Томас Пикети: 2018, годината на Европа

Десет години по финансиската криза, дали 2018-та година ќе ја види Европа како прави горем скок напред? Неколку фактори допринесуваат кон ова гледиште, но исходот е далеку од извесен.

Кризата во 2008, што ја предизвика најострата глобална рецесија после кризата во 1929, очигледно произлезе од се поочигледните слабости на американскиот систем: прекумерна дерегулација, експлозија во нееднаквостите, задолженоста на најсиромашните. Поддржана од порамноправен и инклузивен модел на развој, Европа може да ја искористи приликата да промовира подобар систем на регулирање на глобалниот капитализам. Меѓутоа, недостигот на доверба помеѓу членовите на Европската унија, ограничен во строгите правила што се применуваат несоодветно, доведе до тоа да предизвикаат понатамошта рецесија во 2011-2013 од којашто тие дури сега излегуваат.

Доаѓањето на Трамп на власт во 2017 година укажува на дополнителни значителни недостатоци во американскиот модел. Ова го стимулира очекувањето од Европа, особено што развојот на алтернативните модели (Кина, Русија) не е оптимистичен, така да се каже.

Како одговор на овие очекувања, Европа, сепак, ќе мора да ги надмине бројните предизвици. За почеток, генералниот предизвик: глобалното паѓање кон нееднаквост. Европа нема да ги смири своите граѓани со тоа што ќе им објаснува дека тие се во подобра состојба од луѓето во Соединетите држави или во Бразил. Нееднаквоста се зголемува во сите држави, поттикната од влошената фискална компетитивност во служба на најмобилните, со Европа која ги потхранува пламените. Ризикот од културна изолација и протерување ќе биде единствено успешно решен ако ние успееме во да им понудиме на работничките класи и на помладите генерации  вистинска стратегија за намалување на нееднаквоста и инвестирање во иднината.

Вториот предизвик е поделбата Север-Југ која драматично се продлабочи во Еврозоната и која е базирана врз контрадикторни верзии на настани.  Во Германија и во Франција, луѓето продолжуваат да мислат дека Европската унија им помогна на Грците бидејќи им позајми пари по пониска каматна стапка од стапката што тие би морале да ја платат на финансиските пазари, но повисока од стапката што Европската унија ја плати да позајми на истите тие пазари. Во Грција верзијата е прилично различна: тие ја гледаат како голем финансиски профит. Вистината е дека чистката наметната врз државите од Југот во Европа, со драматичните сецесионистички последици во Каталонија, е директен резултат од кратковидната Франко-Германска егоцентрична визија.

Третиот предизвик е поделбата Исток – Запад. Во Парис, Берлин или Брисел, луѓето не можат да го разберат недостатокот на благодарност од страна на државите кои имаат корист од огромните јавни трансфери. Но во Варшава или во Прага, настаните се толкувани прилично различно. Тие истакнуваат дека стапката на поврат на приватните инвестиции од Западот е висока и дека приливот на профит кој денес им се плаќа на сопствениците на фирмите далеку ги надминува европските трансфери кои одат во другата насока.

Всушност, ако ги разгледаме бројките, тие имаат поента. По падот на комунизмот, западните инвеститори (особено Германците) постепено станаа сопственици на значителен дел од капиталот на поранешните Источно-европски држави. Ова изнесува приближно една четвртина ако го земеме предвид целокупниот фонд на фискален капитал (вклучувајќи домување), а повеќе од половина ако се ограничиме на сопственоста на фирмите (а уште повеќе за големите фирми). Истражувањето на Филип Новокмет покажа дека иако нееднаквоста не се зголеми толку силно во Источна Европа, како во Русија или во Соединетите Американски Држави, тоа е едноставно поради тоа што значителен дел од повисоките примања од капиталот на Источна Европа се иплаќаат во странство (што исто така личи на она што се случи со сопствениците на капиталот, пред комунизот, кои веќе беа Германци или Французи, а понекогаш Австријци или од Отоманската империја).

Помеѓу 2010 и 2016 година, годишниот одлив на профит и приходи од имотот (нето од соодветните приливи) на тој начин претставуваше просечно 4,7% од бруто домашниот производ во Полска, 7,2% во Унгарија, 7,6% во Чешка и 4,2% во Словачка, со што пропорционално се намалува националниот приход на овие земји.

За споредба, во истиот период, годишните нето-трансфери од Европската унија, односно разликата помеѓу вкупните добиени расходи и придонесите исплатени во буџетот на ЕУ, беа значително пониски: 2,7% од БДП во Полска, 4,0 % во Унгарија, 1,9% во Чешка и 2,2% во Словачка (како потсетник, Франција, Германија и Обединетото Кралство се нето-придонесувачи во буџетот на ЕУ од износ еднаков на 0,3% – 0,4% од нивниот БДП).

Се разбира, може разумно да се тврди дека западните инвестиции овозможија продуктивноста на засегнатите економии да се зголемат и затоа секој од нив има корист. Но, лидерите од Источна Европа никогаш не пропуштаат можност да потсетат дека инвеститорите ја искористуваат својата позиција на моќ за да ги држат платите ниски и да одржуваат прекумерни маргини.

Напротив, на ист начин како и со Грција, водечките економски сили имаат тенденција да ја сметаат нееднаквоста како природна. Тие функционираат на претпоставката дека пазарот и “слободната конкуренција” придонесуваат за правична распределба на богатството и сметаат дека трансферите кои произлегуваат од оваа “природна” рамнотежа се чин на великодушност од страна на победниците во системот. Во реалноста, имотните односи секогаш се сложени, особено во големите политички заедници како ЕУ, и не можат да се регулираат единствено со добрата волја на пазарот.

Овие противречности може да се решат само со интелектуално и политичко “реконструирање” на европските институции, придружено со нивна вистинска демократизација. Да се надеваме дека 2018 година ќе даде придонес.

Превод: Стефан Видиков

Линк до оригиналот.

Од редакцијата: Оваа колумна иако напишана и објавена на почеток на 2018 година, ја објавуваме поради рефлективните можности кои истата ги нуди во насока на премрежјата со коишто се соочуваат ЕУ, европските држави и економии и потребата за поголема распределба на економијата.

|2019-05-13T09:47:19+00:0013 мај 2019|Актуелно, Економија, Свет|