Тиииит! Инк. и Прво па женско веруваат во солидарноста која раѓа сојузи.

Јана Коцевска, Јана Старделова и Кристина Леловац

Дијалог со Тиииит! Инк. по повод осмото издание на „Прво па женско“

„Прво па женско“ е феминистички критички фестивал кој што се одржува во Скопје, а оваа година по осми пат што јасно ни укажува дека премисата „радоста е обврска“ на Тиииит! Инк. Кои го организираат Фестивалот, како што тие милуваат некогаш да се најават, е сфатена повеќе од сериозно. Оваа година геслото на „Прво па женско“ е „Жените се малцинство“, а во овој краток разговор со Тиииит! Инк. ќе се обидеме да разјасниме некои од прашањата што би требало да се запрашаат гостите кои што во понеделник на 17.8.2020 ќе треба да стигнат до местото каде што ќе се зборува за феминизмот, културата, жените, малцинствата и другоста.

Никола Шиндре: „Има една клучна историска забелешка, а таа е дека револуциите започнуваат кога жените ќе излезат на улица, така започнува Француската буржоаска, а така почнува и Октомвриската работничка, а сепак подоцна и со воспоставување на новите поредоци жените се повторно исклучени од одредени делови од власта. Како ова малцинство што е одлучувачко за револуциите да стане одлучувачко и за сопствената сегашност и иднина?

Тиииит! Инк.: Добро е да се присетиме на историскиот контекст и улогата на жените во настани кои доведувале до поголеми општествени промени. Денес се чини дека секоја поддршка почнува и завршува како прокламација, за подоцна да биде искористена за други цели (политички, потрошувачки, итн.). Зборувамe за тоа како важни општествени движења беа (и сè уште се) искористени за маркетинг цели и како поддршката на одредени заедници, на пример ЛГБТИ заедницата е повидлива во време на Прајд, преку изразено нудење производи во боите на виножитото. Затоа годинава преку слоганот Жените се малцинство се обидуваме да го продлабочиме прашањето на постоењето на жените како малцинство во различните типови простор (физичкиот, политичкиот, културниот, виртуелниот), во преден план му се посветуваме на интерсекционалниот пристап за кој веруваме дека е еден од клучните начини на тоа да се биде дел од промената, да се остане поврзан со својата заедница и истата да се претстави низ сите свои повеќеслојни идентитети.

Н. Ш. Општествениот систем во кој што живееме става голем товар на секој поединец. На капитализмот несомнено се надоврзува и патријархатот, па така жените имаат уште еден ред товар за кој што се очекува да го стават на своите раменици. Како да се борат жените против капитализмот и патријархатот, а како да се прават сојузи со мажите кои исто така се потиснати од хегемонијата на власта?

Тиииит! Инк. : Не само што едниот се надоврзува на другиот (капитализмот на патријархатот), туку тие и се хранат меѓусебно, а во таа констелација се на удар оние кои ги немаат вистинските гениталии, вистинската боја на кожата и не доаѓаат од вистинската класа. Во тој контекст Тиииит! Инк. и Прво па женско веруваат во солидарноста која раѓа сојузи. Од самиот почеток па до денес тоа што го споделуваме со македонската и странската публика се темели на солидарност. Длабоко веруваме дека сите борби со видливите и невидливите норми и системи мора да произлезат од некој отворен простор за дијалог. Многу често тоа звучи перформативно, меѓутоа доколку ги погледнете нашите настани и програми кои ги ко-креираме, тие секогаш вклучуваат и се посветени на различностите – жени, транс, сексуални работнички, етнички малцинства, мажи, итд. Веруваме дека здружувањето постои, фали просторот кој би овозможил тоа дополнително да се развие, да биде помоќно и да ги донесе долгоочекуваните и нужни општествени промени.

Н. Ш. Свеста кај малцинствата и кај исклучените за последиците од климатскита криза е на повисоко ниво. Жените поседуваат скоро третина од автомобилите во нашата држава, а сепак јавниот транспорт и гентрификацијата на градот сè уште не се третира како женско прашање. Како да се наметне овој дискурс во јавноста? Како да се освои јавноста и да може директно да се наметнуваат овие дискурси кои ја засегаат животната средина пред сè, а со тоа жените и сиромашните жени особено?

Тиииит! Инк.: Како организација која работи со и во заедницата сметаме дека единствени успешни модели за наметнување на некаков „малцински“ дискурс, промоција на истиот или поширока дискусија на оваа тема е преку активното вклучување на заедницата во сите процеси. Зборуваме за политички ангажман. Конкретно, во однос на прашањата кои ја засегаат животната средина сметаме дека е клучно да се промовираат локални иницијативи, не иницијативи кои заработуваат од својата зелена политика која почнува и застанува во ограничени и затворени кругови на луѓе. Во нашиот поширок регион се појавија алтернативни политички движења (на пр. хрватската иницијатива Možemo!) кои произлегуваат од активистички кругови и од заедницата и промовираат зелена и родово-еднаква програма со конкретни мерки. Се надеваме дека и кај нас наскоро ќе се случи таква промена.

Н. Ш. За да може сите овие борби да започнат да се водат, па да се добијат треба да се промени начинот на размислување, културата на живеење, градењето на однос со другиот. Како да почне да се гради таа култура на солидарност за да може да се носат промени кои ќе влијаат врз добробитта на секој поединец?

Тиииит! Инк.: Веќе со години е јасно – кај нас, но и глобално, дека живееме во раздвоени општества, па најчесто живееме и делуваме во круг на истомисленички_ци. Сметаме дека таа култура на солидарност треба да се темели на нудење отворен простор на оние кои се помалку привилегирани и немаат пристап до истиот. Во активностите кои ги ко-креираме се трудиме да не ја наметнуваме нашата позиција, длабоко веруваме дека привилегиите кои ги носиме мораме да ги делиме со оние кои ги немаат. Конкретно тоа значи дека во активностите и програмите даваме простор за израз и негово ко-обликување, било креативно или организациско. Така се гради културата на солидарност која е органска и која не е производ на сувопарни документи кои се пишуваат за некој да ја штиклира својата агенда на инклузивност. Овој пристап им го препорачуваме на сите кои сакаат да направат нешто повеќе за својата заедница. Споделете или откажете се од вашите привилегии, дадете им збор на оние кои го немаат и градете култура на солидарност и разбирање, дури и кога е таа поразлична од вашата.

Н. Ш. Многу од жените живеат во тешки материјални услови. Добро е што „Прво па женско“ се обидува низ феминизмот да ги застапува и различните барања на жените, односно ги почитува разликите помеѓу работничките и Ромките, сиромашните жени и транс жените. Деновиве почнуваат протести за покачувањето на цената на електричната енергија, од оваа одлука, а како и од сите други, жените ќе бидат најпогодени. Каква порака за протест против оваа хегемонија ќе се обидете да артикулирате на фестивалот?

Тиииит! Инк: Актуелниот контекст е секогаш преточен во програмата на „Прво па женско“, внимателно го следиме и на него реагираме. Годинава имаме програма која го промовира гласот на жените, како глас на малцинството, развиена земајќи го предвид прашањето за заштита на животната средина, загадувањето и климатската криза, но и на актуелната пандемија, во која се први на удар маргинализираните и ранливите.

„Прво па женско“ застапува преиспитување на динамиките и испреплетувањата на општествените категории и верува во феминистичко движење коешто се залага за создавање политики со поинаков пристап, каде не е доволно само исполнување на родовите квоти. Можеби ваквото дејствување се чини тешко остварливо, но феминистичкото движење мора да е бунтовно и истрајно.

И оваа година, преку „Прво па женско“ се залагаме за борба што е истрајна, специфична и ослободена од наметнатите општествени стеги и модели на однесување. Наместо да му повладуваме на патријархалниот свет и живот, повикуваме на кршење на стегите и осмислување и освојување на просторите на слобода.

|2020-08-13T10:27:12+00:0013 август 2020|Актуелно, Култура|