Турската комунистичка партија смета дека треба да и се суди на власта и газдите, а не на работниците кои штрајкуваа

ИСТАНБУЛ, 20.09.2018 – Турската Комунистичка партија (ТКП) смета дека отпорот на работниците од градилиштето на третиот аеродром во Истанбул е легитимен и не треба да им се суди. Тие велат дека поради тоа што уште од првиот ден на градилиштето има притисок од власта, како и големи пропусти во условите за работа од страна на инвеститорите, токму тие треба да одговараат пред надлежните органи, а не работниците.

Претседателот на Комунистичката партија во Турција, Еркан Баш денес во знак на поддршка одржа говор пред затворот Метрис, кадешто беа донесени притворените работници кои минатиот петок штрајкуваа за своите права на градилиштето за третиот аеродром во Истанбул.

„Барањата на работниците се сосема човечки и според постоечките закони мора да се применуваат сите. Во никој случај не станува збор за вина и обвинување на нашите браќа работници, напротив сметаме дека треба да бидат гонети и да им се суди на одговорните на тоа градилиште, најпрво државата како врвен работодавач, а и на сите газди – инвеститори“, рече Баш пред затворот.

Тој им порача на власта (АКП) и на инвеститорите дека не можат и не смеат да ги заробат луѓето да работат во нечовечни, незаконски и неправедни услови.

Според ТКП правилно би било обвинителството и Министерството за труд во Турција овој бунт на работниците да го прифатат и спроведат како кривична пријава низ органите.

Баш потсети дека во петокот вечерта, како и во раните часови во саботата стотици работници беа насилно приведени во нечовечки и противзаконски услови, а притоа им беше забрането да разговараат со адвокат.

Еркан Баш е најмладиот претседател на една партија во Турција. Има 29 години и потекнува од работничко југословенско семејство. За претседател на партијата е избран на 9тиот конгрес на ТКП, којашто е продолжеток на Турската комунистичка партија формирана во 1920 во Баку од страна на Мустафа Супхи и неговите другари.

3. havalimanı işçilerinin getirildiği Metris Cezaevi önünde destek açıklaması

3. havalimanı işçilerinin getirildiği Metris Cezaevi önünde destek açıklaması | Erkan Baş: Çalışma Bakanlığı ve savcılar, işçilerin bu isyanını bir suç duyurusu olarak kabul etmesi gerekirken işçileri tutukladılar. Devlet ve patronlar yargılanmalıdır!

Posted by İleri Haber on Wednesday, September 19, 2018

Зад проектот за третиот аеродром во Истанбул стои компанија којашто гради во Скопје

Работниците на градилиштето за третиот аеродром во Истанбул го започнаа штрајкот минатиот петок (14.09) кога вечерта полицијата влезе на градилиштето и интервенираше со солзавец, а преку целата ноќ беа приведени 543 работници.

Тие штрајкуваа поради енормно лошите услови при работа, како што се лоша храна, сместување, превоз до работното место, впрочем биле принудувани да чекаат превоз дури по неколку часа на дожд. Друг проблем е и заштитата при работа, односно има доста случаи на смрт на работно место поради необезбедени услови. Додека траеше штрајкот во петокот, се случи уште една повреда, односно кошница од кран паднала од 30 метри со двајца работници. Од градежно-работничкиот синдикат на твитер напишаа дека еден од работниците имал сериозни повреди на грбот, додека пак на другиот целата глава му била во крв. Работниците исто така се жалеа за неисплатени плати. Тие нагласуваа дека се третирани како во камп на робови.

Еден од инвеститорите во овој грандиозен проект е турската компанија Лимак, којашто на 22 август започна со изградба на подземна сообраќајница на местото на постојниот Јужен булевар во Скопје. Станува збор за подземен булевар со шест коловозни ленти и со должина од 800 метри, на потегот меѓу НИП „Нова Македонија“ и булеварот Борис Трајковски.

Затворен јужен булевар кадешто турската компанија Лимак започна да гради подземна сообраќајница

| 2018-10-04T08:17:46+00:00 20 септември 2018|Актуелно, Вести, Свет, Скопје|