола – Рек Битола и градежната компанија Пелистер од Битола. Предмет на овој договор е јавна набавка на услуга од ископ на јаглен и јаловина во ПЕ рудниците на Рек Битола.

Вкупната вредност на договорот со вклучен ДДВ изнесува сто педесет и три милиони и четиристотини илјади денари (153.400.000,00), додека услугата согласно договорот ќе започне во рок од пет дена по потпишување на договорот. Додека пак, плаќањето според овој договор ќе се изврши во рок од 60 дена од потпишувањето на истиот.

Потписници на овој договор се Силјан Мицевски како управител на ДГУ Пелистер и Васко Ковачевски како директор на Рек Битола. Договорот е склучен на 12 месеци.

Макфакс вчера објави вест во која пренесува став на „Електрани на Македонија“, каде потенцираат дека го раскинале договорот со Трансмет поради застојот предизвикан поради судските рочишта. Биле принудени да склучат договор со фирмата „Пелистер“. Договорот е склучен без тендер во итна постапка.

Во минатото овие услуги ги извршуваше фирмата Трансмет како чиј сопственик се јавуваше Сеад Кочан. Кочан е обвинет за финансиски малверзации под закрила на претходната власт, одреден период против него имаше меѓународна потерница. Тој се товари за злоупотреба на службената положба. Како сопственик на Трансмет, обвинет е дека со лажни документи добил тендер вреден 17 милиони денари од ЕЛЕМ.

Договорите мотивирани од „итна постапка“ беа пракса на претходната влада. Се чини дека истите се последица на не добро планирање на власта. Уште полоши се можностите коишто остануваат отворени, а се однесуваат на свесното лошо планирање, со цел богатење на приватните фирми.

Се поставува прашањето зошто се’ уште државата се ослонува на јавните-приватни партнерства, иако истите ги критикуваше во минатото? Зошто набавката ископ на јаглен и јаловина не ја прават државни компании и до кога приватните компании ќе ја пополнуваат некадарноста на јавните? Зошто државата не вложува во оспособување на кадар кој ќе може да раководи и да ги планира односите и производството на јавните компании?

Кој е Силјан Мицевски?

Добивањето на овој тендер, јавноста ја (о)стави во прашалници. Сопственикот и управител на фирмата Пелистер, Силјан Мицевски во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ имаше блиски односи со таа партија. Иако е општо познат фактот дека големите капиталисти и олиагрси не се плашат и немаат морални и политички пречки да соработуваат со која било гарнитура на власта, сепак минатото на Мицевски е често поврзувано со дневнополитичките случувања. Тој беше еден од осомничените за аферата ТАТ, но на крај низ кривично-правната и судската постапка беше ослободен од обвиненијата. Од 1996 до 2000 година беше градоначалник од редовите на СДСМ на општина Битола.

Силјан Мицевски беше дел од бомбите на тогашната опозиција. Од објавените разговори може да се чуе дека станува збор за притисоци врз работниците кои одбиваат да гласаат за една од политичките партии и против кои би се употребиле соодветни средства за принуда. Разговорот се води помеѓу Силјан Мицевски и Влатко Чинговски, поранешен директор на ЕЛЕМ.

Чинговски вели дека добил ливче со имиња на лица кои работат во фирмата на Мицевски и истите не се сигурни за гласање по што Мицевски реплицира со тоа дека е спремен дури и да ги „избрка“ од работа.

Во април 2015 година, БИРН објави сторија во која се потенцира фактот дека Мицевски и ЕЛЕМ, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации имаат склучено едни од најголемите тендери за јавни набавки во последните пет години (2010-2015) со вредност од 100 милиони евра.

За време на владеењето на Никола Груевски градежната фирма Пелистер во областа кај касарните во Битола откупила државно земјиште и изградила неколку станбени објекти.

Редакцијата на Гласник се обиде да стапи во контакт со претставници на РЕК Битола. Неколку пати се јавивме на телефонските броеви на сите секторски единици на РЕК Битола, меѓутоа сите службеници со кои разговаравме себе си не се сметаа за надлежни да можат да дадат одговор.

Гласник стапи во контакт и со ГП Пелистер. Побаравме изјава и потврда на информациите поврзани со договорот. Оттаму кратко и јасно не’ известија дека не сакаат да даваат изјави за договори коишто фирмата ги склучува. Истакнаа дека ќе ги известат повисоките инстанци на фирмата доколку тие се заинтересирани за изјава ќе не’ побараат. До моментот на објавување на оваа вест немаме добиено ниту телефонско јавување ниту пак одговор.

Што се случува во Република Македонија?

Овој пример на соработка на државна и приватна компанија по урнисувањето на т.н. режим, е уште една индикација за тоа дека коруптивните економските односи од минатото не само што не се прекинале, туку тие продолжиле со освежена ритмика.

Доколку се земат предвид минатото на сопствениците на овие приватни компании, чие создавање било јасен след на едни политики кои започнале во раните или доцни ’90-ти, се добива впечаток дека режимот се всушност тие. Овие олигарси и претставници на крупниот капитал ги преживуваат сите политички гарнитури со кои суштествуваат во заемен однос и си помагаат.

Индикативен е и датумот на склучување на овој договор, ако се земе предвид дека неодамна беше именуван новиот генерален директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски. Ковачевски како битолчанец е добро запознаен со сите прилики и неприлики на општеството и уназадувањето на градот Битола. Особено по приватизациските модели преку методот на јавни приватни партнерства коишто во градот Битола во изминатите неколку децении останаа две градежни фирми коишто своето богатство го таложат соработувајќи со политичките елити. Тоа е градежната фирма Стентон и градежното претпријатие Пелистер.

Каде се социјалните политики?

Желбата макар провизорно да се покрие реториката со социјалистичка и левичарска амбалажа на новата власт, полека почнува да пука во сопствената манифестација и егзекуција на власта. Само пред година дена, истата оваа гарнитура во фаза на преговарање и создавање на влада, репетитивно ја потенцираше потребата од социјални политики, менување на даночниот систем, оневозможување на крупниот капитал постојано да пенетрира во чекмеџето на јавноста, а со тоа истото да го онеспособува, а одредени личности и елити да ги засилува во односот на користење и зголемување на сопствената власт и моќ.

Овие чекори на властодржците презентираат една манија на загубеност пред предизвикот за реформи во институциите, неможноста да кажат „не“ и да се спротистават на крупниот капитал, немање никаква стратегија за кадровско оспособување на постојната администрација и работниците коишто се директно вклучени во кој било процес на производство.

Фактот што две компании од Македонија имаат механизација и можност да одговорат на потребите на РЕК Битола, од која едната е обвинета за криминал и е во судска процедура, покажува дека државата не се помрднала со малиот прст околу зголемувањето на капацитетите за справување со потребите на јавните компании. Монополот кој го држат двајца олигарси зборува за слабата визионерска и државничка ориентација на политичарите и на управувачите на овие компании.

Јавните настапи на сите тогашни опозициски протагонисти околу сите нарушувачи на демократските процеси во државата, една година подоцна како да се потурени со пепел.

Продолжува приватизацискиот ек, кој е започнат во раните деведесети и полека се раскринкува и се раскрчмува целото општесвено и јавно богатство. „Враќањето на парите кај народот“ како еден партиски слоган кој влеваше надеж за едно подобро утре, станува девиза за одамна конституираниот стереотип за партиските политички понуди – дека сите се исти и дека политичарите лажат. За жал, политичарите во последниве три децении не се потрудија многу за да го променат овој реалитет, особено кога се однесува на поврзувањето на понудите и нивните реализации, реформите и придонесот кон менување на институционалниот нефункционален систем, признавање на грешките и поинклузивен пристап, менување на тесните структури на власта и соработките со малкутемина што државата ја претворија во своевидна олигархија и плутократија.

Демократијата во оваа фаза останува во своевидна криза. Граѓаните продолжуваат со своите лични, но и колективни приказни и на една сизифовска битка. Тоа може да се забележи и преку овие случаи на условно кажано потпомагање на сите оние коишто го труеја и го перпетуираа антидемократскиот систем со злоупотреба на моќта која ја поседуваа.

Заканата за отпуштањето од работа на работници во градежната фирма Пелистер за време на владеењето на Груевски само поради фактот дека истите не се сигурни гласачи на политичката опција којашто владееше во Македонија и не е така редок случај рамен на преседан. Историјата на „демократска“ Македонија е поврзана со многу злоупотреби и неорганско разбирање и доживување на концептите на демократијата. Истата многу често е поврзана со економските магнати и олигарси, кои од работниците на крај произведуваат една класа на незаинтересирани и фрустрирани индивидуи без желба, но и верба во некаква општествена промена.

На крај, еколошките последици во форма на очебиен екоцид кој го произведуваат овие компании без никаква свест за општото добро, останува контрадикција но и фарса на општеството. Истите остануваат несанкционирани, а истото се однесува и на РЕК поради небрежноста со филтрите и хиперзагадувањето коешто го чувствуваат граѓаните во Битола, и на градежните компании коишто печалат од договори со индустрискиот капацитет, а коишто потоа со спечаленото приграбуваат државно земјиште и градат наспроти потребите на граѓаните со што се зголемува контаминацијата на ионака загадениот воздух. Корупцијата и три децениските капиталистички односи во општестово обиваат. Бројноста на заболените од рак и други болести се зголемува и е во каузална врска со загаденоста на воздухот. Воздухот ни’ мириса на корупција, e параболата на нашето време.

На крај, дали ваквите зделки кои ги плаќаат граѓаните и кои завршуваат во џебот на малкутемина „одбрани“, ќе останат засекогаш несанкционирани? Дали е можно да излеземе од вртлогот којшто е производ на спрегата помеѓу капиталот и политичките партии кои последните три децении ја проголтаа сета надеж во иднината? Не толку далечното минато ни’ кажува дека промената е можна и дека токму тие кои се спротиставија беа хероите на нивното време.